1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ќе го враќа сјајот на „Македониумот“

ДТЗ
10 септември 2025

„Споменикот ’Македониум’ во Крушево нема да биде оставен да пропаѓа, ќе го реконструираме, ќе го сочуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава“, изјави на прес-конференција владината портпаролка, Марија Митева.

Споменик „Македониум“ во Крушево
Со владина помош и странска експертиза ќе се враќа сјајот на „Македониумот“Фотографија: Government of North Macedonia

Владата најави интервентна заштита на споменикот „Македониум“ во Крушево за што се обезбедени 2,5 милиони денари. Паралелно на ова, НУ Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција.

„Споменикот ’Македониум’ во Крушево нема да биде оставен да пропаѓа, ќе го реконструираме, ќе го сочуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава“, изјави на прес-конференција владината портпаролка, Марија Митева.

„Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект во Македонија, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност.Фотографија: Presidential office Nort Macedonia

Под во вода - оштетени витражи

Најавата следи по видеото коешто го објави Дојче веле во понеделникот, на 8 септември. Во него се алармираше дека подот на споменикот „Илинден“ е покриен со вода, а оштетените витражи ја пропуштаат атмосферската вода и влага во објектот. При пороен дожд водата стигнува и до гробот на Никола Карев, претседателот на крушевската република.

Експертиза од странство

„Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект во Македонија, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе треба да се обезбеди од странство, како гаранција дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено.

Реконструкцијата на „Македониумот“ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Но, според Митева, процесот бил насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. „Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик“, вели таа. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми