1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снимка од возилата на грабнувачите отвори нови прашања

7 декември 2023

Ако на снимката прикажана од „Портал икс“ за грабнувањето на Вања Ѓорчевска е веродостојно времето во кое се движеле двете возила, може да индицира дека рутата на грабнувачите не е избрана во паника, туку договoрена.

Спроведување на едно од обвинетите лица за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска
Спроведување на едно од обвинетите лица за грабнувањето и убиството на Вања ЃорчевскаФотографија: Arbnora Memeti/DW

.Дали верзијата за текот на настаните на 27-ми ноември што ја презентираа надлежните во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е поблиску или подалеку од првично споделените сознанија? Дилемата ја наметна „Портал икс“, кој синоќа објави дека обезбедиле снимки кои покажуваат оти на 27-ми ноември во 7 и 55 часот двете возила кои поврзани со грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска поминуваат на улицата број еден во населбата Визбегово. На снимките се гледа возилото марка „ситроен“ кое според изгледот се совпаѓа со она на велешанецот Панче Жежовски, а кое според надлежните, односно исказите на дел од осомничените било употребено при грабнувањето на Ѓорчевска. На снимката се гледа дека пред него се движи возило возило „рено кангу“. Таквото движење на двете возила „едно пред друго" беше соопштено и на заедничката прес-конференција на министерот за внатрешни работи и шефот на скопското јавно обвинителство.

На снимката се гледа дека во „ситроенот" има лице и на совозачкото место. Патот низ населбата во која е снимено движењето на двете возила води и кон местото на кое истиот ден (27.11) се најдени остатоци од опожарениот „ситроен“. Според објаснувањето на надлежните вклучени во предистрагата, дотогаш полицијата сѐ уште немала утврдено поврзаност меѓу исчезнувањето на Панче Жежовски и употребата на неговото возило за грабнување на Ѓорчевска.

Потрага која заврши трагично. Исчезнатата Вања Ѓорчевска беше свирепо убиена од нејзините грабнувачиФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

На друга снимка што ја објави порталот, во 9:37 часот во далечината се забележува облак од чад, кој според медиумот доаѓал од истиот правец каде истиот ден подоцна се најдени остатоците од опожареното возило. За најденото опожарено возило МВР на РСМ информираше следниот ден, на 28-ми ноември.

„На 27.11.2023 било пријавено дека во 15.40 часот во с.Бразда, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Мирковци пронашле целосно опожарено патничко возило. До возилото била пронајдена регистарска табличка со велешка ознака, за која, по извршени проверки, било констатирано дека припаѓа на патничко возило „цитроен“, сопственост на П.Ж. од Велес, за кој на 24.11.2023 во СВР Велес беше пријавено дека се оддалечил од домот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, беше наведено во соопштението на МВР.

Зошто ја избрале Вања?

Во интерес на истрагата, од ОЈО не соопштуваат дали извештаите на Судска медицина по обдукцијата - за времето на убиствата, и начинот на кој се извршени - го потврдуваат она што во исказите го навеле дел од осомничените.

Доколку на снимката прикажана од „Портал икс“ е веродостојно времето во кое е регистрирано движењето на двете возила низ Визбегово, тоа е 40 минути пред мајката на Вања Ѓорчевска да го пријави нејзиното исчезнување (8 и 35 часот), тоа индицира дека рутата на грабнувачите кон селото Бразда била однапред договoрена. Односно, дека не се должела на можна паника создадена кај нив од сензибилизирање на јавноста по јавно објавена информација за исчезнување на детето, бидејќи во тој момент таква информација во јавноста сѐ уште немало. 

Кој е Љупчо Палевски, осомничениот убиец на Вања Ѓорчевска

01:18

This browser does not support the video element.

Во однос на мотивите за грабнувањето на Вања, се чини дека Обвинителството допрва ќе има работа, бидејќи за нејзиното убиство не се врзува првично презентираниот мотив „користољубие“. Кога ОЈО Скопје соопшти дека донело Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, во соопштението четворицата од нив ги наведе „како соизвршители кои сториле две кривични дела- грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие)".

Ако само едното убиството е извршено од користољубие, тогаш кои биле мотивите за другото? Зошто била избрана токму Вања, ако нејзините родители не биле изложени на изнуда? Од ОЈО засега нема одговор на тоа прашање.

Во моментов се истражува вистинитоста на тврдењата на двете лица кои во различни денови го превезувале првоосомничениот - во првиот случај до Белград, а во вториот од Србија низ Бугарија до Турција. И двајцата тврделе дека во моментот кога му помагале на Палевски да стигне до бараната дестинација, не знаеле дека тој е осомничен за два случаја на грабнување и убиство. Но, одредени комуникации кои се случиле во критичните денови додека патувале заедно со него, треба да откријат дали тие ја говорат вистината.

Мицкоски: Многу брзо јавноста ќе ги знае сите детали

Во недостиг на многу одговори, во јавноста се шират тврдења за „дупки" во истрагата, односно за ненавремено постапување во барањето на возилото по исчезнувањето на Жежовски.

На овој аспект вчера се осврна и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наведувајќи дека има големи недостатоци во истрагата и дека тој има сериозни информации за тоа.

Големи недостатоци во истрагата, критикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали. Има детали и големи недостатоци во истрагата. Погледајте кога објавува ќерката на лицето кое е исчезнато со неговото возило, видете која е датата кога, за жал, малата Вања исчезнува, и потоа видете кога почнува истрагата. Но тоа сега ние нема да го дискутираме. Ние бевме како политичка партија, и јас, надвор од сето ова - намерно, за да не се создаде впечаток како што тие го создаваа со децата од Смилковско, како што тие го создаваа впечатокот со малата Тамара. Намерно седевме настрана, не сакавме да се мешавме. Не сакаваме воопшто да влијаеме на процесот за да не бидеме погрешно сфатени. Но, за месеци од денеска, сето ова ќе биде на лице на јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. И тие информации кои што јас ги знам се озбилни информации", рече Мицкоски во интервју на ТВ Шења.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми