Со кого САД преговараат во Иран?
25 март 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот (23.03) ги изненади сите тврдејќи дека неговата администрација имала „многу добри и продуктивни разговори“ со Иран за крај на тековната војна, одложувајќи ги истовремено неговите претходни закани за ескалација.
Иран брзо негираше дека се водат преговори. Сепак, подоцна истиот ден, Трамп изјави дека ќе продолжи со наводните разговори со иранските преговарачи по телефон, додавајќи дека неговата администрација веќе разговарала со „високо рангирана личност“ во Иран, тврдејќи дека двете страни постигнале „главни точки на согласност“.
Говорејќи пред новинарите во Флорида за тоа со кого САД комуницирале од иранскиот режим, Трамп рече „најпочитуваниот и лидерот“, но „не врховниот лидер“ Моџтаба Хаменеи.
Трамп одби да ги идентификува иранските преговарачи, наведувајќи дека не сака „да ги убијат“.
Тврдењата го отвораат прашањето како Трамп дошол до овој пресврт — повикувајќи на преговори и пауза во нападите само неколку дена откако даде дводневен ултиматум за уништување на иранската енергетска инфраструктура.
Некои, вклучително и ирански лидери, велат дека САД се обидуваат да купат време, бидејќи војната со Иран трае подолго од очекувањата на САД и Израел.
Друга можност е дека по три недели интензивно бомбардирање на Иран и ликвидација на негови врвни лидери, конечно се појавуваат пукнатини во режимот, и дека некои умерени и прагматични функционери се подготвени за договор.
Улогата на посредниците како Турција
Аналитичари и други извори за ДВ изјавија дека тајната дипломатија од Египет, Турција и Пакистан одиграла голема улога во напорите за деескалација, без оглед на негирањата од страна на Техеран.
Според турски извор, британската новинска платформа „Middle East Eye“ објави дека Турција „се обидува да изгради обединет фронт во преговорите за да го балансира израелското влијание, работејќи со европски, заливски и други регионални актери за да помогне во завршување на конфликтот“.
Но турското Министерство за надворешни работи одби да коментира дали земјата пренела пораки меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за време на викендот.
Египетското Министерство за надворешни работи вели дека презема „постојани напори и комуникации“ со сите страни.
Пакистан – можен домаќин на разговорите
Висок пакистански функционер запознаен со ситуацијата, под услов да остане анонимен, за ДВ изјави дека „Исламабад активно е ангажиран со двете страни од почетокот на војната“.
„Началникот на пакистанската армија и фелдмаршал Асим Мунир и премиерот Шехбаз Шариф се во контакт со високи американски и ирански претставници за да посредуваат и помогнат да се стави крај на војната. Исламабад би можел да биде потенцијално место за преговори на високо ниво“, рече тој по телефон.
Дипломатски извор за ДВ изјави дека пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар е во директен контакт со ирански функционери и исто така разговара со лидери во земјите од Заливот за поддршка на иницијативите за посредување.
Мајкл Кугелман, експерт за Јужна Азија со седиште во Вашингтон, за ДВ изјави дека „Пакистан ги користи своите блиски врски и со САД и со Иран — статус со кој можат да се пофалат малку земји — и разговара со двата главни града за да ги врати од работ на конфликт“.
„Не е јасно до каде Пакистан може да оди со овие напори, особено кога станува збор за разговори на негова територија, имајќи предвид дека тој самиот е вклучен во сопствен конфликт со Авганистан и се справува со сериозни безбедносни ризици. Но неговите напори за посредување имаат потенцијал, и тоа ја зацврстува позицијата на Пакистан како сè позначаен надворешен актер на Блискиот Исток“, нагласува Кугелман.
Потенцијални ирански соговорници
Пакистанскиот функционер што разговараше со ДВ ги наведе иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и претседателот на парламентот Мохамад Багер Калибаф како лица за контакт во евентуален дијалог со администрацијата на Трамп.
Аналитичарите сметаат дека Калибаф, по убиството на Али Лариџани, поранешниот секретар на Врховниот национален совет за безбедност, сега е де факто воен лидер на Иран. Новиот врховен лидер, Моџтаба Хаменеи, сè уште не се појавил јавно, и има извештаи дека е или убиен или тешко повреден.
Претседателот на парламентот Калибаф се смета за „длабоко амбициозен“ политичар, кој трипати неуспешно се кандидирал за претседател. Според двајца американски функционери цитирани од „Политико“, 64-годишниот Калибаф „може да го води Иран и да преговара со администрацијата на Трамп во следната фаза од војната“.
Калибаф негира какви било контакти со САД.
Калибаф, заедно со претседателот Масуд Пезешкијан и Хасан Рохани, претседател на Иран од 2013 до 2021 година, се сметаат за умерени фигури во иранскиот режим кои би можеле да бидат заинтересирани за договор меѓу Иран и САД.
Дали иранскиот режим е единствен во однос на преговорите?
Иранскиот режим е значително ослабен од повеќенеделните напади од САД и Израел, но тешко е да се каже дали е на работ на распад.
„На почетокот имаше проценка дека постојат два Ирана. Технички, постои политичка страна и постои Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), но сега изгледа дека и двете страни зборуваат со еден глас. Точно е дека имаше несогласување во Иран околу нападите и нивниот интензитет врз земјите од Заливот“, изјави за ДВ Али К. Чишти, аналитичар за безбедност со седиште во Ријад.
„Пакистан сега доби уверување од иранските функционери дека дури и ако ги нападнат земјите од Заливот, тоа нема да биде интензивно. САД, пак, рекоа дека нема да ја напаѓаат иранската инфраструктура“, додаде тој.
Чишти смета дека Иранците го негираат постоењето на комуникациски канал со САД поради домашен притисок, иако се подготвени да продолжат со посредничките напори предводени од Пакистан.
„Техеран бара гаранција дека американско-израелските напади ќе престанат. Исто така, сакаат уверување дека нивните ракетни системи нема да бидат цел, и дека тие ќе го контролираат Ормускиот Теснец. Американците, меѓу другото, сакаат претседателската страна на режимот да стане посилна во државните работи.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик