1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Гостивар „шампиони“ по кражби на струја

ДТЗ
24 август 2024

Малите казни не ги плашат крадците кои се одлучуваат на диво да се приклучат на мрежата и покрај бројните ризици. Годинава се поднесени 312 пријави, а процесуирани се само 103 судски постапки за кражба на струја.

струја
Малите казни не ги плашат крадците кои се одлучуваат на диво да се приклучат на мрежата и покрај бројните ризициФотографија: picture-alliance/dpa/S. Tcarnaev

Милиони евра штета предизвикуваат кражбите на струја, коишто станаа редовна појава во Северна Македонија. Скопје и Гостивар се два града шампиони по кражби на струја. На ваквиот ризичен потег се осмелуваат и поединци и фирми, коишто се надеваат дека на тој начин ќе го избегнат плаќањето на сметките. Неказнивоста или малите казни коишто им се изрекуваат на оние коишто ќе бидат фатени дека нелегално се приклучиле на електродистрибутивната мрежа, не ги заплашуваат крадците на струја. Иако еднаш веќе биле откриени, многумина повторно се одлучуваат на „диво“ да се приклучат на мрежата. 

Во моментов најмногу случаи на кражби на струја има во селото Сингелиќ, Серава, Дижонска, Сарај, селото Лисиче и неколку скопски градски подрачја. За дел од овие локации со години наназад се зборува дека се центрите за копање биткоини во Северна Македонија. 

„Копањето на криптовалутите претставува трошење на огромно количество на електрична енергија. Токму затоа, копачите на криптовалути со цел да го зголемат својот профит, честопати се одлучуваат да ги манипулираат броилата“. велат за ДВ од Електродистрибуција. 

Покрај кражбата на струја и штетите кои ги предизвикуваат, копачите на криптовалути ја преоптоваруваат електродистрибутивната мрежа, оставајќи повеќе корисници и населби во мрак. Во екстремни случаи, преголемото оптоварување на системот за копање  биткоини може да доведе и до пожар. 

Преголемото оптоварување на системот за копање биткоини може да доведе и до пожарФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture-alliance

Од 312 пријави - покренати 103 постапки 

Неовластеното преземање на електрична енергија претставува кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ согласно член 235-а од Кривичниот закононик со кој е дефинирано дека „тој што со приклучување без согласност на соодветниот оператор на системот, со преземање пред уред за мерење, со отстранување, онеспособување, премостување, промени и слично ракување со уред за мерење или на друг начин неовластено ќе користи електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, со намера за себе или друг да прибави противправна имотна корист, ќе се казни со казна затвор или парична казна“.

За правните лица е предвидена парична казна, а за физичките лица е предвидена казна затвор до три години и парична казна. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема, тогаш е предвидена казна затвор до пет години и парична казна.

Од Електродистрибуција за ДВ велат дека од почетокот на 2024 година се поднесени 312 пријави за неовластено користење на електрична енергија, но досега се процесуирани 103 судски постапки за кражба на електрична енергија.

„Кражбите не се извршуваат само од физички лица. Сѐ повеќе расте и бројот на правни субјекти со големи приходи што во голема мера неовластено користат електрична енергија“, вели за ДВ портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими.

Тетовската полиција деновиве поднесе кривична пријава против жител на селото Камењане поради кражба на електрична енергија. Тој уште лани ја преместил мерната опрема, при што извршил директно врзување на електрична мрежа без мерење, со што на ЕВН Македонија предизвикал материјална штета од над 230 илјади денари. 

Пријава доби и полициски инспектор од Струга за кражба на струја од бандера на ЕВН. Како што деновиве информираше МВР, тој неовластено се приклучил на бандерата преку електрично броило поставено во куќата на неговиот починат татко, од каде бил пуштен кабел за електрична енергија до неговата куќа. 

Со користење на интелигентни алатки и решенија, може да се открие секаков вид на манипулации и влијанија во мрежатаФотографија: Fotolia/kritiya

Кражбите видливи - сторителите не се откажуваат 

Според статистиката на компанијата, дури една четвртина од сторителите во 2024 година се рецидиви, а истото дело го повториле во период од 3-4 години. „Ваквата голема бројка на повторување на делото е сосем загрижувачка и алармантна, а е резултат на несоодветното казнување односно изрекување на најлесни можни казни, или на целосно неказнување на сторителите од страна на судовите“, сметаат од Електродистрибуција.

Според нив, огромен број на овие сторители сега си дозволуваат дури и директно да се поврзат со кабел во нисконапоските столбови, што подразбира дека нивните кражби се на отворено, лесно се препознаваат и се потполно видливи за општеството и институциите. 

„Електродистрибуција со користење на интелигентни алатки и решенија е во можност да открие секаков вид на манипулации и влијанија во мрежата, а после откривањето веднаш следува поднесување на соодветни кривични пријави за сите сторители без исклучок. Компанијата е целосно посветена на документирање и процесуирање на сите неовластени користења на електрична енергија“, вели Вјоса Селмани. 

Најголеми загуби во Скопје и Гостивар 

Најголеми загуби на електрична енергија од кражби има во Скопје и во Гостивар. 

„Секако, загубите се присутни и во други градови како Куманово, Струмица,Прилеп и слично. Моментално како локации со најголеми загуби се селото Сингелиќ, Серава, Дижонска, Сарај, селото Лисиче, неколку скопски градски подрачја и други“, велат од ЕВН.

Со цел да се избегнат ваквите појави компанијата започна со реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа на повеќе локации и тоа во Арачиново, Грчец, Драчево, Слупчане и слично. Ваквите зафати следат откако во 2022 година беше обелоденето дека само во Општина Арачиново за една година биле украдени или не се плаќала струја во вредност од 6 милиони евра, а околу 50 милиони евра беше вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион за една година. Загуби на струја има и во други општини како .на пример Куманово - 16%, Тетово - 12%, Гостивар 19%, Кичево 12%... 

Минатата година имаше тензии и во липковското село Слупчане, каде на екипи на ЕВН не им беше дозволено да влезат во селото, за реконструкција на мрежата. Ова село важи за еден од најголемите неплаќачи на струја. Ланските пресметки беа дека вкупните годишни загуби поради кражбите во село Слупчане изнесуваат над 1 милион евра, односно околу 6 GWh. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.

Со цел да се избегнат кражби, ЕВН започна со реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа на повеќе локации и тоа во Арачиново, Грчец, Драчево, Слупчане и сличноФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Физички напади и закани

„Електродистрибуција од 2010 година, а особено во последните години е посветена на спроведување на проекти за реконструкција и модернизирање на дистрибутивната мрежа. Овие проекти освен што се во интерес на корисниците и овозможуваат стабилно снабдување со електрична енергија, придонесуваат и во намалувањето на загубите и елиминирањето на кражбите. За жал, и по многуте успешни приказни за целосна реконструкција на дистрибутивната мрежа, праксата покажала дека по извесно време екипите на компанијата повторно се соочуваат со истите проблеми и опструкции кои во поголемиот дел ги предизвикуваат истите проблематични корисници“, вели портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими.

Вработените на компанијата неретко се соочуваат и со физични напади во текот на работењето и закани кои не завршуваат и по отстранувањето на нелегалните приклучоци. „Одредени проблематични лица ги фотографираат вработените на ЕВН при извршување на работните обврски, со цел и понатаму да продолжат со вршење психолошки притисок врз нив“, додава Селими.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми