1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со кривични пријави ќе се асфалтира патот Кичево- Охрид?

3 ноември 2023

Од „Бехтел и Енка“ се обложиле дека тие побрзо ќе ги завршат делниците од К- 8 и 10 од „кинескиот автопат“. Властите не исклучуваат прекин на договорот за Кичево-Охрид и кривични пријави за „погрешно проектирање“.

Северна Македонија автопат Кичево-Охрид
По десет години тапкање во место, неизградениот автопат Кичево-Охрид е пред нова раскрсница: една од опциите за кои размислува власта е раскинување на договорот со изведувачот „Синохидро“Фотографија: DW/K. Delimitov

По десет години тапкање во место, неизградениот автопат Кичево-Охрид е пред нова крстосница: една од опциите за кои размислува власта е раскинување на договорот со изведувачот - кинеската компанија „Синохидро“, кој следната недела ќе одбележи 10 години од потпишувањето.

За најава на вакво сценарио беше искористена Првата конференција за патна инфраструктура „Искуства, Предизвици и Перспективи“, која почна вчера (2.11) во Охрид и продолжува и денес. Првиот вицепремиер Артан Груби во обраќањето изрази разочараност поради фактот што патот Кичево-Охрид нема да биде изграден во предвидениот законски рок, до 31-ви декември 2023 година.

„Во 2013-та започна, така? Со 400 милиони евра, денеска е над 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот сега, на крај на годината. И сметам Премиере, дека е крајно време, и Владата и Собранието, да го разгледа тој договор, па ако треба и нека се прекине. И нека се даде на друг. Затоа што ова веќе е скандалозно. Апсолутно неприфатливо“, рече Груби.

Кривични постапки за погрешно проектирање

Незавршувањето на тој автопат во договорениот рок, го засега рејтингот на политичарите, особено кога нивните ветувања дадени пред граѓаните за неколку месеци ќе одат на изборна проверка. На овој аспект се осврна и Груби.

„Јас не доаѓам од бизнис заедницата, како што е премиерот. Јас сум политичар. Ние функционираме на мандати. Нашиот мандат е година, две, три, четири максимум. Ако не сме испорачале во мандатот, нас нѐ носат дома. Но треба да ги носат дома и тие што при проектирање грешат и да се започне и кривична постапка за погрешно проектирање. Единаесет нови свлечишта на патот Кичево - Охрид, тоа е апсолутно неприфатливо! Десет години проект!? Да, се случува, но намерни грешки при проектирањето и бесконечно одолговлекување на проектите, тоа ги чини живот граѓаните. Колку само сообраќајки имаме на овој пат! И не знам како ќе гласаат пратениците на крај на декември во однос на продолжувањето на тој договор, затоа што е скандалозен. Кога ги започнавме разговорите со менаџерите на ‘Бехтел и Енка’за изградбата на Коридорите 8 и 10 д, ни рекоа: ‘Да се обложиме дека ние ќе го завршиме автопатот пред вие да го завршите кинескиот автопат’. Мислев дека се шегуваат. Испадна дека ќе е вистина и тоа“, рече Груби.

Иако продефилирале многу генерации на политичари и бизнисмени, според Груби, во земјата сѐ уште не е завршена основната инфраструктурна логистика.

„И сега - дали е (одговорен - н.з.) изведувачот, дали е проектантот, дали е надзорот, тоа нека го утврди Јавното обвинителство, а политичарите да размислат до декември како ќе одлучат, но вака не може да се продолжи. Ако треба нека се прекине, нека се даде на луѓе коишто знаат да го направат патот и нека се изградат автопатиштата. Ни помина животот чекајќи да се завршат проектите“, рече Груби.

Незавршувањето на автопат во договорениот рок го засега рејтингот на политичаритеФотографија: DW/K. Delimitov

„Топката“ што тој ја дофрли, подготвено ја дочека премиерот Ковачевски.

„Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради повеќе од 10 години и сè уште да не е направен и притоа пак да се бара продоложување, кое треба да оди пред пратениците. Од таа причина, веќе ги информирав дел од колегите во Владата дека ќе барам ревизија од Државниот завод за ревизија на проектот, врз основа на што ќе се носи одлуката. Овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба, а и на самиот почеток знаете дека беше предмет на голем број на контроверзи, во кои не би сакал да навлегувам“, рече Ковачевски.

Иако не може да прејудицира какви одлуки би донеле Владата и Собранието, смета дека една од опциите е и раскинување на договорот.

Кратко памтење

Артан Груби вчера се повика и на пораката што ја даде минатата година нобеловецот Пол Кругман (од втората годишна конференција на Скопје економски финансиски форум - СЕФФ 2022) - да си ги поправиме патиштата.

Таа изјава беше дел од одговорот на Кругман, на прашањето какви структурни реформи треба да се направат во земјата. Во одговрот веројатно го имал предвид искуството од неговото патување до Охрид.

„Не сум ја анализирал доволно вашата земја за да можам да одговорам, но меѓу другото, треба да си ги поправите патиштата. Вие сте континентална земја, транспортната инфраструктура е очигледно неопходна (...) Она што е неопходно, ако сакате фабрики од Германија, од Холандија и.т.н., да ги убедите да користат производство оттука, најважно прашање е инфраструктурата за да може тие производи да се транспортираат“, рече Кругман.

А кога станува збор за пораките од минатата година, факт е дека премиерот Ковачевски тогаш беше „рационален оптимист“ дека патниот правец Кичево-Охрид ќе биде завршен до крајот на 2023 година. За разлика од сега, кога вели дека нема „ни метар асфалт“, друго тврдеше при увидот на работите во ноември 2022 година.

Проектот кој трае 10 години никако да завршиФотографија: DW/K. Delimitov

„Вчера бев на увид на градежните работи. Се гледа дека конечно таму се работи. Има напредок“, рече тогаш Ковачевски.

Бидејќи кажа дека рокот за завршување на автопатот е крајот на 2023 година, на партиски собир го коментираше одговорот што министерот Бочварски го дал на новинарско прашање - кој ќе биде одговорен ако тоа не се случи.

„Бочварски одговори - мора да бидеме оптимисти дека патот ќе се направи. Му реков Благоја, лош ти е одговорот. Одговорен за патот да биде готов во јануари 2024 година си ти како министер за транспорт и врски. Затоа, Благоја, еве го тука, стани да те видат сите, дајте му поддршка затоа што во јануари 2024 година по тој пат мора да се вози од Кичево до Охрид“, рече премиерот лани во ноември.

Една година подоцна, реши да побара ревизија и смета дека таа ќе покаже кои се елементите што предизвикале толку многу да се доцни со изградба на таа автопатска делница. Но, се чини дека чука на отворена врата.

Висок ризик

Во Конечниот извештај на ДЗР за извршена ревизија за успешност „Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и створени трошоци“ од јуни 2022 година, ревизорите посочиле дека и со петтиот анекс кон договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид и утврдениот рок за завршување на 31-ви декември 2023 година - „постои висок ризик од неисполнување на преземените обврски и дополнителни отштетни побарувања, дополнителни трошоци по заемот и пролонгиран рок“. И не само тоа.

Премиерот бара ревизија и смета дека таа ќе покаже кои се елементите што предизвикале толку многу да се доцни со изградба на автопатотФотографија: DW/K. Delimitov

„Постои голема неизвесност за отштетни побарувања, зголемување на трошоците на договорот за заем поради застој во изградбата за камати кои се плаќаат на повлечените средства и провизија на неповлечените средства. Ревизијата обрнува внимание дека за имплементација на овој проект, како и за економично користење на средствата, потребно е координирано дејствување на повеќе државни институции со цел исполнување на обврските од страна ЈП за државни патишта во улога на инвеститор. Исто така, доколку не се исполнат обврските по договорот, постои ризик од спор кој е ризик од големи финансиски штети“, се вели во Извештајот.

Притоа ги наведуваат аспектите кои водат кон неизвесност за реализација во договорениот рок: „градба на aвтопат во должина од 57 км. по застарени проекти кои не ја отсликуваат реалната состојба на терен, кои не се изработени од проектанти со меѓународно искуство, отсуството на контрола и надзор во фазата на проектирање, отсуството на тендерска постапка за утврдување на цените за градбата, некоординирано дејствување на институциите во постапката за одобрување на инфраструктурни проекти и постапките за експропријација, комплексна правна рамка за измени во тек на градба, непостоење на мониторинг и надзор на имплементацијата на проектот“.

Сето ова, според ревизорите, има за ефект пролонгирање на рокот - од првичниот (4.05.2018), крајно ревидиран со 31.12.2023 година, со голема неизвесност за остварување на тој рок и со дополнителни трошоци кои ќе се создадат до завршување на проектот.

„Прогнозирани и дополнителни и непредвидени работи се на износ од 312 милиони евра, а вредноста на тунелот Пресека е за 254% зголемена, на 111 милиони евра што укажува на недобро проектирање, а не е дизајниран систем за контрола и одобрување на дополнителни и непредвидени работи“, се наведува во Извештајот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми