1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скрининг за рак на дебело црево: Превенцијата спасува животи

Даниела Трпчевска-Зафировска
17 февруари 2024

Се прават последните подготовки за скрининг колоноскопија на 5.000 жители на Скопје на 50-годишна возраст. Пилот-проектот ќе трае една година. Целта е рано откривање на болеста.

Колоноскопија
На Kлиниката за гастроентерохепатологија започнува пилот- проект за скрининг колоноскопија на популацијата над 50 години за рак на дебелото цревоФотографија: Klaus Rose/dpa/picture alliance

Клиниката за гастроентерохепатологија ги прави последните подготовки пред почетокот на пилот проектот за скрининг колоноскопија на популацијата на 50 години за рак на дебелото црево. Амбициозниот проект, кој се најавува веќе извесно време, треба да трае една година и веќе се дефинираат неговите контури. Со него се планира да бидат опфатени 5.000 лица во Скопје кои се на 50-годишна возраст. Матичните лекари се должни да ги повикаат и да ги информираат пациентите за скринингот кој ќе се спроведува годинава. Оние што ќе се согласат, веднаш ќе бидат упатувани во специјална амбуланта на Клиниката за гастроентерохепатологија, која ќе биде опремена со најсовремени апарати. 

За таа цел, како што информираат од Министерството за здравство за ДВ, набавена е современа апаратура за изведување гастроскопија со колоноскопија, во кој е инкорпорирана и вештачка интелигенција со цел да се минизмизира можноста од грешка, во вредност од 10.614.230 милиони денари.

Целта е рано да се детектира болеста и да се превенира нејзиното ширење. Без организиран скрининг се превидува и пропушта раното дијагностицирање и сигурно излекување, а се дозволува развој на напредната и смртоносна болест. Во таа фаза, здравствениот систем троши многу (ангажира кадар, испитувања, лекови), а за возврат добива слаб ефект и кратко преживување на пациентите.

Целта е рано да се детектира болеста и да се превенира нејзиното ширењеФотографија: Petr Stojanovski

Фокусот е на превенцијата

Превенцијата може да спаси многу животи. Ова е пораката која што ја испраќаат докторите во пресрет на март – месецот на колоректален карцином. Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори.

Бројките растат и во Северна Македонија – и на новозаболени, но и на починати коишто во поодмината фаза побарале лекарска помош. Од здруженијата коишто им даваат поддршка и совети на пациентите заболени од рак, но и на нивните семејства, велат дека овие болести сѐ уште се „табу тема“.

Граѓаните често не ги препознаваат симптомите, матичните лекари се случува да ги лечат со антибиотици и ги смируваат дека „не им е ништо“, додека болеста зема замав. Клиниките се полнат со болни, а онколозите во разговор за ДВ велат дека немаат ниту ресурси ниту лекови за да се справат со напливот на новозаболени. Надежите се дека со скрининзи ќе се сопре галопирачкиот поход на канцерот.

„Скринингот ќе спаси и човечки животи и ќе заштеди пари“, вели за ДВ директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, д-р Калина Гривчева Старделова.

„Скринингот ќе спаси и човечки животи и ќе заштеди пари“, вели за ДВ директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, д-р Калина Гривчева СтарделоваФотографија: Privat

Трет најчест вид на рак во светот

Скринингот ќе се спроведува во период кога бројот на заболени од канцер рапидно расте, а колоректалниот карцином се смета дека е трет најчест вид на рак во светот.

М-р д-р Вјоса Речица, специјалист по социјална медицина, посочува на десетгодишнот извештај на ИЈЗ, во кој се наведува дека во периодот од 2012-2021 во земјата просечно годишно има по 6.908 нови случаи, односно на 100.000 население има 333 случаи. Статистиката покажува дека 54,2 % од случаите се мажи, додека 45,8% се жени. Околу 87,92% од случаите на рак се меѓу популацијата која е постара од 50 години, од кои помеѓу 50 и 60 години се 18,64%. Околу 0,35% од случаите на карционом се јавуватaт кај деца и адолесценти помлади од 15 години.

„Најзастапени дијагнози во период од десет години кај целото население се малигната неоплазма на бронх и бел дроб со 12,56% од вкупно пријавените случаи, потоа следи малигна неоплазма на дојка, други малигни неоплазми на кожата, колон, желудникот“, посочува д-р Речица.

Според податоците од 2021 година, во Северна Македонија има 747 нови случаи на рак на дебело црево (колон, ректум и сигма). Секоја година во земјата од оваа болест умираат околу 500 луѓе или 482 во 2021 година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт од малигни тумори и кај мажите (303) и кај жените (179) и ја прави социо-медицински проблем.

„Ракот предизвикува 20%, од смртните случаи во европскиот регион. Со повеќе од 3 милиони нови случаи и 1,7 милиони смртни случаи секоја година, ракот е втората причина за смртност и морбидитет во Европа после кардиоваскуларните болести. Ракот во многу случаи може да се избегне, а раното откривање значително ги зголемува шансите за излекување“, вели за ДВ проф. д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според неа, познато е дека раното откривање на болеста може да спречи најмалку една третина од сите видови на карциноми. Во овааа група спаѓаат некои од најчестите видови, вклучувајќи карцином на дојка, колоректален и цервикален карцином. Овие видови канцери би можеле да се излечат доколку се откријат во рана фаза.

Од Институтот за јавно здравје во разговор за Дојче веле најавуваат дека наскоро треба да бидат сумирани и податоците од последните две години - период по ковид-пандемијата, во кој најмногу се стравува од пораст на онколошките заболувања поради доцна детекција на болеста.

Болеста ги напаѓа и помладите

Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години. Токму истражувањата на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 18 лица до 40-годишна возраст биле дијагностицирани со колон во 2020 година. Со тоа митот за возрасната граница од над 70 години е веќе одамна урнат. 

Сѐ почесто се јавуваат пациенти под 45-годишна возраст, а д-р Старделова се присетува дека на почетокот на својата кариера имала и пациент со карцином на дебело црево кој имал само 18 години.

Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Larma

Искуства од Словенија

Токму затоа спасот се бара во превенцијата и раното детектирање на болеста. 

„Министерството за здравство набави одлична опрема со вештачка интелигенција каде што ќе може да се контролира работата на луѓето коишто ќе го прават скринингот. Сите предгледи ќе бидат снимени во тој систем и супервизор ќе може да изврши проверка“, објаснува д-р Старделова. Идејата е да се отворат повеќе центри каде ќе се врши скрининг. Успех е, вели нашата соговорничка, ако на повикот се одзват околу 50 проценти од граѓаните коишто ќе бидат повикани на скрининг.

Искуства за спроведување на скринингот се црпат од Словенија, каде ефектите се големи. „На овој начин се овозможува навреме да се отстранат полипите на дебелото црево, навреме може да се открие карциномот, со што се зголемуваат шансите за негово лекување. Тоа пак ќе значи дека би можеле да се избегнат скапи операции, хемотерапии, трошоци за лекување и за боледувања. Секоја инвестиција во човечкото здравје, во човечки живот е најголемата инвестиција во која треба да се вложи“, вели д-р Старделова.

Предвид се земаат и европските искуства каде скринингот се спроведува од 50 години па нагоре, додека во САД границата се спушти на 35 години.

Милица Кузмановска од Хема-Онко, здружение за пациенти со рак, пак, го посочува примерот со Австралија. „Тоа е една од земјите која во догледно време сосема ќе го искорени ракот на грлото на матката – со скрининг програма и со стратегија на државата. Токму затоа ни е потребна национална стратегија, ни треба план за борба против рак, ни требаат регистри на болни од рак. Кога ќе имаме регистар на болни од рак ќе може да се формира и буџетот во однос на набавката на лекови“, вели Кузмановска.

За десет години слаб опфат

Бидејќи се потребни околу 10 години за полипите на дебелото црево да се развијат во рак (што зависи од типот на полипот), раното откривање со скрининг е важно за да може полипите да се отстранат пред да станат канцерогени. Постојат неколку достапни тестови, но еден од најчесто користените на светско ниво е ФОБ-тестот (тест за детекција на окултното крварење во столицата). Скринингот сега се препорачува почнувајќи од 50-годишна возраст.

Скринингот сега се препорачува почнувајќи од 50-годишна возрастФотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa-Zentralbild/picture alliance

Министерството за здравство уште во 2012 година најави скрининг на карцином на дебело црево. Идејата беше со скриннгот да бидат опфатени 36.000 граѓани од 50 до 74 години, со ризик фактори, граѓани кои во семејството имале заболени од карцином или чувствуваат тегоби со дебелото црево. За оваа потреба министерството набави 108.000 тестови, во вредност од 6 милиони денари.

Но, проектот кој се водеше преку матичните лекари не ги дал очекуваните резултати. Опфатот на пациенти бил многу помал отколку во другите земји. До 2022 година биле набавени вкупно 256 илјади ФОБ-тестови, предвидени за 82 илјади граѓани. Во овој период вкупно се тестирани 26,611 граѓани или само 9,7 проценти. Позитивен тест имале 10.371 или 39%. 

„На Клиниката за гастроентерохепатологија во периодот од 2014 до 2018 година беа направени 8.874 колоноскопии -124 поради позитивен ФОБ-тест, од нив кај 6 е дијагностициран карцином, што беше силен мотив дека е потребно програмата да биде осовремена“, вели д-р Старделова.

Во меѓувреме, во рамки на програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, во континуитет се реализираат скрининзи за рак на дојка, како и за рана детекција на карциноми на грлото на матката, со цел намалување на процентот на малигни промени на гениталните органи. 

„За што поуспешна реализација на скринингот на рак на дојка, во тек на 2022 и 2023 година се набавени нови апарати за дигитална мамографија во општите болници во Куманово, Струмица, Дебар, во КБ Тетово, во ГОБ „8 Септември“ и на Институтот за радиологија, каде се обезбедени нови мамомати со можност за стереотакса и томосинтеза“, велат од МЗ. Анализите покажуваат дека на скринингот за рак на дојка биле пријавени 10 илјади пациентки, додека реализирани биле 4.900 скрининг мамографии.

Пилот програма за 5.000 лица

Дванаесет години подоцна се подготвува нова пилот програма во Скопје. Скринингот на карцином на дебело црево ќе се прави на Клиниката за гастроентерохепатологија, согласно стандардите и ЕУ директивите.

„За таа цел опремена е комплетно нова амбуланта за скрининг колоноскопија. Обезбеден е и нов софистициран апарат за изведување гастроскопија со колоноскопија. Амбулантата е опремена и со соодветна дополнителна медицинска и немедицинска опрема и е комплетно издвоена од постојните амбуланти кои во моментот на клиниката се користат за дијагностички пациенти, односно за пациенти кои заради болест се закажани во националниот систем Мој Термин со упат од специјалист“, велат за ДВ од Министерството за здравство.

Во соработка со Управата за електронско здравство се работи и на изготвување апликација за регистар за скрининг на рак на дебело црево. Министерството за здравство е задолжено за набавка на опремата, а Фондот за здравствено осигурување ќе ги покрие трошоците за колоноскопски предглед. Приватно направената колоноскопијата чини 5.500 денари.

Д-р Калина Гривчева Старделова вели дека се подготвени за овој значаен проект. „Ако од 2014 до 2018 година сме имале 8.800 колоноскопии, сега за една година имаме над 5.000 колоноскопии. Работиме по 18 и по 20 колоноскопии во две амбуланти. Ова е трета амбуланта која ќе се користи само за скрининг програмата“, вели таа.

Симптоми

Колоректалниот карцином (CRC), исто така наречен рак на дебелото црево, започнува со абнормален раст на клетките во дебелото црево. Може да се јави во дебелото црево или во ректумот, што доведува до рак на дебелото црево или рак на ректумот. Во повеќето случаи, ракот на дебелото црево потекнува од бенигни израстоци на внатрешната обвивка на дебелото црево, наречени полипи. Со текот на времето, некои полипи можат да мутираат и да се трансформираат во канцерогени ткива.

„Точната причина за колоректалниот карцином не е целосно позната. Засега знаеме дека се јавува како резултат на влијанието на наследните и еколошките фактори, исхраната и начинот на живеење“, посочуваат од ИЈЗ.

Македонија спаѓа во земјите со средна стапка на инциденца, но со висок морталитет од овие малигни заболувања, што во прв ред се должи на нивното ненавремено откривање во рана фаза, кога шансите за излекување се поголеми. Анализите на ИЈЗ покажуваат дека смртноста од овие малигни заболувања може да се спречи во 40% од случаите и тоа преку намалување на дејството на ризик факторите, рана детекција-скрининг и соодветен третман.

Колоректалниот карцином (CRC), исто така наречен рак на дебелото црево, започнува со абнормален раст на клетките во дебелото цревоФотографија: Imago/Science Photo Library

Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како: крварење во столицата, неправилна столица, течна столица,синдром на ретка столица, наизменичен запек и дијареа, чувство на недоволно празнење, надуеност, отсуство на гасови и столица. Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата кое не ја менува бојата на столицата. Дијагнозата на рак на дебелото црево често се поставува со колоноскопија кога ќе се види туморска промена, од која се зема парче ткиво (биопсија). Во најлошите случаи, кога операцијата на дебелото црево се прави поради болка, крварење или застој на црниот дроб, дијагнозата се поставува при самата операција. Третманот за лекување најчесто е хируршки. Терапијата со зрачење е исто така опција и понекогаш се советува пред самата операција.

Хемотерапијата кај болните од рак на дебелото црево дава одлични резултати, за оние кои ќе ја прифатат оваа терапија. Лекарите велат дека мора да се врати довербата во здравството, а матичните лекари кои имаат најчест контакт со пациентите се тие коишто треба да ги советуваат и први да ги детектираат првите симптоми за опасната болест.

Подобро да се спречи отколку да се лечи

ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје е специјализирана здравствена институција за лекување на пациенти со верифицирана и веќе развиена малигна болест. Но, и тие во скринингот гледаат спас и решение.

„Потребата од скрининг е основно и долгорочно решение на малигните болести. Подигањето на здравствената свест, правилното ангажирање на здравствениот систем, брзата достапност на дијагностичките методи, можат да спасат многу човечки животи“, вели директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф. Д-р Виолета Клисаровска. 

Клисаровска: Погрешно е да не се искористува вакцината

02:43

This browser does not support the video element.

Таа смета дека проблемите на Онкологија суштински произлегуваат од нефункционалноста на добро разработените и познати скрининг програми во државата.

„Без организиран скрининг се превидува и пропушта раното дијагностицирање и сигурно излекување, а се дозволува развој на напредната и смртоносна болест. Во таа фаза здравствениот систем троши многу (ангажира кадар, испитувања, лекови), а за возврат добива слаб ефект и кратко преживување на пациентите. Многу пооправдано е тие средства да се вложат во примарната и дел во секундарната превенција, каде придобивките се неспоредливо подобри – а тоа е спречување на болеста и целосно излекување. Превенцијата спасува животи, не онкологијата“, вели Клисаровска за ДВ.

Како да се намали ризикот?

Освен раниот и постојан скрининг, неколку промени во животниот стил може да го намалат ризикот.

„Исхраната треба да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се земаат најмалку пет порции свежо овошје (јужно овошје, јаболко, круша, слива) и зеленчук дневно. Брокулата и зелката треба да се земаат најмалку еднаш неделно. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува конзумирање на сушени месни производи. Се препорачува често да се јаде риба и живина како извор на протеини од животинско потекло“, посочуваат од ИЈЗ.

Според Милица Кузмановска од Хема-Онко, ракот кога ќе почне да боли тогаш е веќе предоцна. „И тука е најголемиот проблем. Луѓето не ги препознаваат симптомите, некогаш на хематолошките малигнитети симптомите се исто како за настинка - ноќно потење, кашлање, па обично ги лечат со антибиотици неколку месеци сѐ додека не се види дека нема никакво фајде од такво лекување. Додека се извршат сите анализи, болеста е веќе во напредна фаза“, вели таа.

Затоа Хема-Онко подготви брошури со цел пациентите да се запознаат со симптомите на болеста, но и каде да побараат помош. Се работи и на едукација на матичните лекари, коишто треба да ја препознаат болеста уште во најраната фаза.

 

Со овој текст DW Македонски се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми