1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Јовев: Таравари го откри најгрдото во политиката

7 јуни 2023

Врз основа на кое право градоначалникот на Гостивар и партиски лидер Арбен Таравари добива службени податоци од министерот и Министерството за здравство? Коментар на Катерина Блажевска

Градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен ТаравариФотографија: DW/P. Stojanovski

Разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев, излезе од рамките на аргументирана и законски основана постапка. Во тоа нѐ увери лично лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, партијата на чиј предлог Фатмир Меџити стана минстер за здравство. Во гостување на ТВ „Канал 5“, Арбен Таравари самиот ги откри најгрдите практики на вонинституционалниот третман на кадровски прашања, во случајов во здравството.

Иако Таравари повиказа разрешувањето на Јовев најпрво да се слушне денешниот брифинг на министерот за здравство, истовремено откри дека лично тој веќе е добро запознат со причините за разрешувањето.

„Ако има злоупотреби во работењето, слушнете го министерот, а јас мислам дека има одредени злоупотреби, кои што мене ме фрапираа кога ги слушнав, кога ми ги кажа министерот“, рече Таравари.

Врз основа на што Таравари кажува оти „мисли дека има одредени злоупотреби“? Инспектор ли е, ревизор, некоја внатрешна контрола, член на дисциплинска комисија, што е тој? Арбен Таравари ја извршува функцијата градоначалник на Гостивар и по ниедна основа не спаѓа во кругот на лица кои би требало да имаат информација за евентуална контрола иницирана од Министерството за здравство, ниту за резултати од неа.

Особено, ако истиот ден заменичката на министерот на здравство, д-р Маја Манолева, изјавува: „Не ги знам причините за разрешувањето на професорот Јовев“.

Кардиохирургот Сашко Јовев побара да се преиспита одлуката за негово разрешувањеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ако таа како втор човек во ресорот не ги знаела причините, зошто би ги знаел Таравари, кој во два наврати се пофали дека нему „му ги кажал министерот“. 

„Јас се обидов еднаш и да ги седнам заедно, да се соочат и да ги кажат фактите еден на друг. Меѓутоа не успеав во тоа, бидејќи Фатмир - министерот за здравство, беше одлучен. Кога ми ги покажа нерегуларностите и злоупотребите што се направени, бев фрапиран. Но Јовев треба да си продолжи како доктор, да си работи таму, а да му дадеме шанса на некој друг, можеби професионалец исто така, кој можеби има шанси да биде многу подобар (менаџер -н.з.) од Јовев. Нормално апроксимативно, можеби има шанса и да биде полош од Јовев“, рече Таравари.  

Трите „Можеби“  

Три пати го употреби терминот „можеби“. А министерот за здравство, не можеби, туку сигурно е законски обврзан наодите со кои располага да ги достави до надлежна институција, наместо за нив да информира партиски лидер и градоначалник на Гостивар. Ако директорот наводно направил злоупотреби, од кои Травари се фрапирал, зошто се обидувал „да го седне“ Јовев заедно со министерот? Можеби за вонинституционално „порамнување на сметките“?

Неговото дополнително објаснување е уште пофрапантно.

„Моите тенденции за да ги седнам заедно, и повторно ќе се обидам да ги седнам заедно овие следни денови, беше за да се смири работата и да најдеме некакво решение кое што нема да биде барем бомбастично за јавноста“, објасни градоначалникот на Гостивар.

По индиции или наоди за незаконски постапки треба да постапуваат исклучиво надлежни органи, а не Таравари да си самододелува улога на медијатор и да бара решение во шест очи. Или можеби, во неговото претходно министерско искуство, стекнал сознанија како прво може да се „произведе случај“ со цел некој да биде разрешен, а потоа да „му се помогне“ на разрешниот, односно да се држи во заложништво дека некому му должи што тоа не завршило бомбастично во јавноста.

Иако се обиде да се претстави како неутрална страна - пријател и на министерот и на Јовев, на прашањето кој е најголемиот „грев“ на разрешниот директор градоначалникот на Гостивар веднаш изрецитира „само еден од примерите“.

„Не е во ред директор на Клиника да дежура осум пати месечно и 200 часа да биде во приправност. Ова значи дека тој 30 дена месечно бил во Клиника. Тоа не е нормално и не е возможно. Меѓутоа да му оставиме на министерот, заедно со инспекторот да ги каже сите детали“, рече Таравари.

Не е нормално ни Таравари да изигрува обвинител, судија, медијатор и неовластено да добива службени податоци. Иако веќе обелодени конкретни бројки за наводни злоупотреби, потоа се правдаше дека „не ги знае деталите“, и дека „не сака да ги кажува информациите што му ги испратиле од Министерство за здравство“.

Катерина Блажевска, автор на коментаротФотографија: Privat

„Знам дека имало некакви злоупотреби и недобро менаџирање. Јас работам таму 20 години. Комуницирав и со вработени внатре во Клиниката. Имам одредени информации кои што не би сакал сега да ги споделам, мислам дека се внатрешни работи на самата институција“, рече партискиот лидер и градоначалник. 

Искомпромитирана постапка  

Ако се тоа внатрешни работи на институцијата, од која позиција Таравари се јавувал и комуницирал со вработени во Клиниката, добивал одредени информации, и за каква цел?

Веројатно свесен дека кажа „повеќе од што треба“, градоначалникот на Гостивар се обиде да се оправда дека за наодите не бил информиран најпрво тој.

„Меџити не ми реферираше мене прво. Прво има разговарано со премиерот Ковачевски. Му ги има кажано работите што се случуваат внатре. И премиерот Ковачески бил информиран пред да знам јас за ова“, рече Таравари.

Значи, во вака сфатената „правна држава“, треба да бидеме среќни што градоначалникот на Гостивар и партиски лидер бил само „втора адреса“ пред која реферирал министерот за здравство. А таа адреса никако не спаѓа во оние пред кои министерот треба да дава отчет или да дава службени информации.

И не е чудно што Таравари на крајот јасно го открива и начинот на кој ја сфаќа кадровската политика и поделбата на раководни места („политика на плен“).

„Сега перцепцијата на повеќето граѓани е како тоа да е политичко смислено. Нема врска. Воопшто и не е ни дискутирано на кого треба да му се даде Клиниката за кардиохирургија“, рече лидерот на АА.

Клиника не може на никого „да му се даде“. Може само да се даде овластување и одговорност некому да раководи со неа, врз основа на мерит систем - образование, стручност, искуство, компетенции... А заради неодговорност и незаконско постапување тоа право може и треба да се одземе.

Во посочениов случај постапката е толку искомпромитирана, што сега поприоритено е да се утврди кои странични и неовластени лица добиваат увид и потоа „оперираат“ со јавното мислење за постапки во исклучива надлежност на Министертство за здравство. Во Владата има вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, која можеби ќе се сети да провери колку членови од Кодексот за етичко однесување на членови на Владата прекршил министерот за здравство, изнесувајќи податоци пред неовластени лица.

На крајот, во време кога јавното здравство се соочува со недостиг од кадри, кога тие сѐ повеќе заминуваат во приватното здравство или во странство, ваквиот однос кон малкуте стручни кадри кои го крепат јавното здравство, е пукање во нога. А премиерот, кој според Таравари бил првоинформиран, и молчи за ваквото естрадно „судење“ на еден лекар, веројатно веќе си испукал и во двете нозе.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми