Смртоносен напад на кондуктер во Германија
6 февруари 2026
Смртоносниот напад врз кондуктер во регионален воз кај Кајзерслаутерн предизвика длабока трага на тага и неверување низ цела Германија. Триесет и шестгодишниот железнички работник беше нападнат од патник за време на редовна контрола на билети во понеделникот (2 февруари, 2026), а вчера им подлегна на тешките повреди.
Претседателката на Управниот одбор на Германските железници (Deutsche Bahn AG), Евалин Пала, го оцени настанот како „црн ден за сите железнички работници во земјата“.
„Оштро го осудуваме овој страшен чин на насилство и бесмислената смрт на нашиот колега“, изјави Пала, прашувајќи зошто сè почесто се случуваат вакви насилства. Таа посочи дека кондуктерот „само ја вршел својата работа“ и бил нападнат „на најбрутален можен начин“.
Федералниот министер за транспорт, Патрик Шнајдер, исто така изрази згрозување. „Страшно е работник кој се грижи за патниците да го загуби животот за време на нормално извршување на работните задачи – убиен од сурово и бесмислено насилство“, се наведува во соопштението на министерството.
Барања за поголема заштита на железничките работници
Шнајдер нагласи дека мора итно да се преземат мерки за подобра заштита на персоналот.И шефицата на Железницата, Пала предупреди дека „овие настани мора да нè разбудат“. Според неа, нападите врз вработените растат, а „прагот за насилство во општеството опаѓа“.
Федералниот министер за внатрешни работи, Александар Добринт, побара сторителот да биде најстого казнет за бруталното дело. Политичарот од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) повика на значително заострување на кривичноправната заштита на вработените во услужните дејности, вклучително и железницата. Според него, казнените рамки треба да се прошират, а минималните казни за напади значително да се зголемат.
Премиерот на Рајна-Пфалц, Александар Швајцер, и премиерката на Сарланд, Анке Релингер, исто така изразија шок и сочувство. „Ова брутално насилство врз човек кој само си ја вршел работата нè остава бесни и тажни“, изјавија двајцата социјалдемократски лидери, побарајќи поефикасни мерки за заштита.
Минута молк и реакција од синдикатите
Железничкиот синдикат ЕВГ повика на минута молк. „Денес железничкото семејство мирува, а од утре го засилуваме притисокот“, изјави претседателот Мартин Буркерт. Тој истакна дека „бруталниот напад“ мора да доведе до промена во односот кон безбедноста и побара итни политички мерки.
Лидерот на Синдикатот на машиновозачи (ГДЛ), Марио Рајс, упати критика кон политиката, потсетувајќи дека со години предупредува дека се зголемуваат нападите врз вработените во возовите. „Колегите известуваат за зголемено непочитување, закани и физичко насилство“, изјави тој, додавајќи дека ситуациите почесто и побрзо ескалираат, додека политичките реакции често се ограничуваат на ублажувања или мерки кои „добро изгледаат само на хартија“.
Синдикатот на полицијата (ГдП) побара дополнително обезбедување во возовите. „Го забележуваме растечкиот криминал и бруталноста и во железничкиот сектор“, рече претседателот на федералната полиција, Андреас Роскопф, за весникот Рајнише пост (Rheinische Post).
Повеќе од 1.200 случаи на телесни повреди во 2024
Од јануари до крајот на октомври минатата година, 2.987 вработени во железницата биле жртви на кривични дела, според одговорот на Федералното министерство за внатрешни работи на пратеничко прашање од политичарот на Левицата, Дитмар Барч. Меѓу случаите биле регистрирани 1.148 закани, 1.231 телесна повреда и 324 тешки телесни повреди.
Анкета на ЕВГ од февруари 2024 година покажува дека 82% од железничките работници веќе биле изложени на вербални или физички напади. Во истражувањето учествувале речиси 4.000 кондуктери, работници во станици и вработени во кол-центри.
Нов напад во Хамбург
Вчера во Хамбург се случи уште еден напад врз вработен на Германските железници. Според федералната полиција, 43-годишен маж неовластено влегол во службена просторија на станицата Дамтор и физички нападнал 49-годишен работник со удари со тупаници и клоци. Ситуацијата била смирена дури по интервенција на полициски службеник.
Нападнатиот бил пренесен во болница, а осомничениот е притворен. Полицијата води истрага за тешка телесна повреда.