Скопје се гуши во губре - какви решенија се нудат?
22 септември 2025
Чисто, урбано и модерно Скопје - ова е визијата која што ја нудат кандидатите за градоначалници за главниот град, којшто и изутрината се разбуди со контејнери преполни со отпад и ѓубре расфрлано на сите страни. Ваква глетка можеше да се забележи во повеќе скопски населби, за што граѓаните алармираа споделувајќи фотографии и видеа на социјалните мрежи.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочи дека Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ не ја врши работата за која е плаќано од граѓаните. Во видео обраќање на Фејсбук, од пред преполнетите контејнери во центарот на градот, Герасимовски рече дека хигиеничарите од ПОЦ повторно ја вршат работата на скопското комунално претпријатие, како во изминатите неколку години.
„Ова понеделничко утро, центарци се будат во ѓубре. Целата општина е полна со смет, нашите хигиеничари се постојано на терен, го сработуваат сето она што ‘Комунална хигиена’ не го сработува изминативе години“, вели градоначалникот на Центар.
Проблемот со сметот во главниот град се повлекува со години наназад, а решавањето на овој горлив проблем ќе им остане и како обврска и на идните градоначалници на скопските општини и по локалните избори во октомври.
„Град без депонии“
Градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски деновиве им порача на скопјани дека стои пред нив не како политичар што ветува чуда, туку како човек - како некој кој секое утро дише ист воздух, заглавува во ист сообраќаен метеж и ги гледа истите депонии.
„Сакам да го видам Скопје како град во кој нашите деца ќе растат во чиста и здрава средина“, вели Ѓорѓиевски, кој смета дека неговата визија за Скопје е „голема и остварлива“.
„Нови паркови и зелени коридори, со кои ќе го претвориме сивилото во зелена оаза. Вистински јавен превоз, нови булевари, катни гаражи и ред во сообраќајот. Подобри училишта и поддршка за младите - затоа што тие се иднината на Скопје. Смарт решенија и дигитални услуги, затоа што Скопје заслужува да биде модерен европски град“, ветува кандидатот за градоначалник.
Тој е уверен дека Скопје може да биде град без депонии, со чист воздух, со нови паркови, современи училишта, функционален јавен превоз и уреден урбанизам.
15 паркови за 15 месеци
Паркови место депонии и ѓубре - најавува и кандидатката на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, која ветува дека за три месеци ќе го исчисти Скопје. Поранешната министерка за животна средина неодамна рече дека ситуацијата е критична: „Четири години гледаме како градот тоне во отпад. Скопје мириса како никогаш досега, загаденоста и прашината се секојдневие, а отпадот шири болести.Граѓаните се жалат, а моменталната администрација не реагира“, оцени таа. .
Шукова најави модернизација на системот за управување со отпад, нови возила за побрзо и поефикасно собирање, повеќе претоварни станици за скратување на времето за транспорт до Дрисла, поставување на паметни контејнери со сензори за следење на нивната исполнетост во реално време и јасен јавен распоред за собирање отпад, по видови и по денови.
Според неа, Хартијата, стаклото, пластиката, алуминиумот и градежниот шут ќе се третираат како ресурс што повторно ќе се користи, а не како отпад што загадува“. „Граѓаните плаќаат за чист град – и ќе го добијат“, ветува Шукова, која најави дека во првите 15 месеци ќе започне реализацијата на планот за 15 нови паркови низ сите скопски општини и засадување на 10.000 дрва, вклучувајќи и овошни садници.
Место да се чисти градот - се прават пазари
„Добро утро Скопје! Ако секое утро се туширате и спаструвате за да излезете од дома, такa е и со градот... Секое утро треба да е спастрен и дотеран за граѓаните.Нема филозофија во чистиот град, само добра организација, математички прецизна и инженерски точна“. Вака независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски, кој е поддржан од „Независни заедно“, ја коментираше состојбата во главниот град, кој повторно е затрупан во смет.
Во ситуација кога скопјани ги пречекаа преполни контејнери со отпад, тротоари по кои не можат да се движат ученици и родители, затоа што се полни со ѓубре, Марковски критикува дека повторно се прават договори за поделба на директорски места.
„Тоа не е концепт за развој на Скопје туку продолжување на „политиката на пазарење“, вели тој, посочувајќи дека е време да се зборува за вистински луѓе на вистински места, а не директорите однапред да се договараат.
„Мојот предлог, планот на „Независни заедно“ е директорите на претпријатијата да се бираат на јавни конкурси (кои нема да бидат фарса), бодување по квалитет на кандидати за директори, следење на нивната работа и замена ако не испорачуваат резултати“, вели Марковски.