1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Од гласање за доверба на владата до нови избори

АРД | СН
11 декември 2024

Канцеларот Олаф Шолц денеска во Бундестагот поднесува барање за гласање на доверба на владата. Тоа треба да се одржи на 16 декември. Кои се следните чекори до предвремените избори во Германија?

Германскиот канцелар Олаф Шолц во  Бундестагот на 4 декември, 2024 година
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот на 4 декември, 2024 годинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Кои се неопходните чекори пред новите избори?

Предвремените избори планирани за 23 февруари 2025 година веќе се во фокусот на германската јавност. Но: Нови избори не се можни „туку-така“. Тоа е поврзано со одредени барања и процеси, кои, меѓу другото, се регулирани со членот 68 од германскиот Устав. Важни чекори: Канцеларот мора да побара гласање за доверба на владата во Бундестагот и да го загуби. Претседателот на Германија тогаш мора да го распушти Бундестагот. Последицата од распуштањето би биле дека во рок од 60 дена мора да се одржат нови избори.

Како функционира процесот за гласање на доверба?

Барање за гласање за доверба на владата: Канцеларот поднесува барање до Бундестагот да му се изгласа доверба согласно членот 68 од Уставот. Ова треба да се случи денеска, 11 декември 2024 година. Канцеларот може да поднесе барање усно или писмено. Бидејќи нема седница на Бундестагот планирана за среда, канцеларот Олаф Шолц најверојатно ќе поднесе писмено барање до претседателот на Бундестагот Бербел Бас. Предлогот потоа ќе биде објавен како печатен материјал во Бундестагот. Гласање за доверба: Според член 68, став 2 од Уставот, гласањето за доверба на Владата може да се одржи најдоцна 48 часа по приемот на барањето.

Доколку барањето, како што е планирано, биде примено денеска, според информациите од управата на Бундестагот, расправата и гласањето во Бундестагот се планирани за понеделник, 16 декември 2024 година, од 13 часот. Доколку на ова гласање на 16 декември канцеларот не добие апсолутно мнозинство од 367 гласови, би ја загубил довербата.

Бундестагот во понеделник, 16 декември 2024 година, од 13 часот треба да расправа и да гласа за доверба на владата на Олаф ШолцФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Предлог за распуштање на парламентот: По губењето на гласањето за доверба, канцеларот може да му предложи на сојузниот претседател да се распушти Бундестагот. Што ако Шолц добие доверба? Тогаш нема да се отвори патот до нови избори. Канцеларот Шолц би можел повторно да поднесе барање за гласање доверба на владата.

Како би се распуштил Бундестагот потоа?

Доколку канцеларот му предложи на претседателот да се распушти Бундестагот, шефот на државата мора да одлучи во рок од 21 ден од губењето на довербата дали ќе го распушти Бундестагот. Тој тоа го може, но не мора. За него суштински критериум е дали има политички нестабилна состојба во сегашната констелација. Во својот говор на 7 ноември 2024 година, непосредно по распадот на владината коалиција, претседателот Франк-Валтер Штајнмајер рече дека стабилно мнозинство и функционална влада ќе бидат репер за неговата одлука. Од ова може да се заклучи дека тој најверојатно се стреми кон распуштање на Бундестагот. Доколку претседателот го распушти Бундестагот, треба да се распишат нови избори во рок од 60 дена од распуштањето на парламентот. Ова е наведено во член 39, став 1, реченица 4 од германскиот Устав. Денот на парламентарните избори формално го одредува претседателот на Германија во согласност со Сојузниот изборен закон.

Кога Штајнмајер би одлучил да го распушти Бундестагот?

Тоа сѐ уште не е сигурно. Сојузниот претседател Штајнмајер ќе има 21 ден да го стори тоа од 16 декември 2024 година. Ако се гледа 23 февруари 2025 година како конкретен датум за нови избори, има одредена временска рамка. Сојузниот претседател не треба предвреме да донесе одлука за распуштање, така што посакуваниот датум за избори е во рок од 60 дена во кој според Уставот мора да се одржат нови избори. 23 декември 2024 година, на пример, сè уште би било прерано. Најраниот можен датум би бил 25 декември 2024 година. Поради божиќните празници, пореална изгледа одлуката од 27 декември 2024 година.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер Фотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Може ли Уставниот суд да се вклучи во процесот?

Барем тоа е можно. За време на гласањето за недоверба на владите во 1982 година (Хелмут Кол) и во 2005 година (Герхард Шредер) имаше тужби пред Сојузниот уставен суд против одлуката на тогашниот претседател на Германија за распуштање на Бундестагот. Пратениците во Бундестагот тврдеа дека нивните права се прекршени бидејќи не се исполнети условите за распуштање и нивниот мандат истекол порано од планираното. Вакви тужби се можни и овој пат, а не може со сигурност да се предвиди како би завршила евентуалната постапка. Сепак, тужбите во Уставниот суд во Карлсруе во 1982 и во 2005 година беа неуспешни. Во својата пресуда од 2005 година, Уставниот суд нагласи дека сојузниот канцелар има голем простор во оценувањето на политички нестабилната ситуација, која судот може да ја контролира само во ограничена мера.

Ќе остане ли канцеларот на функцијата по гласањето за доверба?

Да. Изгубеното гласање за доверба и распуштањето на Бундестагот не го менуваат фактот дека канцеларот и неговата влада ќе работат како и обично. Функцијата на канцелар престанува само кога ќе заседава новиот Бундестаг по нови избори (член 69 од германскиот Устав). Дури и тогаш, канцеларот Шолц ќе остане на функцијата на барање на претседателот на државата како „вршител на должност“ сѐ додека новоизбраниот Бундестаг не избере нов канцелар. Актуелниот состав на Бундестагот и натаму може да функционира и по изгласувањето недоверба на владата и одлуката за негово распуштање. Може да носи закони доколку за нив постои потребно мнозинство.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми