1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Путин нема да ја оствари својата империјалистичка цел

ЕМФ | агенции
24 февруари 2023

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази увереност дека Русија нема да ги оствари своите намери во Украина. Тој оценува дека погледот наназад во изминатата година покажува оти „рускиот претседател не успеа“.

Олаф Шолц, канцелар на СР Германија
Олаф Шолц, канцелар на СР ГерманијаФотографија: John Thys/AFP

„Колку побрзо рускиот претседател согледа дека нема да ја постигне својата империјалистичка цел, толку се поголеми шансите војната наскоро да заврши“, вели германскиот канцелар  Олаф Шолц во денешната (24.02) видео порака по повод годишнината од почетокот на војната во Украина. Според Шолц, рускиот претседател Путин „може да стави крај на оваа војна“.

Германија е „цврсто на страната на Украина – денес и во иднина“, нагласува германскиот канцелар и додава: „Нашата помош за Украина изнесува повеќе од 14 милијарди евра. Ние обезбедуваме финансиска, хуманитарна и поддршка со оружје.“

Шолц вели дека разбира оти ова загрижува дел од луѓето: „Затоа е толку важно да се одржи принципот кој нè води од самиот почеток: сè што правиме се прави во тесна координација и усогласеност со нашите партнери и сојузници.“

Германскиот канцелар оценува дека погледот наназад во изминатата година покажува оти „рускиот претседател не успеа“: „Владимир Путин се определи за поделба, а се случи спротивното: Украина е пообединета од кога било досега. Европската унија е обединета“.

Шолц ветува дека ќе се направи сѐ „за да не ескалира војната меѓу Русија и НАТО“. Според него, не е западното снабдување со оружје она што ја продолжува војната.

Канцеларот е „многу импресиониран“ од решителноста и храброста на Украинците кои ја бранат својата слобода. „Германија ги поддржува - силно и онолку долго колку што е потребно“, ветува Шолц, кој ги фали и Германците за нивната подготвеност за примат бегалци: „Примивме повеќе од милион украински бегалци, благодарение на големата подготвеност за помош во целата земја“, рече тој, заблагодарувајќи им се на сите што го овозможиле тоа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми