1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Околу 200 обвинети се надеваат на спас со измените на КЗ

ДТЗ
19 октомври 2023

Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев не се согласува дека судот е виновен за застарувањето на предметите на СЈО. Вели дека требало да се внимава на тајмингот за законските измени.

Кривичен суд
Со измените на Кривичниот законик се засегнати 197 обвинети во 36 судски процесиФотографија: DW/P. Stojanovski

Околу 200 обвинети во 36 судски предмети, кои се гонат за злоупотреба на службената положба во Кривичниот суд во Скопје, се надеваат на слобода или поблаги казни по стапувањето на сила на законските измени на Кривичниот законик. 

Статистиката покажува дека во Кривичниот суд се водат постапки со кои се опфатени конкретно 197 обвинети лица, на кои најчесто им се суди по членот 353 кој со новите закоснски измени е избришан. Најмногу од обвинетите - 38 се во предметот „Змиско око“ , кој се суди повеќе од една деценија. Колку од процесите ќе застарат зависи од преквалификацијата што треба да ја направат обвинителите. Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев вели дека требало да се внимава на тајмингот за законските измени, бидејќи има многу застарени предмети кои биле во финална фаза.

 „Дали е вистинскиот тајминг, не знам. Меѓутоа тајмингот за многу работи е важен, во спротивно може да бидат контрапродуктивни. Во случајов има многу застарени предмети кои беа во финална фаза. Дали требаше да почекаат да се завршат судењата, па да се оди на измени на КЗ, треба да се анализира“, изјави претседателот на Основен кривичен суд – Скопје, Иван Џолев, на брифинг со новинарите, по бранувањата коишто ги предизвикаа измените на Кривичниот законик. 

Да не се вперува прстот во судството 

Откако деновиве премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката Славица Грковска го вперија прстот кон судството за долгите процеси и пропаѓањето на предметите на СЈО,  првиот човек на Кривичниот суд бара да престане да се „манипулира со бројки дека судењата траеле седум, осум, девет години“.

„Предметите на СЈО почнаа на 1 јануари 2018 година и до денеска траат пет години и 10 месеци. Од 21 предмет, скоро сите, односно 18, се најмалку еднаш завршени во судот, а некои и двапати затоа што Апелација ги укинала. Затоа апелираме и до Апелациониот суд да одлучува мериторно“, вели Џолев. 

Каква ќе биде судбината на дел од предметите коишто се уште се водат зависи од следните чекори на обвинителството. Досега, целосно или делумно застарување има во девет предмети. Застаре прислушувањето во „Таргет Тврдина“, „Моќник“ и уште неколку други предмети. 

Судот неодамна ја запре постапката за Сашо Мијалков и уште неколкумина обвинети за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба во случајот „Таргет - Тврдина“. Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Кој ќе ги плаќа трошоците? 

Трошоците на одбраната за предметите кои застарија со последните измени на Кривичниот законик паѓаат на товар на буџетот на државата. Средствата што обвинетите ги исплатиле на адвокатите, со одлука на Судот ќе треба да им бидат рефундирани на странките. За трошоците да бидат признаени и досудени, адвокатите ќе треба да поднесат барање и пред судот да приложат реално сторени трошоци.

Согласно адвокатската тарифа, едно рочиште во предмет со повеќе обвинети адвокатот го тарифира околу 60 до 90 илјади денари, а во еден ваков предмет досега можеби имало и стотина рочишта, со по дваесетина адвокати.

Освен трошоци за адвокати, судот ќе треба да ги рефундира и трошоците за направените вештачење, а обвинетите во овие предмети од државата ќе може да бараат оштета и за времето поминато во притвор. Сето ова само дополнително ќе ја обремени работата на судот.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми