1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган во Берлин: Шолц ја истакна поддршката на Израел

ЖА / агенции
18 ноември 2023

При посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Берлин, се судрија неговите и позициите на канцеларот Олаф Шолц. Ердоган побара примирје во Појасот Газа, Шолц инсистираше на правото на Израел на самоодбрана.

Германсиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Различни ставови за конфликтот на Блискиот Исток - германсиот канцелар Олаф Шолц и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган Фотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Во текот на првата посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Германија по речиси четири години, германсиот канцелар Олаф Шолц го нагласи правото на Израел на самоодбрана. Истовремено, канцеларот истакна дека Германија е еден од најголемите заговорници за хуманитарна помош за жителите на Газа. „Не е тајна дека делумно имаме многу  различни аспекти на актуелниот конфликт“,  рече Шолц.

На прес конференцијата тој изјави дека заедно со Ердоган ја делат „загриженоста поради пожарот на Блискиот Исток “. „Секој живот има еднаква вредност“, изјави канцеларот, додавајќи дека „страдањата на палестинското цивилно население ја загрижуваат  германската влада“.

Ердоган бара хуманитарно примирје

Ердоган во кабинетот на канцеларот ги критикуваше  акциите на Израел во Појасот Газа.  „Зборуваме за убиени 13.000 деца, жени, стари луѓе“, рече Ердоган со констатација – Газа речиси веќе не постои, „сѐ е срамнето со земјата“. Турскиот претседател повика на  хуманитарно примирје  во војната меѓу Хамас и Израел. Ако Германија и Турција заедно би можеле да го издејствуваат, би постоела шанса регионот да биде спасен од овој „огнен обрач“, порача Ердоган.

Посетата на Ердоган на Германија беше спорна во светлината на неговите претходни изјави за конфликтот на Блискиот Исток.

За радикално исламистичкиот Хамас, кој во Германија, САД и други држави има статус на терористичка организација,  Ердоган во изминатите недели  изјави дека го смета за „ослободителна група“. Од друга страна тој го обвини Израел за „геноцид“ во Појасот Газа и дури го доведе во прашање правото на постоење како држава. Израел се обидува „да изгради држава чија историја достигнува само 75 години наназад и чиј легитимитет е доведен во прашање преку сопствениот фашизам“, изјави Ердоган на крајот на минатата недела. Тие обвинувања против Израел  Шолц ги отфрли  како „апсурдни“. Истовремено, Ердоган во повеќе наврати се залагаше за поддршка на решението за две држави, став кој го дели со канцеларот. 

Прифаќање на одбиени азиланти

Германскиот канцелар Олаф Шолц при разговорот со Ердоган инсистираше на забрзување на процесот на враќање на азиланти од Турција кои немаат право на престој во Германија. Од извори на владата се дознава дека канцеларот барал „цврст механизам“. Двајцата ја поздравиле интензивната работа во рамките на новооснованата билатерална работна група на органите за внатрешни работи и ја ополномоштиле за што поскоро постигнување обострано усогласен заклучок.

Шолц на Ердоган му ветил поддршка во обновата на образовни институции по разорниот земјотрес во Турција во февруари годинава, во кој десетици илјади луѓе ги загубија животите.

Канцеларот и неговиот гостин се согласиле дека „Русија е итно повикана“ да ја прекине агресорската војна против Украина, а Шолц повикал Турција што поскоро да ја изврши ратификацијата на пристапот на Шведска во НАТО.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми