1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум за „должничкото ропство“ поради брзите кредити

ДТЗ
18 јули 2023

На овој начин се намалуваат вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да бидат поголеми од 60% од кредитот. Со ова се става крај на праксата со која за 10.000 денари кредит граѓаните враќаа и по 70.000 денари

брзи кредити
Стоп за „должничкото ропство“ поради брзите кредитиФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

Собранието денеска ги усвои измените на Законот за облигациски односи и на Законот за извршување, со што стави крај на „должничкото ропство“ на граѓаните, кои често беа доведени во ситуација да плаќаат казнена камата, која го надминуваше и износот од главниот долг.

На овој начин драстично се  намалуват вкупните трошоци за брзи кредити, кои не можат да бидат поголеми од 60% од кредитот. Со ова се става крај на праксата со која за брз кредит од 10.000 денари граѓаните досега враќаа и по 70.000 денари. 

Кога каматата престанува да тече? 

Во досегашниот Закон за облигациските односи беше предвидено сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, да застаруваат за десет години, па и оние за кои законот инаку предвидува пократок рок за застареност. Со измените на Законот, се врши измена на оваа одредба со тоа што рокот за застареност се скратува на пет години од правосилноста на одлуката, зашто има злоупотреби со тоа што намерно се чекаат да изминат девет години и единаесет месеци и се започнува постапка за извршување, со цел да се добие надомест за камата.

Со законските измени се очекува да се намали можноста од алтернативни заработувања со камати, како и стимулирање на доверителите за поефиканса и побрза реакција.

„Овие измени кои доаѓаат по бројни реакции од граѓаните до пратениците, ќе овозможат кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, таа да престане да тече. Дополнително, се скратува и рокот за застареност од 10 на 5 години од правосилноста на одлуката. На овој чин ги штитиме граѓаните и ставаме крај на праксата граѓаните да плаќаат и до 10 пати поголем износ отколку што навистина должеле, како што тоа беше случај често пати досега“, порачаа од СДСМ. 

Поплаки на граѓаните 

Најголем проблем со кој се загрозуваат човековите права се превисоките камати на долговите. Една третина од вкупниот број на претставки поднесени до Омбудсманот во Северна Македонија се однесуваат токму на постапките со извршителите. Поради тоа, Народниот правобранител, Насер Зибери уште минатата година иницираше да се ограничи каматата на долговите кон извршителите. Тој во октомври минатата година, достави иницијатива казнената камата да не може да биде поголема од главниот долг. Поради овој проблем има граѓани кои цел живот се должници кон доверителите, поради ниските примања и превисоките камати.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми