1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слаб интерес за вакцинација - голем ризик за децата

ДТЗ
25 април 2023

Медицински тимови до крајот на мај ќе посетат над 2.900 семејства за да им посочат на ризикот од невакцинирање на децата. Последниве години голем број деца имаат пропуштено една или повеќе дози вакцина.

вакцини
Слабиот интерес за вакцинација носи ризик од разни болести кај децатаФотографија: MiS/imago images

Над 30 медицински тимови од здравствените домови во Северна Македонија во наредните пет недели ќе ги посетат семејствата каде што има понизок опфат на вакцинирани лица и ќе ги информираат за придобивките од имунизацијата. Тие ќе делат промотивен материјал и ќе закажуваат термини за вакцинација од редовниот календар за имунизација. Граѓаните над 60 години ќе имаат можност на самото место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.

Активностите се во рамки на кампањата на Министерството за здравство за промовирање на имунизација по повод одбележувањето на Европската недела на имунизација. Со кампањата ќе бидат опфатени 120 населени места во 20 општини, каде што е регистриран понизок опфат на вакцинирани деца, како и вакцинација против Ковид-19. Кампањата ќе трае до крајот на мај и се планира да бидат посетени над 2.900 семејства.

Податоците на Светската банка покажуваат дека од 2020 година навака некои деца пропуштиле една или повеќе дози вакцина, вклучително и првата доза вакцина против мали сипаници. Слабиот интерес за вакцинација носи ризик од опасни болести кај децата, поради што се апелира децата да ги примат одложените или пропуштените дози на вакцини.

Загрижувачки пад на вакцинацијата

Фокусот на Европската недела на имунизација годинава е на справувањето со загрижувачкиот пад на вакцинација кај децата. Многу од причините за овој пад може да се припишат на влијанијата предизвикани од пандемијата со Ковид-19. Во европскиот регион на СЗО, како и насекаде низ светот, невакцинираните и нецелосно вакцинирани лица остануваат изложени на ризик од заразување со болести што може да се спречат, како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа, укажуваат од СЗО во Македонија.

Граѓаните над 60 години ќе имаат можност на самото место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како засилувачка доза.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Превенција од многу болести

Бројни болести може да се превенираат со вакцинација. Секоја доза на вакцина е важна при спасувањето животи, важна е за сопствена заштита, но и за заштита на најблиските.  Според СЗО, благодарение на ефективноста на вакцините, остварен е голем напредок во Европскиот регион во подобрувањето и заштитата на јавното здравје.

„Во Европскиот регион на СЗО, детската парализа е искоренета уште од 2002 година. Во Северна Македонија, СЗО работеше на елиминацијата на ендемското пренесување на болестите како што се мали сипаници и рубеола. Од 2009 година, на сите девојчиња им се нуди ХПВ-вакцина за заштита од карцином на грлото на матката и други видови на карцином“, укажуваат од СЗО.

Министерството за здравство и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје на 24 април ја промовираа и веб-платформата Е-Здравство која ги интегрира сите достапни дигитални здравствени услуги на едно место. Веб-платформата има и посебен дел посветен на имунизацијата, со што им овозможува на родителите, старателите и на општата јавност пристап до сите информации за редовните вакцини за децата.

Вакцините спасуваат два до три милиони детски животи секоја година од смртоносни болести.

 

Грозданова: Вакцината спречува карцином

05:02

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми