1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц бара од Индија јасен став за војната во Украина

ЕМФ | агенции
25 февруари 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц бара јасен став од Индија во врска со војната во Украина. Индија досега ја нема осудено руската инвазија на Украина.

Олаф Шолц Индија
Германскиот канцелар Олаф Шолц бара јасен став од Индија за војната во УкраинаФотографија: Michael Kappeler/dpa

Германскиот канцелар Олаф Шолц бара од Индија да се изјасни околу руската инвазија на Украина. „Светот страна поради оваа агресија“, изјави Шолц по средбата во Њу Делхи со индискиот премиер Нарендра Моди. Војната е „голема катастрофа“, а Русија го прекрши меѓународното начело дека „нема поместување граници со насилство“, изјави германскиот канцелар. „Оттука, многу е важно и во Обединетите нации да имаме сосема јасни заклучоци во врска со оваа тема“, нагласи Шолц.

Индија е зависна од Русија особено во сферата на енергијата и вооружувањето. Освен тоа, Њу Делхи купува евтина нафта од Русија, образлагајќи дека има потреба од евтина нафта за бројното население, кое во голем дел е сиромашно.

Индија досега ја нема осудено руската инвазија на Украина и не ги поддржува западните санкции. Според индискиот премиер Нарендра Моди, целта на Индија уште од почетокот на конфликтот била негово решение „преку дијалог и дипломатија“. „Индија е подготвена да даде придонес за сите мировни разговори“, потенцираше Моди.

Германскиот канцелар Олаф Шолц допатува во Индија со единаесетчлена економска делегација, чиј дел се и претставници на компании како Сименс, ТисенКруп, САП и Германска пошта. Според Шолц, во Индија се активни 1800 германски компании. Канцеларот во Њу Делхи вети дека ќе работи на брзо склучување на планираниот договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија и го истакна потенцијалот за соработка во областа на обновливите извори на енергија и размена на стручњаци.

Индискиот премиер Нарендра Моди (д.) вели дека Индија е подготвена да даде придонес за сите мировни разговориФотографија: Adnan Abidi/REUTERS

Индискиот премиер Моди посочи дека двете страни веќе имаат формирано партнерство во областа на зелениот и одржлив развој. И двете страни сакаа да ги зголемат своите напори во борбата против климатските промени.

Друга важна област е „безбедносната и одбранбената соработка“, рече индискиот премиер. Таа би можела „да стане важен столб на нашето партнерство“. Двете страни тука би можеле да го ослободат „неискористениот потенцијал“, смета Моди.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми