1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопски градоначалници се против онлајн настава

ДТЗ
26 септември 2022

Додека едни сметаат дека со онлајн настава ќе се заштеди струја, други се категорично против идејата за затворање на училиштата во текот на зимата. Официјална одлука сѐ уште нема.

училиште настава ученици
Додека едни сметаат дека со онлајн настава ќе се заштеди струја, други се против идејата за затворање на училиштата Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Скопските градоначалници стануваат сѐ погласни во барањето да продолжи наставата со физичко присуство на децата и покрај стравувањата од енергетската криза, мерките за штедење и опасноста да останат ладни радијаторите во училниците. Тие бараат Владата, преку Министерството за образование и наука, да обезбеди зголемување на блок дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, а да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики. 

„Настава со физичко присуство е единствена форма на одржување настава која ќе создаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование.Ова мое тврдење се потврдува и со искуството кое го стекнавме за време на пандемијата кога се реализираше онлајн-настава во Македонија, која не даде задоволителни резултати“, вели градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој е категорично против идејата за онлајн настава и затворање на училиштата во текот на зимата. 

Тој посочува дека за време на пандемијата секојдневно биле сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа одржување настава и со денови. „Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување онлајн-настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн-настава и што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци?“, вели Стефковски во објавата на социјалните мрежи.

Нема да се дозволи затворање на училиштата

На иста линија размислува и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Од општината соопштија дека е неопходно наставата да се одвива со физичко присуство.

„Општината Аеродром ќе ги преземе сите неопходни чекори со цел младите да можат да посетуваат редовна настава и да не се загрози образовниот процес. Вклучително и преземање на целиот товар кој ќе произлезе од трошоците за обезбедување настава со физичко присуство, доколку биде наложено од страна на централната власт“, велат од  Општината, каде веќе се преземаат мерки за штедење електрична енергија. Сите основни училишта беа опремени со фотоволтаици со што се зголеми нивната енергетска независност и значително се намалија трошоците, а неколку училишта добија енергетски ефикасни фасади.

Неодамна и Владата излезе со став дека во интерес на учениците е настава со физичко присуство.

Организирањето на трошоците за загревање на училиштата е во надлежност на локалната самоуправа и за тоа од Министерството за образование и наука се исплаќаат дотации до општините. Според Арсовски, тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата.  

Поради енергетската криза, градоначалниците од Полошкиот регион побараа зимскиот распуст да трае два месеца или евентуално да има онлајн настава. Според градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, целта е да се заштеди во време на криза, кога сметките за струја се зголемени за неколкупати.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми