1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слоницата Дуња евтаназирана - каква судбина ја чека Даела?

ДТЗ
7 август 2024

Смртта на една од двете слоници во скопската зоолошка градина предизвика голем интерес во јавноста. Партиите критикуваат дека е страшно и жално тоа што се случува во скопската ЗОО, која е претворена во хорор филм

африкански слон
Слоницата Дуња евтаназирана - каква судбина ја чека Даела?Фотографија: picture-alliance/dpa

Смртта на една од двете слоници во скопската зоолошка градина предизвика голем интерес во јавноста. Граѓаните и партиите бараат одговори од надлежните што се случува во Скопје ЗОО, особено откако за случајот се дозна од видео коешто кружеше на социјалните мрежи од транспортот на починатата азиска слоница Дуња до депонијата Дрисла. Во недостиг на официјални информации, тоа предизвика бројни реакции во јавноста и ги подгреа шпекулациите дека се прикрива уште една смрт во зоолошката градина - овојпат на слоницата миленичка на најмладите посетители на Скопје ЗОО.

Од Зоолошката градина велат дека неопходно било таа да се подложи на евтаназија, бидејќи била во длабока старост и изнемоштеност. „Ниту еден третман ниту операција не можеше да ја спаси“, велат од Скопје ЗОО. 

Партиите, пак, сметаат дека е страшно и жално тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. Местото кое до пред три години беше на сите насловни страници во светски медиуми, кое беше пример за добар менаџмент и грижа за животните, според опозициската СДСМ сега е претворено во хорор филм.

Новите жители на скопското Зоо

01:14

This browser does not support the video element.

Од шведски патувачки циркус до „пензија“ во Скопје

Слоницата Дуња најголем дел од својот живот го има поминато во шведски патувачки циркус, патувајќи низ цела Европа. Со забраната за користење на животни во циркуси точки, две слоници - Дуња и Даела патуваат во Белгија, во еден од најубавите паркови за слонови во светот- „Pairi Daiza". Поради трауматичното минато е одлучено дека двете слоници нема да можат да живеат во социјална група со други слонови. Поради тоа, во септември 2018 година тие доаѓаат во Скопје за да ги живеат нивните „пензионерски денови".

Се до вторникот (06.08) кога е донесена одлука за евтанација на слоницата Дуња. Од скопската ЗОО велат дека одлуката е донесена заедно со сопствениците коишто ја позајмиле на зоолошката, како и во консултација со тим експерти (ветеринар, офтамолог и сениор зоо негувател на тимот за слонови) кои изминатите денови ја прегледувале слоницата.

„„Последнава година слоницата Дуња појавуваше симптоми на длабока старост и изнемоштеност и се констатираа повеќе здравствени проблеми, типични за шеестгодишна слоница. Дуња скоро и да не гледаше, имаше проблеми со вилицата и забите, а ден претходно беше направен преглед и констатиран е комплексен дентален проблем“, велат од Скопје ЗОО.

За судбината на Даела дополнително ќе се одлучува

За процесот на обдукција и останките, од Зоолошка градина Скопје уверуваат дека ги следеле законите и правилата, како и консултации со тим од Факултетот за ветеринарна медицина.

Во зоолошката останува само африканска слоница Даела, за чиј статус дополнително ќе се одлучи заедно со европската група за слонови.

„Негрижа и уништување“

Но, според СДСМ, страшно и жално е тоа што се случува во скопската Зоолошка градина. Информацијата дека угинала слоницата, според нив, е кулминација на негрижата и уништувањето на зоолошката градина.

Во последните месеци и години угинаа многу животни, две жирафи, тигар, коњи и други животни. „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа заради бизнис интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност“, велат од СДСМ. 

И Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бара одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата.

„Бидејќи не станува збор за прв случај, да потсетиме дека само пред некој месец угинаа жирафите, тигрицата, пингвин, кланицата со расните коњи а прашање на време е кое животно ќе биде следно со оглед на третманот и условите кои ги добиваат животните од страна на директорот и менаџментот на Зоолошката градина под директно управување од градоначалничката Данела Арсовска и градот Скопје“, велат од партијата..

ЛДП бара итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи во врска со овие инциденти се со цел да се гарантира безбедноста и благосостојбата на животните во Зоолошката градина, но и на посетителите кои го користат ова место за рекреација.

 

Слон кој лупи банани

00:43

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми