Со одморот доаѓа и болест
29 јули 2023
Само што ќе почнат празници, се појавуваат симптоми – честа појава е луѓето да се разболат токму на почеток на годишниот одмор или на викенд. Според анкета направена за потребите на Меѓународниот универзитет за применети науки во Бон, еден од пет граѓани во Германија страда од „болест на слободно време“ (leisure sickness). Станува збор за појава кога луѓе се разболуваат токму тогаш кога ќе им почне слободното време. Во анкетата учествувале околу 2000 луѓе.
Симптомите варирале од главоболка, преку настинка, кашлање и течење на носот, до исцрпеност. Портпаролката на Германското друштво за заразни болести вели: „Болеста на слободното време главно е феномен предизвикан од стрес“.Тоа може да влијае на имунолошкиот систем и други физиолошки процеси, но главно е психосоматска појава.
Повеќе објаснувања
Постојат повеќе објаснувања за болеста на слободно време. Многу експерти претпоставуваат дека постои тесна врска меѓу стресот и реакцијата на телото на него. „Основата е меѓуигра на симпатичкиот и парасимпатичкиот нервен систем во автономниот нервен систем. Стресот го активира симпатичкиот систем. Концентрацијата се зголемува, чукањето на срцето забрзува, а мускулите добиваат повеќе кислород. Така телото не` подготвува да се фатиме во костец со агресорот или да можеме да побегнеме од него“, вели психологот Андреа Јакоб-Паниер.
Кога опасноста ќе мине, нервниот парасимпатички систем обично повторно ја презема контролата. По стресот следи фаза на опуштање.
„Кај долготраен стрес меѓутоа телото е постојано под зголемено влијание на хормоните адреналин и кортизол. Пролонгираното префрлување на парасимпатичкиот нервен систем тогаш може да резултира со тешки симптоми како ослабен имунолошки систем, главоболки и замор“, вели Јакоб-Паниер.
Не се перципираат телесните сигнали
Многу луѓе забележуваат дури во моментот кога ќе почнат да се одмараат и опуштаат, колку претходно биле физички и ментално напрегнати.Освен тоа, луѓе кои работат на работни местаповрзани со многу брзање и прекумерна активност, дури во моментите на опуштање вистински ги регистрираат сигналите кои им ги испраќа нивното сопствено тело, многу повеќе отколку во нормалните работни денови.
Кога луѓето се зафатени со други работи и нивните когнитивни капацитети се целосно преокупирани со работа, тие не ги приметуваат сигналите на своето тело, едноставно не ги забележуваат првите знаци на замор и болест.
Вежби, спиење, опуштање
За да избегнете болест на годишен одмор, стручњаците препорачуваат редовен ритам во секојдневниот живот, здрава исхрана, доволно движење и спиење и доволно одмор во текот на работните фази. Секогаш е потребна измена меѓу напнатост и опуштање, вели Јакоб-Паниер. Симптомите на болеста се гледаат како резултат на телесна нерамнотежа. Најдобро е кога однапред се спречува појава на симптомите на хроничен замор и исцрпеност.
„Обично човек може да препознае кога се наоѓа во долг период на висок стрес“, вели Јакоб-Паниер. Типични симптоми се умор, раздразливост и неможност од ментално исклучување. Тогаш е важно да се реагира навремено и да му се даде шанса на опуштањето, за слободното време навистина да овозможи одмор.