1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Кадриески: Инцидент во критичен период

14 јуни 2023

Инцидентот со нападот врз Кадриески се случува во време на фреквентна дебата во Северна Македонија за уставните измени

Од протестот против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид, октомври 2022 година Северна Македонија
Од протестот против отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис“ во Охрид, октомври 2022 годинаФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Уште еден физички напад повторно ги разбранува македонско- бугарските односи. Копретседателот на здружението на Бугарите во Република Северна Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески за „Нова.бг“ вчера изјави дека бил претепан од непознато лице во Струга: соборен на земја и клоцан и удиран, а при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.

Реакциите во бугарската јавност најчесто завршуваат со повици „вето за Македонијa“, дел повикуваат да не се брза со заклучоци пред да се расветли случајот, но шетата е веќе настаната.

Бугарското МНР соопшти дека веднаш постапило по информацијата за нападот врз Кадриески.

„Службеник на Генералниот конзулат во Битола беше испратен и веќе се наоѓа во Струга. Во моментов се разјаснуваат фактите околу случајот и дали тој е резултат на кривично дело од омраза“ соопшти вчера бугарското МНР.

Прва по веста за нападот врз Кадриевски се огласи партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.

„Сведоци сме на уште еден брутален aкт на насилство кон државјанин на Република Северна Македонија со бугарско самосознание“, објави на Фејсбук ГЕРБ, партијата од чии редови доаѓа актуелната шефица на бугарската дипломатија, Марија Габриел, а која по девет месеци ќе биде и премиерка на Бугарија, според договорот меѓу коалициите ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ за ротациски премиер.

Бугарско МНР: Во моментов се разјаснуваат фактите околу случајот и дали тој е резултат на кривично дело од омразаФотографија: BGNES

„Претседателот на здружението на Бугарите 'Шемето' Бекир Кадриески е брутално претепан во градот Струга. Остро ја изразуваме нашата огорченост и осудуваме уште еден акт на неиспровоцирано насилство против сонародник. Ако се потврди информацијата дека тепањето на Кадриески било придружено со зборовите 'валкан Бугарин', тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен рецидив и ќе натојуваме по сите можни меѓународни канали кривичното дело да биде темелно истражено, а виновниците казнати со сета строгост на законот“, соопшти ГЕРБ.

Настанот е регистриран во полицискиот билтен на македонското МВР.

„На 13.06.2023 година во 12.15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата ‘Боро Хаџиески’ во Струга, А. Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б. К. од селото Лабуништа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава“, се вели во полицискиот билтен.

Според неговите познаници, тој во болницата во Струга бил донесен со тешкоти во дишењето и болки по телото.

Засега се уште нема одгвор на шпекулациите дека напаѓачот и нападнатиот имале нерасчистени меѓусебни односи и дека актот нема етничка позадина.

Македонското Министерството за надворешни работи денеска апелираше за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Северна Македонија, Б.К. од Лабуниште. 

„Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител. Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница.

Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива“, се вели во соопштението на МНР.

Успешна година за „Шемето“

Кадриески е државјанин на Република Македонија кој живее во струшкото село Лабуништа и нема бугарско државјанство, но се декаларира како лице со бугарска самосвет. По нападот врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков, Бекир Кадриески беше еден од првите соговорниците кои за „Нова. Бг“ изјави дека заканите кон Бугарите во РСМ се секојдневие, особено преку социјалните мрежи.

„Никој не презема ништо за тоа што имаме такви пораки на телефоните, смртни закани“, се пожали тој во јанауари годинава.

Здружението на Бугарите „Шемето“ од Струга, е регистрирано на 16-ти март 2022, а во март годинава на Фејсбук се пофали дека значително пораснало.

„Горди сме да објавиме дека ‘Шемето’ успешно заврши една година посветена во служба на Бугарите и лицата со бугарска самосвет во Северна Македонија - почнавме со скромна екипа од 10 членови и во моментов имаме над 6.200 членови и симпатизери“, објавија од Здружението.

Истото во март се пофали дека биле гости на бугарската заедница во Пустец.

„Се радуваме кога гледаме дека младите бугари во Пустец се горди на своето потекло и самосвест“, се вели на објавата на Фејсубук.

Таму се објавени бројни фотографии од активности и средби на раководството на здружението со лица од бугарскиот државен врв. Кадриевски е фотографиран со бугарската потпретседателка Илијана Јотова при нејзината посета лани во ноември на бугарските воени гробишта во село Цапари. Кадриевски има фотографија и од средбата со тогашниот премиер Кирил Петков, при неговата прва посета на РСМ во јануари 2022 година, кога се сретнал и со претставници на бугарски здруженија. Кадриевски лани учествувавал и во комисиската расправа во бугарското Народно собрание посветена на проблемите на Бугарите во РСМ. За животот на Македонците со бугарска самоствест и тешкотиите со кои се соочуваат, Кадриевски дискутирал и со бугарскиот амбасадор во РСМ, при што објавил фотографија од посетета на амбасдорот на родното место и домот на Кадриески.

Кадриески објавил фотографија и со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, како што наведува, на коктелот за одбележувањето на националниот празник на Бугарија (трети март).

„Благодарам на Бујар Османи за конструктивниот дијалог“ се вели во објавата.

Лани во ноември „Шемето“ го популаризирало и нудело бесплатна онлајн копија на англиското издание на книгата „Бугарофобија во Северна Македонија“ од Георги Станков, во која биле истражувани односите меѓу Македонците и Бугарите.

Плодно тло за шпекулации

Инцидентот се случува во време на фреквентна дебата во Северна Македонија за уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат впишани во македонскиот Устав, но и во време кога на повидок е намера овој случај да се третира како доказ дека „не биле проблем имињата на бугарските здруженија“.

Во бугарски медиуми се пренесуваат изјави на познаници на Кадриески дека „проблемите на Бугарите во Северна Македонија не произлегуваат од провокативни имиња на здруженија, туку сите се подложени на етнички прогон заради бугарското потекло“.

Цитираниот Бојан Донев во објава на Фејсбук тврди дека најранливи биле Бугарите без бугарско државјанство, и повикува дека е непопходно да се забрзаат процедурите и да се елиминираат корупциските практики со бугарските пасоши, но и дека „службите веќе ја одбележале нивната следна жртва“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми