Скопје меѓу најзагадените градови во светот
17 декември 2025
Смогот повторно се врати во Скопје. Главниот град деновиве е обвиткан во густа магла, а граѓаните се жалат дека сè потешко се дише, не само навечер, туку и во текот на целиот ден. Ситуацијата е слична и во другите градови, особено откако ноќните температури паднаа под нулата.
Според апликацијата IQAir, Скопје утрово беше на 19-то место, а напладне се искачи на 15-то место меѓу најзагадените градови во светот. Во Европа, Скопје е второ по загаденост, веднаш зад Сараево, кое е речиси на врвот на листата.
Сараево на врвот на европската листа
Индексот на квалитет на воздухот во Сараево е 215, што е многу опасно за здравјето, а главен загадувач се ПМ2.5 честичките. Во Скопје индексот е 164 – црвена зона, што значи сериозно негативно влијание врз здравјето. Концентрацијата на ПМ2.5 честички е 12 пати повисока од годишната референтна вредност на СЗО.
Најзагаден град во светот е Лахоре (Пакистан) со индекс 368, додека најчист воздух има во Даблин, Ирска.
Зошто зимата носи енормно загадување?
Зимата го влошува проблемот поради користење нечисти горива за греењеи производство на електрична енергија. Невладините организации често предупредуваат дека ПМ честичките и емисиите од термоелектраните ќе го зголемат загадувањето. Исто така, граѓаните кои се соочуваат со финансиски проблеми често палат пластика, гума или отпадно дрво, што дополнително го труе воздухот.
Покрај согорувањето на биомаса, индустријата, градежништвото и автомобилите се меѓу најголемите загадувачи. Надлежните апелираат за алтернативи – пешачење, велосипед, јавен превоз и користење чисти извори за греење.
Чистите извори за греење се клучни за намалување на загадувањето и заштита на здравјето.