1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ингеренциите на Данела Арсовска на климави нозе

ДТЗ
14 август 2024

Скопските градоначалници ја повикуваат Данела Арсовска да даде оставка, откако премиерот најави дека ќе се разгледа можноста за одземање на нејзините ингеренции. Таа, пак, бара да престане „политичкиот терор“.

Данела Арсовска
Ингеренциите на скопската градоначалничка на климави нозеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ингеренциите на скопската градоначалничка Данела Арсовска се на климави нозе. Скопските градоначалници по координативниот состанок ја повикаа Арсовска да поднесе оставка поради негрижа за градот и побараа Владата да и ги одземе ингеренциите за Комунална хигиена и Паркови и зелено.

„Бараме Бладата да назначи владин повереник за двете претпријатија и да започнеме нивна трансформација и предавање на надлежностите и обврските на секоја од скопските општини“, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на чија иницијатива се одржа состанокот. Предлогот за одземање на ингеренциите ќе биде испратен до премиерот Христијан Мицкоски и до Министерството за животна средина. 

„Ако Арсовска не поднесе оставка ќе мораме да ги чекаме редовните избори“, рече градоначалникот на Општина Кисела Вода. 

Ваквата иницијатива следи откако ВМРО-ДПМНЕ остро ја нападна скопската градоначалничка за целосна негрижа за градот. Премиерот Христијан Мицкоски веќе најави дека Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на ингеренциите од страна на Градот Скопје со цел да се изнајде решение за проблемите со хигиената во градот, јавниот превоз и бројни други прашања. 

Скопските градоначалници бараат Владата да и ги одземе ингеренциите на Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Рок од една недела 

Премиерот  во вторникот (13.08) од Општина Аеродром порача институциите што се под надлежност на Град Скопје да си ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. Тој и даде рок на Арсовска од една недела, а доколку нема напредок  рече дека ќе се разгледаат можностите за одземање на нивните ингеренции. 

„Секојдневно до нас граѓаните реагираат. Ова прашање ќе го отворам на следната седница и ги повикувам надлежните во „Комунална хигиена“, во градот Скопје да работат за што се платени, за кое што ги плаќаат граѓаните, бидејќи ова што денеска се случува во Скопје личи на се, само не на главен град на држава, која што е дел од НАТО Алијансата и држава кандидат за членство во ЕУ. Мора да си го поставивме прашањето кое што е суштински важно, не што зборуваме, туку што правиме во име на тие вредности“, изјави Мицкоски.

Неговата најава дека треба да се размисли за идејата секоја од општините да добие право да формира свое комунално претпријатие и да ги наследи основните средства од ЈП „Комунална хигиена“, е прифатлива и за скопските градоначалници, кои бараат трансформација на овие претпријатија. 

Од Градот Скопје, пак најавија дека до крајот на неделата започнува вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија под негова надлежност.

„Справувањето со корупцијата и непотизмот во јавните претпријатија е едно од основните предизборни ветувања на градоначалничката Данела Арсовска. Резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за истите ќе бидат известени и соодветните надлежни институции“, соопштија од градот. 

Скопје се гуши во ѓубреФотографија: Boris Georgievski/DW

Арсовска го вперува прстот кон Мицкоски

Додека владејачката партија, со чија помош Арсовска дојде на градоначалничката позиција, со сите сили се обидува да издејствува нејзина оставка, таа прстот за одговорност за состојбите во главниот град го вперува кон премиерот и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Арсовска го вперува прстот за одговорност кон Христијан МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

„Десет месеци Советот на градот, под контрола на Мицковски намерно не ја гласа програмата за јавна чистота на Комунална хигиена со што директно го попречува собирањето на смет и ја намерно ја нарушува јавната чистота. Се работи за 100 луѓе кои во период од 20 години наназад редовно, секоја година го чистеле градот, освен оваа година. Советниците под контрола на Мицковски за оваа своја партиска послушност за секоја седница добиваат по 500 евра. Единствен губитник во оваа политичка игра на акумулирање на моќ се граѓаните на Скопје“, вели градоначалничката. 

„Целата операција на Мицковски всушност е покривање на изневерените политички и национални ветувања, кои што бев дел од фолклорот на митинзите и по штабовите, како и на сите негови прес конференции. Ја поздравуваме најавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски и го охрабруваме во најбрз можен рок да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град, кои што ги креираше“, порача Арсовска.

Од Градот Скопје апелираат Мицковски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на град Скопје кои трета година по ред свесно и за политички поени ја кочат работата на јавните претпријатија.

„Апелираме Мицковски да ги убеди советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, проект кој заедно со градоначалничката Арсовска го ветуваше на скопјани. Апелираме советниците навремено да ги гласаат програмите за работа на јавните претпријатија со цел да не се кочи нивната ефикасност, апелираме Мицкоски да преземе одговорност и за свесното блокирање на претпријатијата....Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови. Апелираме да се стави крај на политичкиот терор, и сега како одговорна владејачка партија, Мицкоски да преземе одговорност за состојбите во главниот град за кои најзаслужни се советниците и членовите на Управните и Надзорните одбори на градските јавни претпријатија“, порачаа од Градот Скопје. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми