1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со полициски дронови ќе се „ловат“ пироманите

ДТЗ
6 август 2024

Полицијата започна акција „Пожар 2024“ и веќе се приведени неколкумина граѓани и се поднесени пријави за намерно предизвикување на пожар и предизвикување на општа опасност.

дрон
Со полициски дронови ќе се „ловат“ пироманите Фотографија: Getty Images/AFP/ANP/M. van Hoorin

Полицијата со дронови и со термални камери ќе ги открива подметнувачите на огнените стихии, коишто веќе неколку недели дивеат во Северна Македонија, предизвикувајќи огромни штети. Пожарите ги пеплосаа шумите на повеќе локации, а огнот зафати и десетици домови во планинските села. Според сознанијата на надлежните, дел од пожарите се намерно предизвикани, поради што се преземаат мерки за откривање на пироманите. Полицијата започна акција „Пожар 2024“ и веќе се приведени неколкумина граѓани и се поднесени повеќе пријави за намерно предизвикување на пожар и предизвикување на општа опасност. 

„Пуштени се оперативни тимови на терен, гранична полиција е вклучена во рамки на оперативни обработки и теренско делување. Правиме сѐ што можеме  да направиме за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за предизвикување на пожарите, и соодветно да ги процесуираме пред органите на прогонот. Најчесто станува збор за човечки фактор којшто ги предизвикува пожарите. Жестоко ќе реагираме во иднина на секој оној којшто со докази ќе успееме да го процесуираме во законита постапка“, порача неодамна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.  

Веќе се приведени неколкумина граѓани и се поднесени десетина пријави за намерно предизвикување на пожар и предизвикување на општа опасност. Фотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Кривични пријави против пироманите

Oд почетокот на воспоставување на оперативната акција „Пожар 2024“ на 17 јуни поднесени се вкупно три кривични пријави и едно известување против четири сторители, додека во два случаи во тек е поднесување на пријава, велат од МВР за ДВ. 

Последната пријава е поднесена во понеделникот (05.08) во селото Штавица, прилепско, каде е приведен 54-годишник поради сомнение дека предизвикал пожар. Тој запалил сува трева во дворното место од неговата куќа, по што пожарот се проширил на соседните парцели. Претходно полицијата приведе маж од радовишкото село Али Коч поради подметнување пожар во близина на селото, како и 31-годишен жител на Свети Николе затоа што на 31 јули кај место викано „Крушки" предизвикал пожар во руинирана куќа, кој се проширил на сувата трева околу куќата.

„СВР Охрид исто така постапува по конкретни предмети, за коишто има конкретни индиции за предизвикување на општа опасност. Така да постапувањата по конкретната акција „Пожар 2024“ на ниво на Бирото за јавна безбедност, факт е дека дава резултати и факт е дека сите оние кои што ќе бидат основано докажани со конкретни докази и факти во рамки на соодветна постапка, ќе бидат процесуирани од страна на МВР. Имаме поголем број на кривични пријави и известувања до надлежен јавен обвинител, во врска со конкретни кривично правни настани, поднесено во изминатиот период“, изјави деновиве министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Дронови и термални камери

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, деновиве при посетата на околината на Охрид каде што имаше голем пожар, најави дека ќе бидат ангажирани сите расположливи дронови, кои ќе бидат во функција 24 часа, заедно со термалните камери, се со цел откривање на можни сторители-подметнувачи на пожари.

Тој заедно со неговиот тим беше на терен во месноста ,,Буково", на тромеѓата помеѓу селата Расино,Косел и Опејнца, каде гореше борова шума, при што апелираше до граѓаните да внимаваат кога се движат по шумите, по нивите, полињата, да не се фрлаат отпушоци и да не се палат стрништа.

„Општото здравје и човечките животи се нешто најскапоцено, а подметнувањето на пожари е криминал од највисок степен!”, порача Јанев. 

Ваквите укажувања доаѓаат по изразените сомнежи од повеќе институции дека поголем дел од пожарите се подметнати. Вакви сознанија со јавноста сподели и првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, а загриженост изрази и премиерот Христијан Мицкоски. 

„Она што ме загрижува, се индициите кои што ги добивам, како информација од МВР, дека постои основано сомневање дека причина за овие пожари во голема мера е невнимателност, а во голема мера и намера тие да се предизвикаат“, изјави Мицкоски минатата недела, пред да се активира европскиот механизам за барање поддршка за справување со пожарите. 

Веќе неколку недели пожарите ги пустошат македонските шумиФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Гори на три локации

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК) во последното деноноќие се регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор од кои три сè уште се активни, шест се ставени под контрола и 14 се изгаснати. На единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во изминатите 24 часа, имало вкупно 2 563 повици.

Трите пожари на отворено, кои сè уште се активни, се лоцирани во Општина Македонски Брод, во пределот кај с. Тажево – с. Брезница – крак кон ЈП ‘Јасен’, вториот активен пожар е на територија на две општини – Општина Демир Хисар и во Општина Охрид, на Илинска Планина, во реонот кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани и третиот активен пожар е, исто така, на територијата на две општини – во Општина Дојран и Општина Богданци во реон кај с. Фурка кон Богданци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми