1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловенија

Словенија ќе добие нов претседател во вториот круг избори

СН/агенции
24 октомври 2022

По првиот круг од претседателските избори во Словенија, предност има екс-министерот за надворешни работи Анже Логар. Во вториот круг во ноември може да победи и активистката за човекови права, Наташа Пирц Мусар

Дуел во вториот круг на претседателските избори: Анже Логар и Наташа Пирц Мусар
Дуел во вториот круг на претседателските избори: Анже Логар и Наташа Пирц Мусар Фотографија: AP Photo/picture alliance

На актуелниот словенечки претседател, Борут Пахор, не му беше дозволено повторно да се кандидира по два мандати, вториот истекува во декември. Околу 1,7 милиони гласачи во земјата беа повикани во неделата на 23 октомври да изберат меѓу 7 кандидати нов претседател или претседателка.

Поранешниот министер за надворешни работи Анже Логар доби најмногу гласови во првиот круг на претседателските избори во Словенија.

Претседателот на Словенија, Борут Пахор си заминува од функцијата по два мандатаФотографија: BildFunkMV/IMAGO

По пребројувањето на 99,9 отсто од гласовите, конзервативниот политичар вчера вечерта имаше 34 насто. Кандидатката на левиот центар Наташа Пирц Мусар доби 27 отсто од гласовите.

Бидејќи, како што и се очекуваше, ниту еден од кандидатите не доби над 50 насто од гласовите во првиот круг, вториот меѓу Логар и Пирц Мусар ќе се одржи на 13 ноември.

Анже Логар беше министер во поранешната конзервативна влада на Јанез Јанша, кој ја помести Словенија надесно и се соочи со обвинувања за недемократска политика и политика на поделба. Јанша загуби на парламентарните избори во април од либералниот политичар и актуелен премиер Роберт Голоб.

Анже Логар влегува како фаворит во вториот круг на претседателските избори во СловенијаФотографија: AP Photo/picture alliance

Премиерот Голоб, во кампањата за претседателските избори го поддржа социјалдемократот Милан Брглез, но тој доби само 15,4 отсто од гласовите. Голоб вчера вечерта за вториот круг од изборите изрази поддршка за Наташа Пирц Мусар. Таа претставува вредности „блиски до нашите“, рече премиерот на телевизија.

Пирц Мусар (54), влијателна правничка и поранешна шефица на словенечкиот орган за заштита на податоци, би била прва жена претседател во земјата ако биде избрана. Таа водеше кампања за прашањата за човековите права и за владеење на правото. „Се радувам на вториот круг. Се радувам на финалето“, рече Пирц Мусар.

Наташа Пирц Мусар би можела да дојде до победа во вториот круг и покрај заостанување зад Логар Фотографија: AP/dpa/picture alliance

Вториот круг од изборите би можел да се заврши многу тесно. Аналитичарите укажуваат на тоа дека избирачите од центарот и од либералите би можеле да се најдат зад Пирц Мусар. Победата на Логар во вториот круг би можела да се протолкува како неуспех на Голоб кој го исфрли Јанша.

Иако функцијата претседател во Словенија главно е церемонијална, претседателот ја предводи војската и е одговорен за именување на неколку највисоки претставници, вклучувајќи го и гувернерот на централната банка.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми