1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СНС, ДПК, ВМРО: Црни булки долж јужните пруги

5 септември 2024

Набљудувањeтo на СНС на Александар Вучиќ, на ДПК на Хашим Тачи и ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски е како да следите три верзии на ист филм, на различни јазици и различен кастинг. Пишува Арсим Зеколи

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Со типична ароганција на приучен дипломат-падобранец и надмоќност позајмена од сопствената држава, соговорникот паралелно со вилушка бркаше тортелини низ чинијата и истураше „мудрости" потопени со сосот распрснат низ нашите сакоа и кошули.

„Вие се мислите различни, ама сите сте исти, ист менталитет имате и тоа е јасно видливо од средбите што ги имавме во Белград, Скопје, Приштина”. По неколку мљац и мрч секунди, падобранецот ќе заклучи „жалам, но тоа е вистината која мора да ви се каже, сакале вие или не”. 

Младиот академец седнат до мене, лишен од скрупулите на дипломатијата и неволен да одмолчи заради една вечера и еден грант, отсечно му возврати: „па екселенцијо, можеби проблемот сте вие и вашиот избор на соговорници во Белград, Приштина, Скопје. Можеби проблемот е што без оглед дали сте Американец, Германец, Французин, Турчин, Русин, сите си имате споделен вкус за избор и апетит за дружење со нашите ваши соговорници”. Не знам дали младиот академец повторно беше канет на вечеринки со падобранци. 

Доколку ме служи сеќавањето, анегдотата датира од времето на моќта во владеењето на Груевски и Хашим Тачи, и надежните нови „реформисти” Александар Вучиќ и Еди Рама, сите заедно од клубот на таканаречени „синови на Меркел”, минус Тачи. Размената на пацки помеѓу гладниот дипломат и младиот професор, иако конфликтна, сепак ја извлече на површина чудната димензија на странските презриви просудби кон нас и нашите погледи кон нив. 

Како мултилингвален и ревносен следач на политиките, медиумите и општествата долж Јужната пруга од Белград до Скопје, би му дал за право на дипломатот дека без оглед на сите наши убедености за драстичните различности, сепак сличностите на претставничката и државничка култура се безмалку еднојајчено идентични.

Набљудувањeтo на Српската напредна странка на Александар Вучиќ, на Демократската партија на Косово на Хашим Тачи, т.е. Мемли Красниќи и ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски т.е. Христијан Мицкоски е како да следите три верзии на ист филм, на различни јазици и различен кастинг.  Поради што, таквиот феномен упатува на дилемата дали станува збор единствено за политички споделена идеологија или поширок културолошки и ментален концепт наметнат низ политички внатрешни и идеолошко надворешни влијанија.  

Бранители на каузата  

СНС, ДПК, ВМРО се партии кои функционираат врз потребата за катадневно, неуморно, беспоштедно, агресивно и вулгарно наметнување на себе како бранители на каузата,  манифестација на мажественоста, никогаш нереализираната „држ ме да не се разулавам”  воинственост, самопрогласената супериорна конзервативна моралност во пар со патетичниот привид на изглумена блискост со „обичниот народ”. Во сите три примери, организациската структура се базира врз доминација на проектиран алфа-мажјак, масивна пропагандна спин-апаратура, стратешки распределени командант-грубијани и комесар-женички за синхроно татковско шамарање и мајчинско тешење на членството, мистификација на политиките, фаталистичко боење на иднината и восхитувачка ревизија на минатото. 

Таа сличност на организационата хиерархија и начин на делување на СНС, ДПК, ВМРО се прелива и низ вториот ешалон на владеењето, т.е. комуникацијата со општеството и медиумите. Јазиците и тематиките се различни, но медиумската култура помеѓу Информер или Пинк на СНС, Национале или Газета Експрес на ПДК, Алфа и Канал 5 на ВМРО-ДПМНЕ се целосно идентични како според изборот на прототипните ликови (Митровиќ-Вучелиќ, Бужала-Хаџиу, Момировски-Мирчевски) така и според содржинската понуда. Која воглавно варира помеѓу смислено наметнување на порнографизација на нормалноста и морализација на абнормалноста, согласно дневно-политичкиот интерес на партијата-власт. Спротивно на доминантните оценки, нивната клучна мисија не е разубавувањето на денешницата и ширење оптимизам за иднината (тоа е прерогатив на директната власт), туку на ширење и наметнување на фатализам и страв за катаклизмичните последици кои ќе уследат доколку „другите” дојдат или останат на власт. Со што самите медиуми, нивните сопственици и новинари ја проектираат врз општеството сопствената престрашеност и одбивност кон промените кои би ги загрозиле нивните привилегии на ексклузивни глодачи на коските од СНС, ДПК, ВМРО. 

Разбирањето на реалните прагматични мотиви во позадината на „патриотските медиуми” е предуслов за разбирање на внатрешната, од граѓаните скриената логика и динамика на постоење и дејствување на ваквите партии. Бидејќи под сите тие наслаги на вулгарност, порнографија и религија, патриотизам и конзервативно десничарство, олигархија и сиромаштија, длабоко во срцевината на тие партии лежи еден од очите на граѓаните добро скриен парадокс. Имено, СНС, ДПК, ВМРО се партии со моќни апаратури, галамџиски медиуми, насилни команданти, носо-прчлести жени, сите употребени како обвивка околу кукавичката, послушничка, сервилна и полтронска природа на опстојување и начин на доминација. За разлика од левичарската „праска принцип” на надворешни мекотели со тврди идеолошки срцевини, десничарството на СНС, ДПК, ВМРО е базирано врз самонагласената претстава за „тврди ореви” со меки срцевини.  

Сржта на статус-кво  

Политиката е перцепција, и тоа десничарските партии го имаат навремено разбрано и спроведено. За разлика од левите партии кои сеуште мислат дека политиката е борба помеѓу идеологии. Оттаму, иако перцепцијата за СНС, ДПК, ВМРО е онаа за дефанзивни, речиси параноично херметички затворени партии, во реалноста соработката помеѓу овие партии отсекогаш цутела и се разивала како збратимени шампињони во мизансценски мракови. И хранети со  „десноконзервативните” специјалитети на ИРИ и Конрад Аденауер, Орбанови илиберални комуњарски гулаши и Ердоганови салепи. За нашите млади демократии таквите десни-само-во-име партии се новитет, но за искусните капиталистички демократии тие се само уште една варијација на веќе видените „десничарења” низ Јужна Америка, Југоисточна Азија, арапскиот свет и јужниот Медитеран. Ништо повеќе од уште една патологија на поднебјето кое мора да се контролира преку толерирање на нагласена хипер-мажественост преку униформни парадно-воинствени хунта имиџи, мафијашка глад за пари на лумпен-јунген полтрони во замена на испорачување на послушност кон надворешните фактори на моќ. И тоа е сржта на статус-квото како обележје на секоја псевдо-десничарска власт, конкретно на СНС, ПДК, ВМРО, диктирано од предвидливите мотиви за владеење и уште попредвидливите рокови на траење. Кои редовно се репризираат со драматичи елиминации на лидери кои поверувале во сопствените лаги и нивна супституција со „дајте нови деца” јунген-полтрони во мисија на „спасување на нацијата”. 

Она што оваа скриена природа на десниците долж јужната пруга ја прави делумно поразлична од другите е што нејзината генеза ниту води, ниту е диктирана од старите, традиционални народни партии (дури ни оние национал-социјалистички), туку се дериват на конзервативниот комунизам, сталинистичкото дисиденство од доцните шеесетти години на минатиот век. Тоа е и причината за бласфемичната, неверна, раскалашна и над се профитабилна подземна папочна поврзаност помеѓу десничарската имитација и сталинистичката матрица на партнер-ривалите од (пост)комунистичките партии – СНС кон СПС, ПДК кон Движењето за Косово, ВМРО кон СДСМ. За да таа патрдија биде надополнета и проширена со нивната експлоататорска, манипулативна и статус-кво диктирана инструментализација од страна на западните расно-религиски диктирани фондации и штифтунзи. Тоа е и енергијата која сите наведени актери ги здружува и мотивира за споделената омраза и деструкција на партиите како ВетВендосје во Косово, кон Зоран Ѓинѓиќ и било која друга партија, движење или лик надвор од орбитата на домашната псевдо-идеолошкиот лажен контраст и западната зависност од стабилократијата. И сосема на крај, тоа е разјаснувањето зошто впечатокот дека „сите се исти" е повеќе од блазирана констатација која ги нервира и разжествува подеднакво домашните мекотели и станските тврди ореви.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми