1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши: Собранието е подготвено за уставните измени

ДТЗ
28 ноември 2024

„Штом ќе има политички договор подготвени сме да ја почнеме процедурата“, порача собранискиот спикер Африм Гаши. Според него, веќе имаат обезбедено двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.

Африм Гаши
Гаши: Собранието е подготвено за уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

По пораките од Европската комисија дека Северна Македонија треба што поскоро да го промени Уставот за да се забрза евроинтегративниот процес, претседателот на македонскиот парламент, Агрим Гаши вели дека Собранието е подготвено. 

„Штом ќе има политички договор, подготвени сме да ја почнеме процедурата“, порача Гаши на брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето дали е можно започнување на процедурата за уставни измени до Нова Година. 

Гаши вели дека веќе имаат обезбедено двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени. „Мислам дека имаме две третини. Тој процес во Собрание мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот моментум“, додаде тој. 

И премиерот Христијан Мицкоскинеодамна во изјава за косовска телевизија, а потоа и на прес-конференција во Владата, рече дека владејачкото мнозинство можеби има и повеќе од 80 пратеници во Собранието.

„Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во парламентот ќе се покаже во пракса“, изјави Мицкоски на 20 ноември, одговарајќи на новинарско прашање кои се пратениците што го поддржуваат мнозинството во парламентот.  

Според премиерот Христијан Мицкоски, владејачкото мнозинство можеби има и повеќе од 80 пратеници во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема поместување од црвените линии 

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во средата (27.11) истакна дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот, ниту помалку и ништо повеќе од тоа. 

Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека црвените линии се дефинирани и „од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар“. „Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно доволно граѓаните на Македонија и македонскиот народ отстапивме“, порача Мицкоски во средата при посетата на Охрид.

Тој вели дека земјата нема да биде жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ.

„Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. Работиме се во согласност со ЕУ. Ако ЕУ, сака да биде заложник на некои земји - членки во процесот на билатерализација, во ред, и тоа го разбираме. Нека не остават да си ги завршиме домашните задачи, проблемите дома да си ги решиме. Не сме ние опасност никому,“ потенцираше премиерот.

Изјавите следат во период кога расте притисокот за усвојувањето на уставните измени, коишто земјата се обврза да ги започне и спроведе, со цел во Уставот да се вклучат Бугарите кои живеат во границите на државата, како што е наведено во Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми