1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Собата со огледала на Путин

17 февруари 2024

Вистинските причини зошто Владимир Путин му даваше историски лекции на Такер Карлсон се соништата за нова руска империја. Пишува Љупчо Поповски

Фотографија: AP

„Да сум на местото на Полска, јас би се плашела“, напиша во магазинот „Њујоркер“ извонредната руско-американска новинарка и писателка Маша Гесен, анатомски анализирајќи го контроверзното интервју на рускиот претседател Владимир Путин со поранешниот водител на Фокс њуз и новинарска икона на американската десница, Такер Карлсон.

Неверојатно многу текстови беа напишани за ова интервју со кое Путин доби пристап до јавноста во западните демократии за првпат по инвазијата на Украина пред две години. Такер му овозможи на Путин во првите 30 минути од двочасовното интервју да ужива во своите историски ламентации, досега толку многу повторувани од рускиот лидер.

Тешко е да се замисли американски гледач кој би можел да ги издржи првите десет минути од монотоното предавање на Путин за историјата. (Во едно интервју, Путин ваквите свои монолози ги нарече „дијалози“.)

Но да видиме зошто Маша Гесен би се плашела да биде на местото на Полска и зошто Украина сѐ уште треба да се плаши за своето постоење. Тие 30 минути беа веројатно најјасниот показател досега за опасните заблуди и империјалните амбиции што го поттикнаа Путин да ја нападне Украина. И дека неговата империјалистичка реторика е она што го води во владеењето и затоа со години тој ја подложува домашната публика на долги историски проповеди во кои ги опишува „историските неправди“ за Русија и ја оплакува поделбата на советскиот простор. Украина секогаш беше главниот фокус на овој реваншистички жар. А сега свое место во него најде и Полска.

Што пишува Гесен и зошто се плаши: „Еден сегмент не можам да го исфрлам од главата. За време на неговата лекција по историја, кога Путин стигна до 1939 година, тој рече: ‘Полска соработуваше со Германија, но потоа одби да ги исполни барањата на Хитлер... Со тоа што не му го дадоа на Хитлер коридорот Данциг, Полјаците го принудија, се измамија и го натераа Хитлер да ја започне Втората светска војна со напад на Полска’. Идејата дека жртвата на нападот е всушност поттикнувачот, со тоа што го принудува агресорот да нападне, е централна за сите објаснувања на Путин за руската војна во Украина. Меѓутоа, колку што знам, ова беше првпат да ја опише агресијата на Хитлер во истата рамка.“ 

Такер Карлсон (л.) води интервју со Владимир ПутинФотографија: Tucker Carlson Network/Zuma Press Wire/dpa/picture alliance

„Полска е виновна за нападот на Хитлер“

„Путин и претходно ја репродуцираше реториката на Хитлер. Пред десет години, објавувајќи ја анексијата на Крим, звучеше како да препишува од говорот на Хитлер за анексијата на Судетските земји. Тогаш претпоставував дека таков речник е прашање на одлука на некој кој пишува говори, кој бил свесен што прави, а Путин можеби и не. Но, начинот на кој Путин го опиша почетокот на Втората светска војна во интервјуто со Карлсон, сугерира дека, иако тој постојано ја обвинува Украина за поттикнување нацизам, тој може да се гледа себеси како Хитлер, но можеби поитар, кој е во состојба да се пробие во САД и да создаде сојуз со нивниот претпоставен иден претседател.

Значајно е тоа што Путин посвети значително време да ја обвини Полска и дека е сојузник со нацистичка Германија и за поттикнување на агресијата на Хитлер. Како што направи со Украина порано, Путин ја позиционира Полска како наследник на нацизмот. Тој ја спомна Полска повеќе од триесет пати во неговиот разговор со Такер“, пишува Маша Гесен.

Ова е перверзно извртување на вистината затоа што историските настани се сосема поинакви. Војната започна откако беше склучен пактот Молотов-Рибентроп со кој Хитлер и Сталин се договорија  да ја поделат Полска меѓу себе. Пактот беше склучен на 23 август 1939 во Москва. Тајниот протокол објавен за време на Нирнбершките процеси ја покажа вистинската цел на Хитлер и Сталин. Осум дена подоцна, на 1 септември, Хитлеровите војски ја нападнаа Полска. Сталин нареди инвазија на Полска на 17 септември. Веднаш потоа беше одредена новата граница меѓу Советскиот Сојуз и Германија, Полска изчезна. Советскиот Сојуз во зимата 1940 анектираше делови од областите Карелија и Сала по Зимската војна со Финска. Следеше анексијата на Естонија, Латвија и Литванија и делови од Романија.

Сегашнава Полска воопшто не личи на територијата на Полска пред Втората светска војна. Таа ги загуби нејзините источни пространства, а доби области кои до почетокот на војната беа германски. Плус голем дел од балтичкиот брег. Територијата на Полска беше намалена 73.000 квадратни километри, таа ги изгуби нејзините историски градови Лавов, Станиславов, Вилно, а ги доби Шќеќин и Вроцлав на запад. Полска на исток загуби дури 179.000 квадратни километри (тоа беше 45 отсто од нејзината територија пред војната). Денес овие територии се дел од Белорусија, Литванија и Украина. Така Полска соработуваше со нацистичкиот режим (според зборовите на Путин) – за да загуби територија колку денешна Чешка. Бесмислени лаги.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Опсесијата со Украина

А опсесијата на Владимир Путин со Украина не е ни од од оној неславен есеј од јули 2021 година, во кој ја артикулираше својата визија за големо словенско царство и во кој се повикува повеќе на царистичкото владеење отколку она на Советскиот Сојуз. Таа не е ни од 2014 година кога се случи анексијата на Крим, туку од многу порани времиња, можеби уште пред да стане претседател на Русија во 2000. Уште во 2008 година, според пишувањето на руските и американските медиуми, Владимир Путин му рекол на тогашниот американски колега Џорџ Буш дека „Украина не е ни земја“.

Пред да изврши инвазија на Украина на 24 февруари 2022 Путин неколку дена претходно ја призна независноста на регионите Доњецк и Луганск и на таа свеченост тогаш одржа подолг говор во кој ги елаборираше своите империјални сништа. Еве што кажа за Украина:

„Ќе започнам со фактот дека модерната Украина е целосно создадена од Русија, поточно, болшевичката, комунистичка Русија. Овој процес започна речиси веднаш по револуцијата во 1917 година, а Ленин и неговите соработници го направија тоа на многу груб начин кон самата Русија – со одвојување, откинување на дел од нејзините сопствени историски територии. Се разбира, никој не ги праша за ништо милионите луѓе што живееја таму.

Потоа, во пресрет и по Големата патриотска војна, Сталин веќе ги анектираше кон СССР и ѝ префрли на Украина некои територии што претходно им припаѓаа на Полска, Романија и Унгарија. Во исто време, како еден вид компензација, Сталин ѝ даде на Полска дел од оригиналните германски територии, а во 1954 година Хрушчов поради некоја причина го одзеде Крим од Русија и ѝ го даде на Украина. Всушност, вака е формирана територијата на советска Украина.

Како резултат на болшевичката политика, се појави советска Украина, која и денес со добра причина може да се нарече ‘Украина именувана по Владимир Илич Ленин’. Тој е нејзин автор и архитект. Ова е целосно потврдено со архивски документи, вклучително и строгите директиви на Ленин за Донбас, кој буквално беше однесен во Украина. И сега ‘благодарните потомци’ ги урнаа спомениците на Ленин во Украина.

Важно е да се разбере дека Украина, всушност, никогаш немала стабилна традиција на нејзината вистинска државност. И почнувајќи од 1991 година, таа тргна по патот на механичко копирање на туѓи модели, отсечена и од историјата и од украинската реалност. Политичките државни институции постојано се преобликуваа за да одговараат на брзо формираните кланови со свои себични интереси, кои немаа никаква врска со интересите на народот на Украина“.

Славје во Доњецк по признавањето на независноста на регионот што ја прогласија проруските сепаратисти во февруари 2022 година (архивска фотографија)Фотографија: Alexei Alexandrov/AP Photo/picture alliance

Фикција по фикција

Во Путиновата соба со огледала државноста на Украина е фикција и со таа фикција треба еднаш засекогаш да се заврши. Се разбира, ова погрешно читање на историјата е екстремно и за Путин. Историјата на Украина е комплицирана и трае повеќе од илјада години во кои се менувале религиите, границите и луѓето. Нејзиниот корен е во Киевска Рус создадена од различни народи на трговскиот пат од Балтикот до Црното Море со крајна цел Константинопол. На таа Киевска Рус се повикува и Русија, иако Москва е формирана неколку века подоцна од Киев. Како и кај многу други блиски народи историјата на Русија и Украина е испреплетена, и во религијата, и во обичаите, и во јазикот. Но тврдењата на Путин дека Украина е креација на големото Руско царство е намерно извртување на фактите. Монголските освојувачи ја освоија Киевска Рус во 13. век. Во 16. век војските на Полско-литванската унија напаѓаа од запад. Во 17. век оваа територија беше поделена на два дела по течението на реката Дњепар. На исток од реката територијата стана позната како „Лев брег“ и ѝ припадна на Русија, а земјите на запад, или „Западен брег“, беа управувани од Полска. Во 1793 година западна Украина беше анектирана од Русија. Тогаш пропадна државноста на Полска и таа беше поделена од Русија, Прусија и Австро-Унгарија.

Овие тврдења ѝ должат повеќе на пропагандата на Кремљ отколку на која било вистинска академска строгост. Во реалноста, терминот „Украина“ првпат се појавил во дванаесеттиот век, додека борбата за државност на Украина може да се проследи наназад повеќе од триста години. Уште во 1731 година, големиот француски мислител Волтер напиша: „Украина отсекогаш се стремела да биде слободна“.

Лажни историски реминисценции

Путин тврди дека јужна и источна Украина се историски руски, но тоа не е поткрепено со докази. Пописот од 1897 година, спроведен од царските власти, кој обезбедува најсигурен водич за демографскиот состав на Руската империја, идентификуваше мнозинства што зборуваат украински низ поголемиот дел од денешна јужна и источна Украина, како и во голем број региони кои сега се дел од на Русија.

Исто така, тврдењето на Путин дека Ленин и Сталин ја создале модерната Украина е неточно. На крајот од Првата светска војна беше формирана Украинска Народна Република која постоеше неколку години пред болшевиците кои ја презедоа власта во Русија да ја потчинат и да ја згаснат оваа млада украинска држава и да ја вклучат под советска власт.

Да беше добро подготвен Такер Карлсон ќе требаше да го прочита и обраќањето на Владимир Путин пред генералите на состанокот во Министерството за одбрана на 19 декември 2023. Во него тој ги повторува неговите лажни историски реминисценции.

„Единствениот гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина беше Русија. Кога Русија го создаде Советскиот Сојуз, таа едноставно предаде, заедно со своето население, огромни историски руски територии, огромен потенцијал и инвестираше колосални ресурси на целата оваа територија.

Западните земји на Украина? Знаеме како ги доби Украина. Сталин ги подари по Втората светска војна. Тој подари дел од полските земји, Лавов и така натаму, неколку големи региони - таму живеат 10 милиони луѓе. За да не ги навреди Полјаците, тој ги компензира нивните загуби на сметка на Германија: тој ги даде источните земји на Германија, коридорот Данциг и самиот Данциг (Гдањск, н.з.). Зеде од Романија, дел од Унгарија - даде сѐ таму, на Украина.

А луѓето што живеат таму - многумина, барем, ова сигурно го знам, 100 проценти - сакаат да се вратат во својата историска татковина. А оние земји кои ги загубија овие територии, пред сѐ Полска, спијат и сонуваат да ги вратат.

Во оваа смисла, само Русија би можела да биде гарант на територијалниот интегритет на Украина. Ако не сакаат, не треба. Историјата ќе стави сè на свое место. Нема да се мешаме, но нема да се откажеме од нашето. Тоа треба да го разберат сите: во Украина, оние кои се агресивни кон Русија, во Европа и во САД. Ако сакаат да преговараат, нека преговараат. Но ние ќе го направиме тоа врз основа на нашите интереси“, рече Путин во долгиот говор пред генералите.

Рускиот претседател Путин на проширена седница на раководството на Министерството за одбрана во Москва, 19.12.2023Фотографија: Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin via REUTERS

Ништо непознато, ништо поинакво, сѐ во рамките на руската империјалистичка политика.

За крај да се навратиме на текстот на Маша Гесен и нејзината анализа на интервјуто на Путин. Во неа има неколку извонредни детали.

„Карлсон изгледаше, повеќе од сè друго, изненаден: од фактот што го интервјуираше Путин во Кремљ, па дури и се сними себеси како зборува за впечатоците од разговорот во просторија полна со лакиран мебел и позлата; според она што го кажа соговорникот; конечно, и од самиот Путин. По интервјуто, зачудениот Карлсон држеше сива картонска папка со повез: Путин му даде копии од документи за да ги поткрепи неговите историски тврдења. Карлсон сè уште не беше ја отворил отворил папката. ‘Мислев дека ме замајува со приказна’, рече тој, очигледно сè уште опоравувајќи се од лекцијата по историја. ‘Но, откако го разгледав сето ова, заклучив, не, тоа беше претпоставката на неговиот одговор: историјата на оваа област и потеклото на оваа земја и врската со Украина ја формираат основата на неговата украинска политика’.

Карлсон го напушти интервјуто одмавнувајќи со главата: ‘Русија не е експанзионистичка сила. Само идиот би помислил такво нешто’. Всушност, за спротивен заклучок доволно е да се погледнат доказите - инвазијата и де факто контролата на околу една петтина од територијата на Грузија во 2008 година, анексијата на Крим во 2014 година, продолжување на окупацијата на околу една петтина од Украина и тековната офанзива таму. За време на разговорот, Путин јасно стави до знаење дека верува оти поранешните територии на империјата сè уште со право ѝ припаѓаат на Русија. Ова би ги вклучило не само поранешните советски републики, туку и Финска и Полска. ‘Професионалните лажговци од Вашингтон... се обидуваат да ве убедат дека овој човек е Хитлер, дека сака да ја заземе Судетската област или нешто слично’, продолжи Карлсон. ‘Не може да се спореди на никаков начин!’ А всушност, за време на интервјуто, Путин јасно и поексплицитно звучеше како Хитлер од кога било досега. Вака изгледа еден тиранин: мал, но опседнат со заморни ресентименти“.

Маша Гесен остроумно забележува: „Тоа беше разговор помеѓу еден постар човек, кој има прочитано историска книга и се замислува себеси за експерт, со неговиот нетрпелив внук, кој се обидува да глуми познавање на темата на која падна на поправниот испит. Единствено што овде едниот има милиони гледачи, а другиот нуклеарно оружје“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми