1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Шолц бара „Маршалов план“ за Украина веднаш

СН/агенции
25 октомври 2022

Германскиот канцелар порача дека уште пред крајот на руската агресија врз Украина треба да биде изготвен „Маршалов план“ за обнова на земјата. „Тоа е генерациска задача, која мора да се започне сега“, рече Шолц.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отвори меѓународната експертска конференција за обнова на Украина
Германскиот канцелар Олаф Шолц ја отвори меѓународната експертска конференција за обнова на УкраинаФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

На отворањето на експертската конференција за обнова на Украина во Берлин, германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека обновата на земјата „мора да започне веднаш“. Шолц притоа повтори дека станува збор за изготвување на „нов Маршалов план за 21 век“. „Тоа е генерациска задача, која мора да се започне сега“, порача германскиот канцелар. .

Тој уште истакна  обновата на Украина ќе биде поврзана и прилагодена со идниот влез на земјата во ЕУ.

„Кога ќе ја обновуваме Украина, тоа ќе биде спроведено во согласност со целта за влез на Украина во ЕУ“, рече Шолц на отворањето на германско-украинскиот економски форум во Берлин.

Тоа, како што рече, само ќе оди во полза за привлекување инвеститори. „Кој денес ќе инвестира во Украина, тој инвестира во една идна членка на ЕУ, која ќе биде дел од нашиот правен систем и заедничкиот пазар.“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конферецијата на која се собраа политичките лидери и експерти, оцени дека размерите на уништување во Украина се „неверојатни“.

Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен пред почетокот на конференцијата во БерлинФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

„Светската банка проценува штета од 350 милијарди евра - тоа е сигурно повеќе од која било земја или организација што може да го обезбеди сама“, рече таа.

Спроти денешната конференција, Шолц и Фондерлајен ја елаборираа идејата за Маршалов план за Украина во заеднички текст објавен во германскиот весник „Фракнфуртер Алгемајне Цајтунг“

Украинскиот претседател Зеленски, кој на учесниците на собирот им се обрати преку видео врска, апелираше за поддршка од меѓународната заедница кога станува збор за буџетот за 2023 година.

„На оваа конференција мораме да донесеме одлука наредната година да го закрпиме украинскиот буџетски дефицит“, рече тој.

Зеленски додаде оти станува збор за голема сума од 38 милијарди долари.

„Тоа се плати за наставниците, лекарите, тоа се социјалните давачки, пензиите“, додаде тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми