Скопје воведува ноќна забрана за отпад – казни до 1.800 евра
17 ноември 2025
Што предвидува новата одлука?
Од полноќ (18 ноември) стапува на сила мерката со која во Скопје е забрането фрлање комунален отпад во контејнерите од 22:00 до 06:00 часот. Прекршителите ќе се соочат со парична казна од 50 евра за физички лица, а за правни субјекти казните се движат од 1.300 до 1.800 евра, зависно од типот на отпад.
Како ќе се спроведува контролата?
Градските инспектори и комуналните редари ќе патролираат низ улиците на Скопје, прво со опомени, а потоа и со казни. Во контролите ќе бидат вклучени 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 редари. ЈП „Комунална хигиена“ нагласува дека мерката е насочена кон правните субјекти кои најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови.
Ноќна патрола
Во пресрет на контролите, премиерот Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски беа во обиколка на главниот град.
„Улиците и плоштадите чисти, полни со посетители - ја нема онаа лоша слика на која навикнавме. И никогаш повеќе нема да се повтори!“, објави на Фејсбук, скопскиот градоначалникот Ѓорѓиевски.
Реакции од јавноста и ЗХГ
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) остро реагира на одлуката, оценувајќи ја како небулозна и без реална корист за граѓаните. Според нив, приоритет на градската администрација се контејнерите, а не борбата против аерозагадувањето. ЗХГ потсетува дека Скопје се соочува со сериозно загадување, а надлежните не преземаат доволно мерки за спречување на проблемот.
„60 инспектори ќе нè контролираат за тоа како го фрламе ѓубрето, додека се труеме од аерозагадување“, велат од ЗХГ. Иницијативата бара зајакнување на инспекторатот за животна средина и воведување трета смена за контрола на загадувачите.
Што следува понатаму?
Град Скопје најавува дека мерката ќе биде следена и, доколку се покаже како неефикасна, ќе се коригира. Целта е да се помогне на ЈП „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот и да се воведе ред во одлагањето на отпадот.