1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Лимак Дајмонд: Кираџии во сопствените станови

ДТЗ
4 ноември 2024

По година ипол застој издаден е првиот имотен лист за комплексот згради на Лимак во центарот на Скопје. Станарите веќе 18 месеци водат битка со институциите за да управуваат со својот имот

Лимак Дајмонд
По година ипол застој издаден е првиот имотен лист за комплексот згради на Лимак во центарот на Скопје. Станарите веќе 18 месеци водат битка со институциите за да управуваат со својот имот Фотографија: Boris Georgievski/DW

„Diamond of Skopje – комплексен проект што ги поместува границите на урбаното живеење. За квалитет, не постои компромис. Ние не градиме бетонски објект. Ние градиме нов животен стил.“

Со ова мото, пред неколку години, компанијата „Лимак“ ја најави големата гринфилд-инвестиција во Северна Македонија, која се сметаше за многу значајна, како од аспект на влез на свеж капитал, така и од аспект на поттикнување на низа придружни економски активности. 

Комплексот „Diamond of Skopje“ кој се протега на површина од 325.000 метри квадратни има четири станбени кули со вкупно 772 станбени единици. Две од кулите пред околу година и половина ги добија своите станари. 

Но, по 18 месеци, стотици станари уште се кираџии во своите домови, бидејќи ги немаат добиено имотните листови за купениот станбен и гаражен имот. И покрај нивните интервенции, барање одговори од институциите, но и ангажирање на адвокат за да ја забрза целата постапка, дел од станарите велат дека се наоѓаат во безизлезна ситуација. Без имотен лист не можат ниту да управуваат, ниту да располагаат, ниту да го продадат својот имот. 

„Се чувствуваме како кираџии во сопствениот стан“, вели Игор Трајковски, сопственик на стан во комплексот за ДВ. 

Една недела откако започнавме да ги бараме одговорите од сите надлежни институции каде е заглавена целата работа и зошто бавно се одвива постапката за регулирање на имотното право - пристигна и веста дека е издаден имотниот лист број 1. 

Довербата пресудна за купување недвижност 

Мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“ започна да се гради во 2021 година. Тој се протега на површина од 325.000 метри квадратни, и покрај четири кули, во негов состав има и деловен простор, како и трговски центар Дајмонд мол со површина за закуп од 48.000 метри квадратни и хотел со пет ѕвездички. Вкупната инвестиција во комплексот изнесува над 350 милиони евра. 

Компанијата „Лимак“, која го гради мултифункционалниот комплекс, беше дел од меѓународниот конзорциум од градежни компании кои го изградија најдолгиот висечки мост на светот „Чанак Кале 1915“ во Турција. Групацијата со своите деловни активности е присутна во повеќе од 17 земји во светот, со повеќе од 60.000 вработени кои работат во неколку сектори: градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности. Во портфолиото на „Лимак“ се и светски познати мега проекти, како новиот аеродром во Истанбул, меѓународниот аеродром во Кувајт, хидроцентралата „Јусуфели“, како и многу други. „Лимак“ беше рангирана на 56 место на листата на 250 најдобри градежни компании во светот за 2021 година во рангирањето што го подготвува Engineering News Records (ENR).

„Станува збор за голема групација, довербата во една ваква инвестиција беше пресудна за да вложиме во купување на недвижност“, вели Трајковски. 

Иако изградбата на становите уште не била започната, компанијата уште во 2020 година започнува со продажба на станбениот простор. „Требаше за две години да бидат готови зградите, но доцнеа па дури минатата година во мај ја завршија првата кула“, вели нашиот соговорник. Станарите веќе година ипол како се вселени - но немаат имотни листови.  

Станува збор за голема групација - довербата во една ваква инвестиција била пресудна за станарите за да вложат во купување на недвижност Фотографија: Val Thoermer/Zoonar/picture alliance

Почетокот на проблемите  

Во април истекуваат две години откако инвеститорот им ги предаде становите на првите станари во луксузниот комплекс во центарот на Скопје. Но, и со клучевите во рака - тие не можат да управуваат со зградата и имотот по нивен избор. Трајковски вели дека со преддоговорот којшто го имаат склучено, во првите две години со зградата ќе управува фирма назначена од инвеститорот, а потоа станарите ќе можат да одберат со 50 проценти, дали сакаат да се смени, или пак да остане истата фирма. „Но, како ќе одредиме кој ќе управува со зградата кога немаме имотни листови?“, прашува Трајковски. 

Живеењето во ваков комплекс за многумина е голем финансиски товар. За месечно одржување на зградата, Трајковски вели дека му стигнуваат фактури и над 10 илјади денари, што е речиси како да плаќа ќирија за сопствениот стан. 

„Двапати го плаќаме станот - и „ќирија“ преку издадоците коишто ги имаме секој месец, и плус рата за станот, за оние коишто земале кредити за купување на недвижноста“, вели нашиот соговорник.  

Дел од станарите, преку адвокат се обратиле и до Општина Центар и испратиле барање до Регулаторна Комисија за домување, против Лимак ДОО во врска со независно фактурирање на износи за редовен и резервен фонд. На 14 октомври, овластен инспектор за домување извршил вонреден инспекциски надзор.

„Во спроведениот вонреден инспекциски надзор, субјектот на надзор ја достави целокупната потребна документација: образложен поднесок, записник за примопредавање, преддоговор, анекси. Врз основа на спроведениот надзор, донесен е заклучок дека не се утврдени никакви неправилности во работењето. Субјектот на надзор има регистрирано управител Лимак ДОО со лиценца. Фактурирање на редовен и резервен фонд произлегува од склучени договори. Купувачите немаат запишано право на сопственост. Доколку сметаат дека е повредено нивното право, потребна е судска постапка“, велат од Општина Центар. 

„Многу скоро ќе се разреши застојот“ 

Од компанијата „Лимак“ за ДВ потврдуваат дека имало застој во процесот на издавање имотни листови. Во писмените одговори добиени преку ПР агенцијата којашто ја застапува компанијата Лимак се наведува дека се во постојан контакт со одговорните во катастарот и дека имаат одлична соработка со институцијата. 

„Благодарение на напорите вложени од двете страни, состојбата е надмината и веќе е издаден првиот имотен лист за првата кула. Очекуваме дека во следниот период ќе се забрза процесот и станарите на оваа кула многу скоро ќе ги добијат своите имотни листови“, велат од „Лимак“. 

Во согласност со законските прописи, постапката оди за секој стан посебно. „Станува збор за нешто помалку од 200 стана во секоја зграда, па е многу важно да обезбедиме што е можно полесен и поефикасен систем на издавање имотни листови за секој од нив“. додаваат од компанијата. 

Од Општина Центар за ДВ велат дека за првите две кули А и Б, постапките кај нив се целосно завршени и целокупната документација е испратена во Катастар, каде што треба да им бидат издадени имотните листови на граѓаните. 

„За кулата А постапката за добивање на имотни листови за сите станови е завршена во јуни 2024 година. Предметот е испратен во Катастар и за становите во кулата Б“, велат од Општина Центар. Со тоа нема пречки станарите да ги добијат своите имотни листови, откако низ општинските филтри поминале сите измени во тек на градба коишто ги правел инвеститорот. 

Од Општина Центар за ДВ велат дека за првите две кули А и Б, постапките кај нив се целосно завршени и целокупната документација е испратена во Катастар, кадешто треба да им бидат издадени имотните листови на граѓаните. Фотографија: picture alliance/dpa/Patrick Pleul

Системски измени како кочница 

Каде беше закочен целиот процес изминативе 18 месеци? 

Директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски за ДВ вели дека кај нив нема некој активен проект од „Лимак“ којшто доцни и не е сработен. Но, целиот проблем се лоцира кај системските измени коишто биле правени во текот на градбата,а коишто го одолговлекле целиот процес. 

„Измените коишто ги прават во текот на градбата го одолговлекуваат целиот процес, затоа што ако една зграда има 200-300 стана, 300 гаражни места, 300 балкони, 300 тоалети или други помошни простории - се работи буквално единица по единица. Тоа да се поклопат сите геодетски, правни податоци, документите коишто општината ги издава и она што покажале елаборатите за да се заврши целата постапка“, објаснува Живковски.  

Фирмата кога ќе добие одобрение за градење, има законска можност да направи отстапка од одреден процент во тек на градбата. „Но, за секоја ситница мора да се направат измени во тек на градба за да може тоа потоа да биде легално на документ како што треба“, вели Живковски за ДВ. 

Тој е дециден дека кај нив целиот процес е завршен како што треба. „Како доаѓаат барањата од „Лимак“ ние така ги работиме. Можеби на пример имало некое задоцнување, заради масивноста на самиот објект, на самите проекти, меѓутоа ние се трудиме најбрзо што може да ги решаваме. Така што од аспект на Катастарот нема никаков проблем“, додава тој. 

„Пиши - бриши“ 

Катастарот е последна институција пред добивањето на имотните листови за становите на Лимак. „Но, ние сме по закон институција ’пиши - бриши“. Од тоа пиши - бриши се случува ако нотарот направи една грешка и ние го забележиме тоа, пропустот ќе мора да се корегира“, вели првиот човек на Катастар. 

На пример системот вели вака: ако купите еден стан и предметот нотарот го прати во Катастар, па потоа друг купи друг стан, и нотарот пак го прати предметот - доколку не се заврши првиот предмет, не може да се постапува по вториот предмет. 
„Како доаѓаат предметите, по ист редослед и се решаваат“, вели Живковски. 

 

Од компанијата не изнесуваат детали по која цена се продаваат становите во овој атрактивен комплекс. Фотографија: Fotolia/svort

Листови за предбележување 

Сопствениците на станови во „Лимак Дајмонд“ засега имаат само листови за предбележување. 

„Кога ќе ни бидат пуштени договорите за упис, како ќе доаѓаат така ќе бидат завршени“, вели Живковски. Но, тие не можат да прават упис ако имаат постапка на измени во тек на градба. Затоа што во првичниот проект станот може да бил 62 квадрати и ходникот да бил 50 квадрати, но со градбата има отстапка па станот е еден квадрат повеќе или помалку, можеби ходникот испаднал 52 квадрати.

„И тој дел мора да биде покриен како што треба. Тоа се постапки коишто се комплексни. Но, генерално, сите инвеститори прават измени во тек на градба, затоа што станува збор за ’жива материја’. Се е во рамки на закон, сите го прават тоа, меѓутоа проблемот е што станува збор за многу голем објект“, вели Живковски. 

Од Лимак Дајмонд за ДВ најавуваат дека изградбата на последните две згради е во завршна фаза. Третата кула (Блок Ц) е готова, а четвртата (Д) ќе биде завршена следната година. Примопредавањето на становите од блокот Ц ќе се одвива за еден месец, додека за блокот Д во април следната година, велат од компанијата. 

Станови за продажба се уште има во последните две згради, блок Ц и Д. Становите во првите две кули (А и Б) се продадени и вселени. Цените на становите во кулите не е идентична, бидејќи се продаваат во различен временски период. Од компанијата не изнесуваат детали по која цена се продаваат становите во овој атрактивен комплекс. 

„Цената на квадратот денес, не е иста со онаа од пред четири години, а секако на цената на квадратот влијаат и други фактори. Можеме да кажеме дека цената е во рамки на пазарните движења за станови на атрактивни локации и во рамки на поголеми повеќенаменски комплекси. Секако наша додадена вредност се и дополнителните содржини што ги имаат станарите на овој луксузен комплекс кои се уникатни, а тоа влијае и на цената на квадратот“, велат инвеститорите на комплексот. .

Според нив, вселувањето во кулите Ц и Д може да се очекува следната година, по примопредавањето на становите. 

Куќа од 3Д-печатач

01:09

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми