Случај Стафа: Садење тикви со ѓаволот
15 декември 2025
Поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, Основниот кривичен суд му определи притвор во траење од триесет дена на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Неговото име изминатиов викенд беше во фокусот на јавноста, откако полициски службеници го лишија од слобода по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поради сторено кривично дело - примање награда за противзаконито влијание.
Како што соопшти Обвинтелството, осомничениот во периодот од октомври до 13-ти декември годинава примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје, за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши.
„Првично, тој побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството“, соопшти Обвинителството.
На 6-ти октомври годинава примил дел од побараниот износ - 30.000 евра што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13-ти декември побарал и примил уште 20.000 евра. Бил лишен од слобода непосредно по примањето на паричните средства и тие се најдени кај него. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, која судот ја прифатил.
Го издала документацијата
Кое е лицето што е недостапно за органите на прогонот, а за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, денес адвокат, требало да издејствува укинување на мерката притвор? Стафа е адвокат на Љупчо Пецов, со прекар Ѓаволот, еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“, покренат на крајот на октомври 2023 година, со кој опфатени 26 физички и 28 правни лица. Тие се осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која издавале фактури со ДДВ за наводно извршени набавки кои всушност не биле извршени, односно со лажно даночно побарување предизвикале штета на буџетот во износ од речиси 8 милиони евра (7.980.627 евра).
За овој случај, адвокатот во јули годинава до Кривичниот суд доставил барање притворот на Пецов да му биде заменет со куќен притвор, а за тоа понудил гаранција и документација од државни институции. Врз основа на приложената документација (обезбедена со присуство на Пецов пред нотар и во јавни и приватни здравствени установи) Обвинителството утврдило дека недостапниот за органите на прогонот, Пецов, е во државата, и обезбедило видео на кое се гледа неговото присуството. Тогаш од ОЈО ГООК изјавија дека имајќи предвид дека лицето било во бегство, дека истото влегло на нелегален премин што ја потврдило веројатноста дека кога сака може повторно да излезе од државата, но и дека не се променети и другите околности врз основа на кои предложило притвор, обвинителството до Основниот кривичен суд доставило негативно мислење по предлогот притворот на Пецов да му биде заменет со куќен притвор.
Митото ја порази професионалната етика
Фехми Стафа беше државен правобранител од 2018 до 2022 година. Иако е „поранешен“, во јавноста како поразителен се оценува фактот што во вакви шеми е инволвирано лице кое до пред три години беше задолжено за правна заштита на имотните права и интереси на Македонија.
Минатата година на ист начин и за ист случај „паднаа“ членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети и врховниот судија Наќе Георгиев, при што вториот беше затекнат и приведен непосредно по земање поткуп за интервенирање во судски предмет, со цел да се олесни процесот на обвинет во предметот за шверц со марихуана. И двајцата се спогодија со Обвинителството. Меџити помина со условна казна, а Георгиев беше осуден на три години затвор. Двете пресуди предизвика бројни критики во јавноста, особено онаа за Георгиев, со оценка дека е крајно несоодветна за судија во највисокиот суд, кој е последната судска инстанца кадешто граѓаните бараат правда.
Историјат на незаконитости
Случајот „Синџир“, каде Љупчо Пецов се осомничени дека е дел од групата што вршела даночни затајувања, не е прв во неговата „кариера“. Пецов, неговата мајка и татко во 2014 година беа осудени во случајот „Керозин“, во кој преку фирмата „Алма Комерц“ го оштетиле државниот буџет за речиси три милиони евра. На списокот на оштетени беа Владата, Царинската управа, УЈП, министерства, општини, здравствени установи и градинки. Тогаш беше осуден на казна од девет години затвор која подоцна му беше намалена на седум години.
Заедно со други лица со обвинение се соочи и лани во март, заради помала испорака на нафта за греење за потребите на градинките, основните и средните училишта во Штип. Добиениот тендер бил вреден два и пол милиони евра, а буџетот на Општина Штип бил оштетен за речиси 300.000 евра. Од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу помала количина на нафта од количината што ја фактурирале и наплатувале од установите.