1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиХрватска

Смртоносна автобуска несреќа во Хрватска

СН/агенции
6 август 2022

Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени откако автобус со полски регистерски таблички утрината излетал од автопат во Хрватска.

Хрватски спасувачи на местото на несреќата на полскиот автобус
Хрватски спасувачи на местото на несреќата на полскиот автобусФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Во тешката несреќа на полски автобус во близина на градот Вараждин во Хрватска утрината загинаа 12 патници кои оделе на аџилак во Меѓугорје, а најмалку 34 се повредени, соопшти полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

„Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, ми гарантираше дека во целост ќе бидат ангажирани хрватските служби“, напиша на Твитер премиерот Моравјецки.

Автобусот утрината во 5 часот и 40 минути излетал во ендек покрај патот кај Брезнички Хум во Вараждинската жупанија од засега непознати причини, а сите патници биле Полјаци, јавуваат хрватските и полските медиуми.

На лице место настрадале 11 луѓе, а едно лице починало подоцна поради последици од тешки повреди.  Како што јавија хрватските медиуми припадници на полицијата, медицинските екипи и пожарникарите се на терен, а во Вараждин се дојдени и потпретседателите на хрватската влада, министрите за внатрешни работи и за одбрана, Давор Божиновиќ и Томо Медвед. 

Хрватски полицаец на местото на несреќата во близина на ВараждинФотографија: Uncredited/AP Photo/picture alliance

Покрај хрватските претставници на местото на несреќата тргна и полскиот министер за здравство, Адам Нједелски, и заменик шефот на полската дипломатија, Марчин Пшидач.

„Не знаеме како се случила сообраќајната несреќа, ни колку точно патници имало во автобусот. Како што јавуваат хрватските медиуми поголемиот дел од повредените се деца. Повреди од различен степен здобиле 34 лица. Сите жртви се Полјаци“, изјави за полската телевизија Полсат, портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Лукаш Јасина.

Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, изрази сочувство до семејствата на жртвите во несреќата и увери дека полските власти прават сѐ за да им помогнат на повредените и преживеаните патници на лице место.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми