1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Со страв и нуклеарни закани Путин се спасува од воен пораз

23 септември 2022

Можеби патот за смирување на опасноста Путин поминува токму преку Кина. Вашингтон и Пекинг имаат заеднички интерес да спречат поразот и стравот на Путин да не дегенерираат во нуклеарен конфликт. Пишува Ивор Мицковски

Владимир Путин на 21.09.2022 најави делумна мобилизација во РусијаФотографија: Russian Presidential Press Service/AP Photo/picture alliance

Часовникот на Апокалипсата повторно е ставен во погон. На точно 6 месеци од почетокот на руската агресија врз Украина, која Москва никогаш не ја декларираше како војна, Путин е приморан да го подигне нивото на судир и да предизивика уште поголема ескалација.

Ослабен од воените порази, од западните санкции и од кинеските критики, шефот на Кремљ го забрзува и подигнува влогот во кризата, преку прогласување на делумна мобилизација, итна организација на фарса-референдуми во окупираните делови од Украина, и преку јасна алузија и закана за употреба на нуклеарно оружје.

Путин покажува знаци на екстремна слабост, па оттука и почнува во реалноста да ја спроведува анегдотата за неговиот кошмар од детството: се чувствува како глушец во стапица, осамен и без пријатели, со атомската бомба како единствен трагичен инструмент кој и понатаму би му дал привид на сила, би му купил време и би направил неговиот глас да се слуша. Темпизмот ја издава во суштината „коцкарската“ природа на путиновите потези, со кои се надева дека може да ја промени неповолната динамика на военото поле и да го искористи стравот од проширување на конфликтот со цел да издејствува подобра преговарачка позиција.

Слабостите на Путин

Слабоста на Путин произлегува од три различни генези. Првата и најочигледната е онаа воената. Блицкригот на почетокот на конфликотот доживеа тотален дебакл. Сега тој дебакл е уште пострашен откако започна украинската контраофанзива, која им нанесе сериозни загуби на руските конвенционални сили задолжени за вооружен судир со НАТО. Елитните трупи на Москва доживеаја толку тешки загуби што ќе им бидат потребни години за да се реконструираат. Тоа значи дека во 6 месеци од „специјалната воена операција“ руската војска ја загуби способноста за соочување со НАТО на западниот фронт.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

Вториот извор на слабост е од економска природа, затоа што западните санкции веќе произведуваат страотни ефекти врз руската економија и буџет, а тие ефекти ќе станат уште пострашни оваа есен и зима, а најстрашни ќе бидат почнувајќи од следната година.

Третиот произлегува од внатрешните и надворешните динамики и проблематики со кои Путин се соочува. На домашен план Кремљ стравува од бунт на елитата, односно прави потези поттикнати од притисокот на најекстремните и националистички крила во извршната власт и во парламентот. Таканаречената „Партија на војната“ силно застапена меѓу „силовиките“ и Советот за безбедност, веќе неколку месеци негодува и расте во сила преку обвинувањата за прекумерна мекост и претпазливост на Путин. Опасноста по компактноста на елитите е реална.

Кинеските барања

Надворешните влијанија се оние кои највеќе го имаат изненадено Путин, односно, тоа што можеме да го наречеме „факторот Самарканд“, каде за време на средбата со Ши, Путин лично и директно добил толку сериозни критики и знаци на загриженост околу војната во Украина, што самиот мораше јавно да ги признае. Ши ја критикувал руската инвазија која произведе влез на Шведска и Финска во НАТО, одново ја наоружа ЕУ, го зајакна нејзиниот сојуз со САД и, благодарение на санкциите, економски го нокаутираше важниот економски партнер за Кина како што е Русија.

Дека Кина актуелниот момент го доживува со големо нетрпение и загриженост говори и уредничкиот текст во ултранационалистичкиот „Глобал тајмс“, таблоидот на кинеската Партија. Иако вината и понатаму се префрла на НАТО, затоа што го ставил Путин во ќорсокак, заклучоците се мошне интересни. „Неопходно е веднаш да се стави итна кочница на ситуацијата во Украина во моменти кога димензијата на војната сѐ уште може да се контролира. Во воен конфликт помеѓу нуклеарни сили не може да постои еден победник или апсолутен победник. Секој што ќе се обиде комплетно да ја порази другата страна мора да е лудак“. Веднаш по воениот говор на Путин, Ванг Венгбин, портпарол на кинеското МНР, императивно побара: „ Итен прекин на огнот, крај на војната, дијалог и преговори“.

Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Ши ЏинпингФотографија: Alexandr Demyanchuk/Sputnik/AFP

Русија како послаб сојузник

Политичката ослабеност на Путин, заедно со воената и економската, веднаш произведе последици во централна Азија. Ерменија, сојузник на Москва, побара помош од САД со цел да ги закочи Азербејџанците во Нагорно-Карабах. Нестабилниот мир на границата помеѓу Таџикистан и Киргистан, инаку гарантиран од Русија, дегенерираше во нови вооружени судири. Пекинг излезе со понуда да го гарантира интегритетот на Казахстан. Турскиот лидер Ердоган, кој веројатно го намириса стравот и ослабеноста на Путин, отиде дотаму што предвиде дека: „Сега е моментот да се преговара со него“ и побара Крим да ѝ се врати на Украина.

Индискиот премиер Нарендра Моди без влакна на јазикот го предупреди Путин: „Не е време за војна“. И кога Зеленски побара да се обрати пред ООН преку линк, Индија се согласи, Пекинг се воздржа, оставајќи го Путин сам со шака небитни диктатори. Од Самитот во Самарканд, стана јасно дека рамнотежата во односите помеѓу Путин и Ши е променет и дека денес Путин е послабиот сојузник.

Предизвикот на Путин беше да го собори Зеленски, да ја направи Украина вазална држава како Чеченија, Сирија или Белорусија, да ги уплаши Европејците со цените на енергенсите, и потоа пред кинескиот колега да се фали како го надмудрил неспособниот Бајден. Но, Путин бедно потфрли. Зеленски денес е во напад, Украина е сѐ поблиску до ЕУ, која е на пат да се отрезни од енергетскиот допинг на Русија, Ши е засрамен од својот сојузник, додека Бајден од преку Атлантикот ја полни Украина со најмодерно и софистицирано оружје, а доларот повторно е крал на валутите.

Изгубениот домашен и надворешен кредибилитет е причината поради која Путин се одлучува да го зголеми влогот во војната. Но, потезите се донекаде очајнички. Делумната мобилизација е признание за руската воена слабост во источна Украина и тешко дека тие 300 илјади резервисти, слабо мотивирани, обучени и опремени, можат да ја променат траекторијата на актуелниот конфликт.

Протести во Русија против делумната мобилизација, 21.09.2022Фотографија: Alexander Nemenov/AFP

Блефот на рускиот претседател

Делумната мобилизација е прв вистински тест за народната поддршка на војната и на режимот на Путин. Ќе видиме дали општата „бежанија“ од мобилизацијата и влезот на војната во домовите на Русите, ќе ја нагризе довербата во Путин и неговата војна. До вчера на военото поле гинеа речиси екслузивно муслиманите од азиските региони на Русија, каде веќе расте незадоволството. Сега, кога Русите од Москва и Санкт Петербург ќе треба да умираат за својот цар, делува дека социјалниот договор базиран на отсуство на слобода, но релативен мир и благосостојба купена со парите од гасот, е на пат да се распадне. Сѐ повеќе Руси ќе се запрашаат - каде ги води нивниот претседател?

- повеќе од авторот: Атентат врз Дугин или врз Путиновата идеја за империјална Русија?!

Со одржување на фарса-референдумите Путин се подготвува да ги анектира окупираните територии и така да ги стави под нуклеарниот штит на Русија. Портпаролот на Кремљ го покани Бајден уште еднаш да ја прочита руската нуклеарна доктрина – „која е од одбрандбена природа и го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, обесхрабрувајќи го потенцијалниот противник од агресија врз Руската Федерација“. Путин всушност се заканува дека војната во украинските региони, војна која тој ја започна и региони кои тој ги окупираше – ќе ја смета за војна од агресија врз Русија, така извртувајќи ја реалноста и улогите, и заканувајќи се со употреба на нуклеарно оружје. Путин се обидува да ја трансформира неговата инвазија врз Украина, во агресија врз Русија. Ќе видиме дали и колку овој негов блеф е кредибилен. Украинците во август бомбардираа и уништија руски воени бази во Крим, кој теоретски, според Кремљ, е руска територија од 2014 година.

- повеќе од авторот: Ќе преживее ли монархијата и Обединетото Кралство по Елизабетанската ера?

Кревкоста на нуклеарниот мир

Лично, сметам дека Путин е зол, нешто што произлегува од неговиот морален дефицит. Но, не е кретен, односно, не страда од интелектуален дефицит. Неговите нуклеарни закани служат за да си купи време, да издржи до некаде длабоко во зимата, да ја искористи „доктрината на ескалација“, за потоа на преговори да понуди деескалација од позиција на сила.

Сепак, би требало и ние останатите да биде екстремно глупави доколку живееме во илузијата дека Путин не е способен да го прекрши нуклеарниот мир, како што повеќето и не верувавме дека ќе изврши инвазија врз Украина. Штом САД и ЕУ директно зборуваат за нуклеарна опасност со Русија, тогаш јасно е дека судирот помеѓу силите е влезен во една мошне деликатна фаза, од која бевме одвикнати со децении. Односот на Кина и Индија покажува дека и тие стануваат сѐ повеќе свесни за опасноста од руска апокалипса.

И можеби, како што со месеци предупредува Кисинџер, патот за смирување на опасноста Путин, поминува токму преку Кина. Вашингтон и Пекинг имаат заеднички интерес да спречат поразот и стравот на Путин да не дегенерираат во нуклеарен конфликт, или пак во подеднакво опасна имплозија на Русија, која би сместила 6375 боеви глави во рацете на племенските лидери од Татарстан до Јакутија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми