1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„За“ и „против“ стратешки инвестиции во енергетиката

ДТЗ
6 февруари 2024

Централата ТЕ-ТО ќе се исклучи затоа што е руска инвестиција, а со нови вложувања се најавува енергетска независност, поевтина струја и парно за граѓаните.

РЕК Битола
Со стратешки инвестиции до поевтина струја: ЕСМ ќе инвестира и во мали нуклеарни реакториФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Со стратешките инвестиции во областа на енергетиката државата очекува да добие поевтино и стабилно снабдување со електрична и топлинска енергија. Државното земјиште на кое што ќе бидат изградени нема да се отуѓува, туку се дава под долгорочен закуп. Откако ќе заврши државниот закуп на земјиштето, стратешките инвеститори ќе треба објектите да и ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар. Ова се плановите на Владата, коишто денеска ги презентираа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски и директорот за развој во ЕСМ, Виктор Андонов на брифинг со новинарите во Скопје. 

Надлежните очекуваат дека земјава конечно ќе излезе од енергетската криза и токму затоа АД ЕСМ започна со иницијативи за сопствени  инвестиции. Веќе има потпишано меморандум со американската компанија „Џенерал електрикс“ за изградба  на гасна електрана во ТЕЦ Неготино со инсталиран капацитет од 800 мегавати и во РЕК Битола за дополнителни 300 мегавати. Покрај тоа со САД и Велика Британија водат и преговори за инсталирање на мали нуклеарни реактори во земјава чија цена изнесува околу две милијарди евра за инсталиран капацитет од 470 мегавати.

Зошто се бараат стратешки инвеститори? 

Во текот на енергетската криза, АД ЕСМ имаше предизвик да ја снабдува земјава со електрична енергија и за тоа се потрошија парите што евентуално би ги инвестирало во нови енергетски капацитети. Тие средства беа дадени за субвенционирање на цената на електричната енергија за граѓаните и стопанството. За таа намена отидоа 400 милиони евра и токму тоа е причината што се бараат стратешки инвеститори за да инвестираат во нови енергетски производствени капацитети во земјава, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Законот за стратешки инвестиции беше изгласан пред пет години, а на последниот повик што се затвори на 31 јануари 2023 година имаше над 16 различни  апликации од кои осум имаат добиено статус на стратешки инвеститор. Од нив седум се од областа на енергетиката, а еден од областа на туризмот кој е заинтересиран за инвестиции во скијачкиот центар Попова Шапка. Со четири, сите во делот на енергетиката, веќе се завршени преговорите и во среда (07.02) на собраниска седница треба да се разгледаат предлог законските решенија за добивање статус стратешки инвеститор. Сите четири потенцијални стратешки инвеститори веќе имаат доставено банкарска гаранција, а според бизнис плановите кои ги имаат доставено  вкупно ќе инвестираат 786 милиони евра. 

Енергетска независност 

„Со нивната реализација државата ќе добие енергетска независност заради долгорочната предвидливост за цените на електричната енергија по која ќе им се откупува производството што ќе ја има со договорите за нивна реализација. Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ 50 спрема 50 отсто. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната“, вели Битиќи. 

Владата со стратешките инвестиции во областа на енергетиката државата очекува да добие поевтино и стабилно снабдување со електрична и топлинска енергија. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ТЕ-ТО ќе се исклучи бидејќи е руска инвестиција 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешниот брифинг рече дека скопската когенеративна централа ТЕ-ТО ќе биде исклучена во иднина со доаѓањето на грчкиот инвеститор Митилинеос. „Централата ТЕ-ТО ќе ја исклучиме затоа што е руска инвестиција. Наскоро ќе започне изградбата на гасоводот со Грција и ние повеќе нема да бидеме зависни од нив“, рече Битиќи.

Со Митилинеос, гасна когенеративна електрана, инвестиција со планирана вредност од 290 милиони евра што треба да се гради на државно земјиште во скопската железарница за што е потребно да е направи индустриска зона, договорена е формула за пресметка на цената на електричната енергија што ќе се откупува во наредните 20 години со која ќе биде најмалку за 5 отсто пониска од пазарната. Капацитетот треба да има инсталирана моќност од 165 мегавати  и годишно производство од 1100 мегават часови електрична енергија и ќе биде добра за балансирање на системот. Дополнително топлинска енергија што ќе ја произведува ќе и ја продава на државата за 40 отсто поевтино од пазарната цена. За државното земјиште ќе дава закуп од 0,1 евро по квадратен метар и 2 евра годишно по квадратен метар за одржување. По реализираната инвестиција ќе добие 50 милиони евра државна помош распоредена во рати во период од пет години. Потребно е да се изгради само еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.

Моменталната производна цена на ЕСН во РЕК Битола е 110 евра по мегават, а на ниво на цела компанија е 90 евра, додека на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум му ја продава за 58 евра за мегават.   

Ќе се преполоват сметките за парно?

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски,смета дека со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјата и ќе се преполоват сметките за парно.

„Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК Битола. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции“, рече Бислимоски во понеделникот (05.02) во интервју во утринската емисија на Слободен печат.  

Ќе се преполоват сметките за парно?Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

„Штетни предлог закони“ 

На дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, по скратена постапка и предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа - Пехчево, по скратена постапка.

Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.

„Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет. Договорите кои се составен дел од овие четири предлог закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија. Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод тие проекти може нашата држава самостојно да ги реализира. Само Митилинеос добива загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно и ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да и ја врати електраната на Македонија“, посочија од ИНРМ. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми