1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан ја „подмачкува“ Србија со руска нафта

28 ноември 2025

Американските санкции против рускиот нафтен сектор силно ја погодија Србија. За помош се јави соседна Унгарија. За деталите Орбан преговара во Москва со Путин

Александар Вучиќ му доделува орден на Виктор Орбан. Белград, 16 септември 2022
Виктор Орбан и Александар Вучиќ со години негуваат многу блиски односи.Фотографија: Darko Vojinovic/AP//picture alliance

Кога станува збор за наводни непријатели, Виктор Орбан не познава милост. Тоа најчесто го чувствува Украина. Во речиси секој говор и интервју, премиерот на Унгарија ја претставува, во војна разурнатата соседна земја, како закана за Европа и како извор на зло. Притоа, Орбан – пријателот на Путин – често нагласува дека државната солидарност има свои граници и дека интересите на Унгарија се на прво место.

Сосема поинаку звучи кога станува збор за неговите политички сојузници. Тогаш Орбан понекогаш зборува како проповедник на самаританците. Говори за партнери и пријатели кои не смеат да се остават на цедило, туку на кои мора да им се помогне без оглед на пречките.

Во моментов, Србија ја ужива оваа селективна солидарност на Орбан, бидејќи таму претседател е Александар Вучиќ – исто како и премиерот од Будимпешта, десничарски националист и автократ. Соседната земја се соочува со економски проблеми поради американските санкции против рускиот нафтен сектор.

Орбан ветува помош. „Нашите српски пријатели се во неволја поради санкциската политика“, напиша Орбан во четврток (27.11.2025) на Фејсбук пред посетата на Србија. „Ќе го уверам претседателот Вучиќ: Унгарија ќе направи сè за да ѝ помогне на Србија со снабдувањето со гориво.“

МОЛ веќе испорачува

Најголемата нафтена и гасна компанија во Србија, „Нафтна индустрија Србије“ (НИС), која во Панчево кај Белград управува со единствената рафинерија во земјата, е во мнозинска руска сопственост и мораше значително да го намали производството поради санкциите. Испораките на нафта преку нафтоводот ЈАНАФ од Хрватска – единствениот ваков правец кон Србија – беа прекинати на почетокот на октомври. Дополнително, договорот за рускиот гас истекува на крајот на декември, а нов договор сè уште не е постигнат.

Србија има резерви на бензин, дизел и керозин, но тие не се доволни за подолг период. Затоа земјата мора краткорочно и среднорочно да увезува нафта и гориво за да ја одржи снабденоста. Голем дел од овие увози веќе од крајот на октомври доаѓаат по копнен и железнички пат од Унгарија. Клучна улога има унгарскиот нафтен концерн МОЛ – најважниот во Централна и Југоисточна Европа, кој е под контрола на акционери блиски до Орбан.

Заеднички нафтовод

Според министерот за надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто, МОЛ моментално испорачува двојно повеќе нафта и нафтени деривати во Србија отколку вообичаено. Количината ќе се зголеми уште повеќе. Се планира и изградба на заеднички нафтовод од Унгарија до Србија, кој би можел да биде пуштен во употреба до крајот на 2027 година. МОЛ би можел да преземе делови од НИС, бидејќи Србија сака да се ослободи од руските мнозински сопственици „Гаспром Њефт“ и „Гаспром“. 

Руските „Гаспром Њефт“ и „Гаспром“ се мнозински сопственици на српскиот НИСФотографија: Spasa Dakic/SIPA/picture alliance

Во четвртокот, Орбан на прес-конференција со Вучиќ во Суботица, близу српско-унгарската граница, изјави дека е важно руската нафта и гас да продолжат да пристигнуваат во Унгарија. „Од САД добивме исклучок од санкциите, а сега ќе преговарам – во наредните денови, односно утре – за да обезбедиме руската нафта и гас да дојдат. И кога ќе го имаме тоа“, му вети Орбан на Вучиќ, „ќе го имате и вие. Она што го имаме, го делиме со вас.“

Орбан во Москва

Овие зборови и навестувањето за „утре“ беа индиректна најава за посетата на Орбан на Москва во петок (28.11.2025), каде што се среќава со рускиот претседател Владимир Путин. Орбан ќе преговара и за зголемување на увозот на нафта во Унгарија. Можно е да му предложи на Путин, МОЛ да ги преземе руските удели во НИС – иако засега „Гаспром Њефт“ и „Гаспром“ се противат на продажбата.

Што ќе каже американскиот претседател Доналд Трамп за ова толкување на исклучокот за Унгарија, кој според американската влада важи само една година, останува да се види. Како и да е: она што Орбан и Вучиќ го претставуваат пред јавноста како чин на солидарност и пријателство меѓу соседи, во реалноста е политичка стратегија и добар бизнис за двајцата автократи.

Партнери во „политиката на суверенитет“

Со ниеден друг лидер од соседството Орбан нема толку блиски односи како со Вучиќ. Унгарија со години се залага за проширување на ЕУ со Србија како прва земја-членка. Причината е јасна: политичкиот развој во двете земји – од ограничувањето на медиумската слобода, преку политичката контрола врз судството и прикривањето на корупциски афери, до поткопувањето на поделбата на власта – е сличен веќе со години. Двете земји се блиски партнери на Русија и Кина и водат слична „шарена“ политика меѓу Истокот и Западот.

Од членството на Србија во ЕУ под водство на Вучиќ најмногу би профитирал Орбан. Целта на унгарскиот премиер е „Европа на суверенистите“ и трансформација на ЕУ во тој правец, со што би се обезбедила финансиска и економска помош, а критиките за недостаток на владеење на правото би се елиминирале. Со Вучиќ, Орбан би имал партнер во тој клуб.

Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми