1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Конти: Место лесни пари - долгови до гуша

ДТЗ
7 октомври 2024

Оштетените граѓани бараат начин да си ги вратат парите коишто ги вложиле, а полицијата и обвинителството чекаат некој од нив да поднесе пријава за да можат да го истражат случајот.

Измама Конти Македонија Пари
Случај Конти: Како илјадници граѓани во трката по лесни пари останаа со куси ракави?Фотографија: picture-alliance/M. Dietrich

Неколку дена по колапсот на пирамидалната инвестициска шема „Конти“, во чија мрежа беше обелоденето дека биле заплеткани и оштетени околу 14 илјади граѓани, владее неизвесност и молк каков расплет ќе има случајот. Стотици граѓани од Кавадарци, Радовиш, Велес и други градови останале со куси ракави откако се „навлекле“ на ветувањата за високи приноси и лесно збогатување. Но, место лесни пари заглавиле во долгови и нереални ветувања. 

Оштетените граѓани бараат начин да си ги вратат парите коишто ги вложиле, а полицијата и обвинителството чекаат некој од нив да поднесе пријава за да можат да го истражат случајот. 

„До Јавното обвинителство до овој момент не е доставена пријава од оштетени граѓани или надлежен орган. Доколку биде доставена пријава од која произлегува сомнение за сторено кривично дело на територијата на државава, соодветно јавно обвинителство согласно месна надлежност ќе оформи предмет“, велат од Обвинителството за ДВ.

Претходно и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, апелираше до граѓаните да внимаваат при инвестирањето во потенцијални пирамидални шеми, каква што е апликацијата „Конти“. 

МВР чека пријава - граѓаните не губат надеж за парите 

„Конти“ (Conti) е апликација преку која нејзините членови наводно заработуваат пари со гледање промоции на филмови и трејлери. Случајот стана актуелен во јавноста откако загасна група на Телеграм со околу 14.000 македонски членови на „Конти“. Корисниците во групата се жалеле дека веќе немале нови приливи од „Бајненс“ (Binance) – платформа за тргување со криптовалути.

Според првичните информации, основачи на Конти се неколкумина млади лица од Источна Македонија. Шемата функционирала на ист начин како сите пирамидални измами. Се базира на систем каде секој нов член го исплаќа претходниот, а пирамидата расте додека има нови членови кои што ќе ги исплаќаат претходните. Исплатата на средства се врши во криптовалути.

На почетокот, жртвите може и да добијат одредени исплати, што само ќе ги навлечат повеќе во шемата да вложуваат уште пари. На крај ќарот оди кај неколкумина, додека илјадници граѓани се во зијан. 

По откривањето на Конти, во јавноста се појавија информации дека постојат и други слични апликации на коишто се „навлечени“ граѓаните. Откако Конти се затвори, се појавуваат нови платформи кои што нудат наводно враќање на парите преку Словенија, но на овој начин граѓаните повторно паѓаат во нова замка - да платат уште 100 долари за да пристапат до средства на коишто никој не им ја знае трагата. 

Случај Конти: Како илјадници граѓани во трката по лесни пари останаа со куси ракави?Фотографија: zephyr18/imago images

Измамите доаѓаат во многу облици 

„Изразувам огромна загриженост за ваков пирамидален инвестициски финансиски потенцијален криминал што се случува по не знам кој пат во земјава“, рече викендов министерот Панче Тошковски. 

Многу слична апликација за измама на граѓани била констатирана и во 2022 година. „И тогаш е упатен апел граѓаните особено да внимаваат кога станува збор за вакви потенцијални инвестиции кои најчесто завршуваат како класични измами. И сега апелирам, граѓаните особено да внимаваат на вакви инвестициски вложувања, да се консултираат со експерти од областа“, додаде Тошковски.

Измамите со инвестирање пари доаѓаат во многу облици како што се купување на крипто валути, тргување со бинарни опции, деловни вложувања, шеми за пензионирање, управувани фондови и продажба или купување акции или имот. Со цел да ги прикријат своите лажни дејствија измамниците ги маскираат „можностите за заработка“ со брошури и места на интернет што изгледаат професионално. Често пати почнуваат со ненадеен телефонски повик или електронска порака од измамникот кој нуди некоја можност „што не се пропушта“, или наводно ќе донесе огромен поврат на пари. Измамниците обично работат од странство.

Повеќето од овие шеми или програми не работат и купувачите не можат да си ги повратат парите. Во многу од случаите давателот на услугата едноставно исчезнува.

Експертите ги советуваат граѓаните да не дозволуваат никој да ги притиска да донесуваат одлуки во врска со нивните пари или инвестиции – особено ако се работи за ненадејна понуда.

„Пред да ги дадете парите, самите истражете ја компанијата за инвестиции. Запрашајте се: ако некој странец знае тајна како да се заработат пари, зошто би ја споделил со други?“, посочуваат експертите во бројните брошури коишто се објавени на интернет за заштита од вакви финансиски малверзации.

Може ли државата да ги заштити граѓаните?

Граѓаните се почесто се мета на  финансиски измами, а државата не успева да ги заштити, велат од партијата Левица.

Колапсот на инвестициската шема на „Конти“, според нив, е потсетник за опасностите од неконтролираниот капитализам и потребата од посилни регулативи за заштита на обичните луѓе од финансиските измамници. Тие најавија дека веќе работат на програмски (законски) решенија со кои ќе ги минимизира ваквите работи да се случуваат во иднина и бараат Владата и финансиската полиција да преземат итни мерки за да се истражат и гонат одговорните за измамата ,,Конти".
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми