1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соларни панели во Србиja: Ѓаволот е во ситните букви

10 септември 2022

Мала соларна централа на покривот на вашата куќа - звучи како можност за голема заштеда. Но, семејствата во Србија кои се пионери во оваа област, набрзо сфатија дека државата им ги премолче сите трошоци.

Serbien Solarenergie
Фотографија: Sanja Kljajic/DW

На семејната куќа на Драгана Маричиќ во Рума конечно се поставени соларни панели. Нејзиното домаќинство е меѓу првите кои се запишаа во регистарот на производители-потрошувачи или таканаречени прозумери. 

Станува збор за домаќинства кои прво трошат струја од своите мали соларни централи за свои потреби, а вишокот го враќаат во електричната мрежа со можност подоцна да ја користат. Придобивките треба да бидат повеќеслојни – пониски сметки за струја, почиста животна средина и енергетски поефикасен систем. 

Сите тие придобивки Ненад, синот на Драгана, кој е студент за енергетика, ги воочил уште во основното образование. „Тој уште тогаш ни ја претстави неговата визија во еден вид на презентација, меѓутоа ние бевме скептични и не можевме да веруваме дека таа идеја може да заживее“, вели Драгана за ДВ. 

За само две недели работа, нивната електрана произвела околу 780 киловати, што е далеку над просечната месечна потрошувачка од 500 киловати. „Одлично е, не размислувам повеќе кога ќе ја вклучам машината за перење и колку време ѝ треба на програмата за перење“, вели Драгана воодушевено. 

Вишоците коишто ќе ги вратат во системот, вели дека добро ќе им дојдат во текот на зимата, бидејќи планирале меѓу другото да се затоплуваат и на струја.  

Трновит пат до приклучок 

Но, патот до приклучок бил трновит. „Рекламираа дека се може да се заврши во три чекори, но тоа не се само три чекори. Ние имаме над 100 страници документација“, вели Ненад Маричиќ. 

Постапката започнува така што граѓаните треба да се обратат до изведувачот, кој треба да изработи проект и да ја постави електраната. Потоа во Електродистрибуција Србија (ЕДС) се испраќа барање за замена на старото броило со ново двонасочно броило - на трошок на граѓаните. На крај на Електростопанство Србија (ЕПС) им се испраќа барање за склучување на договор по електронска пошта. Потоа ЕПС за тоа го известува ЕДС и во рок од пет дена се е готово.  

 

Драгана и Ненад МаричиќФотографија: Sanja Kljajic/DW

Така е, сепак, само на хартија. „Кога се обидов да стапам во контакт со ЕПС, никој не беше информиран“, вели Ненад, „така постојано не враќаа за дополнителни документи, па откако по еден месец не го добивме договорот, пак ни пристигнаа уште 24 точки за дополнување и така во круг“. На нивниот електроенергетски систем во меѓувреме ништо не било сменето. Се менувале само документите и се зголемувале трошоците, бидејќи на крај се покажало дека институциите не се усогласиле ниту во однос на идеите, ниту во прописите.  

Како што дознава ДВ од разговорот со експертите кои учествуваа во процесот на донесување на прописите, Електростопанство Србија прво не било задоволно од законските и процедуралните решенија на Министерството за рударство и енергетика, министерството пак не било задоволно од одговорот на Електростопанство за реализација на идејата, а Министерството за финансии дури во еден момент го стопирало проектот, бидејќи во сметките не било вклучено и ДДВ. 

Сметките го спласнаа ентузијазмот 

Сите недоразбирања меѓу институциите се наведени во првата сметка што ја добија прозумерите. „Министерот прво рече дека ќе платиме само надокнада за одобрена моќност, најмногу до 100 динари. Потоа во процесот на приклучување ни беше кажано дека ќе треба да плаќаме акциза и даноци“, вели Ненад Маричиќ. 

Покрај акцизата и данокот, пак, на сметката се појавија и надоместоци за подобрување на енергетската ефикасност и стимулации за овластените производители, како и надоместок за пристап до дистрибутивниот систем, кој изнесува 3,88 динари за киловат час за повисока и 0,97 динари - за пониска тарифа. Таа надокнада прозумерите би ја плаќале на енергијата која што Електростопанство Србија би им ја „сочувало“ во моментот кога сакаат да ја земат назад.  

„Со ваква пресметка, ние место да имаме голема заштеда, добивме 20% помала сметка отколку обичните потрошувачи. Со 20% нашата инвестиција е неисплатлива“, вели Ненад.  

ЕПС во одговорот наведува дека надокнадата ја плаќаат сите корисници на системот и дека таа е регулирана со закон и правилници.  

Експертот за енергетска ефикасност, Слободан Јеротиќ, пак, во разговор за ДВ тврди дека оваа ставка е бесмислена, бидејќи таа особено е насочена кон комерцијалните потрошувачи, а не кон потрошувачите. 

„Што се однесува до другите ставки, енергијата е акцизна стока и не можеше да се очекува дека државата ќе се откаже од акцизите и ДДВ. Но, на граѓаните тоа не им беше кажано. Не можам да кажам дека министерката ги измамила граѓаните, но не им дала целосни информации“, вели Јеротиќ. 

Ѓаволот е во ситните букви - има трошоци кои никој не им ги кажал на граѓанитеФотографија: Sanja Kljajic/DW

Исплатливоста под знак прашање 

Семејството Маричиќ веќе ја преиспитува својата инвестиција. Водејќи се од министерските најави, тие пресметаа дека нивната инвестиција во најлош случај ќе им се исплати за десет години, а ако цената на струјата скокне за триесет проценти како што се најавува - тогаш уште многу побрзо. Со оваа пресметка периодот се продолжува на 15 или 20 години. 

„Ние ова го направивме со надеж дека ќе ги намалиме сметките, но и да ја сочуваме животната средина. Со ваквата пресметка нашата држава се доведува во ситуација да го раскинеме договорот и струјата да ја искористиме колку што можеме, а вишокот да го фрлиме во воздух, бидејќи е апсурдно во услови на енергетска криза“, вели Ненад Маричиќ. 

Тој се сомнева дека некој ќе се заинтересира повеќе да инвестира во соларна енергија, иако државата веќе издвои 193 милиони динари за субвенција за 700 домаќинства во 37 градови и велат дека има огромен интерес. И од фирмите коишто се бават со инсталација на соларни електрани за ДВ велат дека побарувачката во моментов е три пати поголема од понудата. 

Анализата направена од Центарот за подобрување на животната средина покажува дека енергетскиот потенцијал на сончевото зрачење во Србија е за 30% поголем од земјите од централна Европа каде веќе има бројни соларни централи. 

„Катастарот пресмета дека во Србија има околу два милиони квадратни метри покриви, па министерството врз основа на тоа направи проекција дека на покривите во Србија може да се постави таков капацитет што апсолутно би ги задоволил потребите на граѓаните за електрична енергија. но ова е само теоретска приказна“, вели Јеротиќ. 

Тој смета потенцијалот сепак треба да се постави во реални околности на теренот - колку покриви се навистина погодни за панели, но колку од тие домаќинства што ги исполнуваат условите навистина можат да инвестираат 5.000-6.000 евра во соларни електрани. „Во најдобар случај, тоа се 10.000 семејства, но тоа е 30 мегавати, што не е драматично многу“, смета Јеротиќ. 

Тој сепак додава дека треба да се инвестира во сончевата енергија, бидејќи тоа значи повеќе зелена енергија, помалку загадување, почист воздух и подолг живот. „А, тоа се бенефити што сепак не можат да се измерат со пари“, додава овој експерт. 

Граѓаните сепак прават пресметки во динари, а не во должината на животниот век. Додека чекаат разрешница на проблематичните ставки на нивната сметка, семејството Маричиќ се соочува со уште една дилема - зошто нивните договори се ограничени до крајот на март идната година? 

„Никој официјално не ни кажа што ќе се случи потоа, дали ќе треба повторно да го поднесеме барањето за потпишување на договорот, дали тоа ќе повлекува некакви преправки на централата, некои доградби или можеби дополнителни инвестиции и трошоци кои попатно ќе ни ги наметнат“, додава Ненад Маричиќ. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми