1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија „силно загрижена“ за правата на Бугарите во РСМ

4 ноември 2022

Законските измени за здруженијата го попречуваат ефективното и целосно спроведување на Договорот за добрососедство, порача бугарското МНР.

Министерството за надворешни работи во Софија
Министерството за надворешни работи во СофијаФотографија: BGNES

Бугарското Министерство за надворешни работи синоќа изрази „силна загриженост“ од измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии изгласани на 2 -ри ноември од македонскиот парламент. Ресорот предводен од техничкиот министер, Николај Милков, објави подолг текст во кој го декларира ставот на МНР.

„Постојат сериозни загрижености дека тие (законските измени, н.з.) се насочени кон дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за кое повод е едностраната интерпретација на историските факти. Легитимниот стремеж за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да биде инструментализиран за намерно ограничување на правата на конкретни заедници“, објави бугарското МНР.

Во образложението на ставот, се потенцира дека ограничувања од таков карактер веќе им биле наметнати на Бугарите во РСМ, кога со слични аргументи во 2001 година била забранета организацијата „Радко“, име кое е псевдоним на Иван Михајлов. Бугарското МНР потсетува дека по тоа прашање (случајот „Радко и Пауновски против ПЈРМ“, бр. 74651/01) Европскиот суд за човекови права веќе донел одлука, и ги наведуваат аргументите на судот: исклучоците од правото на слобода на здружување треба да бидат тесно и точно толкувани и само убедливи и императивни причини можат да го оправдаат ограничувања на тоа право; користењето на името на личност кое се перципира негативно од мнозинството од населението, не може само по себе да се определува за осудувачко или да претставува вистинска и потенцијална закана за општествениот ред.

„Наметнување македонска интерпретација“

Но, тоа не е единствената забелешка на официјална Софија. Оттаму сметаат дека механизамот, според кој, Консултативното тело формирано во Скопје треба да дава позитивни мислења за да се може да се дозволи употребата на некое име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, го поставува прашањето за наметнување на пристап во интерпретацијата на историските личности и настани, единствено врз основа на доминирачката официјална интерпретација во Северна Македонија. „Тој пристап следи сосема логично и ја објаснува неподготвеноста да се деблокира работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Посебен проблем претставува одлуката на Собранието на Северна Македонија воопшто да не го вклучи комунизмот, како тоталитарна и репресивна идеологија, во спроведувањето на усвоените измени. Сè уште нема ни законска мерка, ни механизам за рехабилитација и компензација на оние што настрадале за време на комунистичкиот режим во поранешна СР Македонија, прогонувани и репресирани исклучиво поради нивниот бугарски идентитет“, се вели во соопштението.

Според бугарското МНР, таквиот вид на законски измени го попречуваат ефективното и целосно спроведување на Договорот за добрососедство. Од властите во РСМ очекуваат да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на оние кои се самоопределуваат како Бугари.

„Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови, видувања и убедувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри. Во духот на стратегијата ‘Едно општество за сите’, властите во Северна Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови на претставниците на етничките заедници за да ја поддржат и развиваат својата култура, да ги зачуваат основните елементи на својот идентитет, традиции и културно наследство. Правото на слободно здружување, мирни собири, слобода на говор и слобода на уверувањата треба да им биде гарантирано на сите граѓани на државата“, соопшти бугарското МНР.

Членови на бугарските здруженија „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ јавно реагираат против законските измени усвоени во македонскиот парламент (архивска фотографија)Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Пресуда што го отвори патот

Уште тогашната пресуда на ЕСЧП за „Радко“, беше индикатор дека тоа ќе отвори пат за нови клубови, чии имиња врз основа на таа пресуда ќе си обезбедат „проодност“, без оглед дали се перцепирани негативно од мнозинството од населението. Од ЕСЧП тогаш ценеле дека македонскиот Уставен суд не обезбедил објаснувања зошто негирањето на македонскиот идентитет е еднаков на насилство, бидејќи ништо во основачките акти на Здружението не укажувало дека тоа ќе застапува насилство. Па, ЕСЧП тогаш донесе одлука во корист на „Радко“ со шест гласа „за“, а против била само судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која во нејзиното издвоено мислење се сложила со аргументите на Уставниот суд.

„Судот одлучил дека негирањето на постоењето на македонската нација (главна цел на Здружението), викајќи го својот народ како славомакедонци од бугарско потекло, било сериозна и низ историјата употребувана основа за насилство и национална нетрпеливост. Во тој поглед, Уставниот суд ја играл улогата на заштитник на Уставот и демократијата во демократско општество и за заштита на правата и слободите на останатите. Логиката е дека никому не може да се дозволи да ја злоупотребува слободата на здружување со цел да промовира идеи за непочитување и дискриминација на правата на останатите“, е наведено во издвоеното мислење на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска.

Но „Радко“ го отвори патот, по што никнаа и клубови без псевдоними, со имињата „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Членови на овие здруженија деновиве јавно реагираат против законските измени усвоени во македонскиот парламент, а дел по сугестија на нивните адвокати ставот ќе го кажат откако измените ќе бидат објавени во „Службен весник“.

Претседателот на политичката партија регистрирана во РСМ, Граѓанско демократската унија, Петар Колев кој се декларира како Бугарин, реагира на постапувања спротивни на духот на францускиот предлог.

„Едно од основните прашања кои беа засегнати од таканаречниот француски предлог, беа правата на човекот, а едно од тие права е и – правото на здружување. Така што, со еден таков потег, македонскиот парламент покажа дека нема никаква намера да го поправи законодавството во позитивна насока, туку сосема обратно“, изјави Колев за БТВ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми