1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слобода на здружување - игнорирано четиво во Бугарија

23 март 2023

Различни аршини за правото и слобода на здружување: правата на кои Софија инсистира за Бугарите во РСМ, не важат за Македонците во Бугарија. Што нотираат Извештаите на Стејт департментот?

Ниту еден бугарски медиум не го објави делот од Извештајот на американскиот Стејт департментот за Бугарија, во делот „човекови права - слобода на здружување“.
Ниту еден бугарски медиум не го објави делот од Извештајот на американскиот Стејт департментот за Бугарија, во делот „човекови права - слобода на здружување“.Фотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Сите бугарски медиуми ја пренесуваат информацијата дека бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов" од Битола вчера бил избришан од Централниот регистар во РСМ, но ниту еден медиум не го објави делот од Извештајот на американскиот Стејт департментот за Бугарија, во делот „човекови права - слобода на здружување“.

Што се вели во тој дел, и зошто во соседството го игнорираат?

„Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитуваше“, се констатира во Извештајот. Но сите забелешки после оваа реченица се однесуваат единствено на одбивањето на властите да регистрираат здруженија на Македонците.

„Властите (бугарските- н.з.)  продолжуваат да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација - Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на репресирани Македонци - жртви на комунистичкиот терор, и покрај бројните претходни одлуки на ЕСЧП дека со негирањата биле прекршени слободата на здружување на групите“, се вели во Извештајот за Бугарија.

Во него се наведува дека во јуни окружниот суд на Благоевград ја потврдил одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација - Илинден Благоевград, со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското малцинство ќе ја загрозат националната безбедност на земјата, и изјави дека  „правото на здружување е основно човеково право, но престанува да биде такво кога го поткопува јавниот ред“. 

Протест на Македонци од Бугарија пред зградата на Европскиот парламент во Стразбур во 2009 годинаФотографија: DW

„Групите се пожалија дека наместо да дадат инструкции како да ги поправат грешките во нивните апликации, властите ги третирале како непоправливи, толкувајќи го законот преку идеолошки објектив што го оневозможувало регистрирањето на организација која ја фокусирала својата активност на етничките Македонци“, се вели во извештајот на Стејт департментот.

Бараат реакција од Софија

А во врска со отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, во Извештајот на Стејт департментот главно се нотирани реакциите на Еврејската заедница во Северна Македонија.

„Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Северна Македонија објавија заедничко соопштение за медиумите во кое го осудуваат именувањето на бугарскиот културен центар во Битола по Ванчо Михајлов, познат соработник на фашистите и нацистите. Тие рекоа дека отворањето на центарот на 16 април - Шабат и првиот ден на Пасха - било чин на навреда и негирање на холокаустот“, се наведува во Извештајот.

Во него се нотира дека во октомври граѓаните протестирале како одговор на континуирано именување според нацистичките соработници како Михаилов или Цар Борис Трети, вклучително и за отворањето на клубот ‘Цар Борис Трети’ во Охрид". Притоа се потсетува дека во ноември парламент усвоил измени на законите за политички партии и здруженија на граѓани за да се забрани регистрацијата и работењето на оние кои носат имиња и симболи или се залагаат, поттикнуваат или одобруваат нетолеранција, омраза, фашистичка идеологија, нацизам и Третиот Рајх.

Иако имаа тримесечен рок да се усогласат со законските измени, односно да предложат други имиња кои не се во спротивност со законот, клубовите со спорни имиња не го направија тоа. Претседателот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, Љупчо Георгиевски, најави дека правото ќе го бараат пред судот во Стразбур, а нa страницата на клубот од пред два дена стои пораката „Забранети, но непобедени!“

Иако беше најавен како граѓанска инцијатива, на отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ присуствуваше тогашниот бугарски државен врв - премиерот Кирил Петков, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, други актуелни министри и пратеници, со што врз приватната инцијатива беше оставен и државен ракопис.

И сега - се редат повици за реакција на бугарската држава - на МНР и на претседателот Румен Радев, а дел од тамошните медиуми веќе најавија дека наскоро се очекува бугарското МНР да го коментира бришењето на клубот од Битола.

„Се наѕира и бришење на бугарскиот клуб ‘Цар Борис Трети' во Охрид, истата судбина како за ‘Иван Михаилов' во Битола", изјавил за БНТ новинарот Владимир Перев.

Тој посочил дека во РСМ има непочитување на европските закони и етика.

И бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ бо можел да биде избришан од Цантралниот регистарФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Со години исти забелешки

За разлика од овој случај, каде не е запрено, ниту загрозено правото и слободата за здружување на Бугари во РСМ, на Македонците во Бугарија им е оневозможено тоа. Последниот извештај на Стејт департментот во кој е посочен негативниот однос на бугарските власти кон правото на здружување на бугарски државјани кои се изјаснуваат како Македонци, не е единствениот во кој се повторуваат истите забелешки. Такви оценки има и во Извештаите за претходните години.

„Властите продолжија да одбиваат регистрација на етнички македонски активистички групи како што се „ОМО Илинден“, „Друштво на репресирани Македонци, жртви на комунистички терор“, „Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални човекови права“ и „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“, без оглед на 14 претходни одлуки на ЕСЧП, според кои, со одбивањата се нарушува слободата на здружување на групите. Во еден од примерите, на 31-ви мај, Апелациониот суд во Софија ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација од ноември 2020 година, со која се одбива регистрацијата на „Друштвото на репресирани Македонци, жртви на комунистичкиот терор“ со образложение дека групата ќе спроведува политички цели загрозувачки за единството и безбедноста на нацијата, и ќе ги наруши правата на останатиот дел од населението во државата кое не се самоопределува како македонско“, се вели Извештајот на Стејт департментот за 2021 година. 

Одбивањето на регистрацијата на истите здруженија е нотирано и во Извештајот за 2020 година, но се спомнуваат и други критики против таква политика на бугарските власти.

„На 1-ви октомври, во своја резолуција Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура изрази „длабока загриженост“ во врска со ‘формалниот пристап кон законските барања' систематски применуван од властите за да се одбие регистрација на Обединетата македонска организација „Илинден“ и на други слични здруженија од 2006 година“ се вели во Извештајот на Стејт департменот за 2020 година.

Во него се нотира и дека во ноември 2019 година, главниот обвинител презел дејствa по жалбата на лидерот на ВМРО и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, во врска со две здруженија на Македонци, и дека јавниот обвинител побарал од судот да ги распушти здруженијата, откако ги обвинил дека спроведуваат политичка агенда што ги загрозува единството и безбедноста на нацијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми