1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје се гуши во смет- кој ќе одговара?

ДТЗ
10 јули 2023

Катастрофа му се случува на главниот град Скопје кој со денови е затрупан во ѓубре поради протест на вработени во „Комунална хигиена“ кои бараат повисоки плати и враќање на отпуштени работници

контејнери Скопје
Катастрофа му се случува на главниот град Скопје кој со денови е затрупан во ѓубреФотографија: Boris Georgievski/DW

Катастрофа му се случува на главниот град Скопје кој со денови е затрупан во ѓубрепоради протест на вработени во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кои бараат повисоки плати и враќање на отпуштени работници, за кои што надлежните тврдеа дека не доаѓале на работа, а земале плата. Додека скопјани се гушат во отпад и смрдеа, партиите се препукуваат кој е одговорен за ваквата ситуација. Градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска ќе одржат состанок на кој ќе расправаат за состојбата со хигиената во Скопје, откако градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои добија помош и од другите градови, почнаа сами да го чистат насобраното ѓубре. Ситуацијата ескалираше во неделата во ноќните часови (09.07), при полициска интервенција да се ослободи патот од групата која протестира пред претпријатието и да се овозможи на камионите да излезат на терен и да го соберат сметот. 

Вработените во „Комунална хигиена“ кои протестираа пред претпријатието, тврдеа дека тројца нивни колеги се повредени при полициската интервенција. Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски во изјава за медиумите рече дека решението на проблемот не треба да се бара на ваков начин, туку преку дијалог и преговори на маса. Тој им се извини на граѓаните на Скопје затоа што не е исчистен сметот, но вели дека и вработените во „Комунална хигиена“ подолг период имаат проблеми. 

 

Градоначалниците ги засукаа ракавите  

Градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска треба да расправаат за решавање на проблемот, откако дел од нив веќе започнаа сами да го чистат сметот.

„Ги преземаме работите во наши раце, општина Центар започнува да ја чисти општината и да го собира сметот самостојно“, најави градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, откако претходно ги засукаа ракавите и градоначалниците на Аеродром, Кисела Вода и Бутел.  

„Апелирам Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен. Состојбата во Центар е алармантна!“, порача Герасимовски. 

Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцински побара помош од колегите од Штип, а градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски добил ветување дека ќе добие механизација и работници од Велес за да спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре.

Кој е крив? 

Ситуацијата во главниот град ја разгоре вербалната „војна“ меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Арсовска синоќа обвини дека мафијашки структури неколку дена ја блокираат работата на ЈП „Комунална хигиена“ поради лични интереси. „Се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена и тоа трета смена во претпријатието спротивно на закон и на колективниот договор. Поголем дел од нив кои биле вработени на овој начин воопшто не се појавувале на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски. Сега дел од истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваат сите останатите 1.300 вработени да можат да ја извршуваат својата работа. Иако нема законски најавено штрајк, иако поголем дел од овие лица повеќе не се вработени во ова претпријатие, тие сепак извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска. 

Христијан Мицкоски е разобличен затоа што за бескруполозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните, вели Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оваа ситуација, според неа, ја искористиле градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени. „Сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека вечерва е разобличен затоа што за бескрупулозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните, а потоа сака да се претставува дека ги решава. Таквите политичари се најголемото ѓубре што овој град ги видел и ние вечерва со чистењето на ѓубрето ќе почнеме да ги чистиме и нив“, рече Арсовска. Таа презентираше документ дека од една фамилија во „Комунална хигиена“ биле вработени над 40 лица, а од друга фамилија над 30 лица. 

Партиите се препукуваат

Мицкоски претходно од општина Бутел апелираше до надлежните во Дрисла да дозволат одложување на сметот посочувајќи дека општините се подготвени да го платат тоа, иако тие не се надлежни за тоа туку „Комунална хигиена“. Тој ги повика Владата, Градот Скопје и Комуналното претпријатие да ја остават политиката на страна да бидат над ситуацијата. 

„Скопјани заслужуваат чист град и хигиена. Оставете ја политиката, дајте да го исчистиме градот, срамота е ова што се случува“, рече Мицкоски. 

„Скопјани заслужуваат чист град и хигиена. Оставете ја политиката, дајте да го исчитиме градот, срамота е ова што се случува“, рече Мицкоски.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, според СДСМ, токму Мицкоски е одговорен за тоа што Скопје се дави го ѓубре. „Затоа Мицкоски излегува и глуми загрижен, неговото појавување покажува дека знае, негова е одговорноста за хаосот во Скопје со ѓубрето. Неспособната локална власт на ДПМНЕ создаде невиден хаос, Скопје со денови се гуши во ѓубре“, велат од владејачката партија. 

Според нив, неспособноста и неработата на градоначалниците на ДПМНЕ во другите општини во Скопје се исто така дел од проблемот во главниот град. ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во советот, управните одбори се сите во нивни рацете. Директор на „Комунална хигиена“ е Косана Николиќ Мазнева, која според партијата е „кадар на Мицкоски, поранешна пратеничка на ДПМНЕ која на директорското место дојде од неговиот кабинет каде беше негова советничка“. 

Вработени од „Комунална хигиена“ од петокот (07.07) протестираат поради отпуштање на дел од колегите и барање за повисоки плати и исплата на К-15. Поради протестот, од петокот не е собран сметот во главниот град.  Директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева им вети на вработените дека ќе добијат К-15, но дека разговорите ќе продолжат неделава. Таа деновиве на прес-конференција информира дека нема да дозволи политички центар да ја контролира работата на ова претпријатие и дека се поднесени пријави до МВР и до Обвинителството за заканите по живот кон неа и кон други вработени. 


 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми