1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ќе се амнестираат прекршителите на Ковид протоколите

ДТЗ
17 февруари 2023

Околу 3.500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата ќе бидат амнестирани. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се заканува затвор

Македонија Ковид-19
Ќе се амнестираат прекршителите на ковид протоколитеФотографија: P. Stojanovski/DW

Во Собранието од понеделник треба во процедура да влезе закон за амнестија на прекршителите на ковид-протоколите кои поради неплаќање на казните ќе мора да завршат во затвор. Како што дознава ДВ, станува збор за околу 3.500 случаи на лица осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата. Голем дел од нив се социјални случаи. 

Нивното одење во затвор ќе предизвика дополнителни компликации и ќе го оптовари затворскиот систем. Истражниот затвор во Шуто Оризари е веќе преполн, по последните најави дека десетици лица веќе завршиле во затвор, чекајќи го законот за амнестија кој беше најавен уште минатата година. Таков е и случајот со мајка на мало дете, за кој што објавија медиумите деновиве, која што треба да оди за затвор поради прекршување на полициски час во пандемијата

Повеќето од должниците се социјални случаи, поради што во план е по итна постапка да се донесе закон за амнестија, со што досудените казни ќе се заменат со условни. Идејата е да им се „простат“ паричните и затворските казни на граѓаните кои ги прекршиле членовите 205 и 206 за пренесување на заразна болест и непостапување според здравствените прописи во време на пандемија. 

Според информациите на ДВ, законот ќе биде предложен од група пратеници со поддршка на претседателот Стево Пендаровски, кој смета дека наместо да се оди со поединечни помилувања, најдобро е да се оди со системско решение за овој проблем. Сепак, амнестијата нема да биде целосна, односно сите прекршители ќе добијат условни казни. 

Неносењето маски скапо ги чинеше граѓаните за време на пандемијатаФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

Чекајќи амнестија завршија во затвор

Пратениците веќе со месеци најавуваат дека се подготвува предлог закон за амнестија на прекршителите на ковид- протоколите од периодот на пандемијата, за кој владејачката партија очекува да обезбеди поширок консензус. Идејата е со ваквиот закон голем број граѓани да се спасат од „солените“ парични казни коишто треба да ги платат за непочитување на мерките за време на пандемијата. 

Според податоците на Основен кривичен суд Скопје, лани на 138 лица кои биле правосилно осудени на парична казна заради член 206 од КЗ, за непостапување според здравствени протоколи за време на пандемија, а не ја платиле досудената казна, паричната казна им е заменета за затворска. Упатен акт за во затвор добиле само оние што не ја платиле казната.

На оние што си ги платиле казните, а кои најчесто беа меѓу 1.000 и 2.000 евра, нема да им бидат вратени парите. Амнестијата нема да важи за рестораните, кафулињата, фирмите и за другите правни лица кои ги прекршиле ковид-протоколите.

Нaдлежно за давање на амнестија е Собранието. Законот со кој се дава амнестија треба да се однесува секогаш на определена категорија на казнени дела, на определена категорија сторители или осудени лица, или на определени казни, без оглед на казнените дела и нивните сторители. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми