1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц во Саудиска Арабија - ѕвездени часови на автократите

Mudhoon Loay Kommentarbild App für Arabisch
Лоај Мадхун
27 септември 2022

Посетата на канцеларот Шолц во Персискиот Залив појаснува колку многу на Германија ѝ е потребна кохерентна политика во однос на тамошните монарси со мошне самоуверен настап, смета Лоај Мадхун.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и саудискиот принц Мохамед бин СалманФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Уште пред почетокот на првата посета од канцеларот Шолц, германската влада вложи напори значително да ги намали очекувањата. Од владини кругови во Берлин се велеше дека посетата на германскиот канцелар во Саудиска Арабија, ОАЕ и Катар - односно во  епицентарот на глобалната енергетска политика -  не треба да се сфати само како „турнеја чисто за набавка на енергенси”.

Но, таквата очегледно оправдана претпазливост не можеше да сокрие дека германската влада е под огромен притисок да испорача успех. 

На германската економија итно ѝ се потребни сигурни и евтини алтернативи за увозот на гас и нафта од Русија кои беа прекинати по рускиот напад врз Украина. Земјите од Персискиот Залив имаат ресурси, а нивните млади принцови и владетели се свесни за нивното значење што одеднаш е пораснато - и настапуваат соодветно самоуверено. 

Нов епицентар на светската политика

Таквата нова самодоверба саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман, ја отелотворува како никој друг државник во моментов во Блискиот и Средниот Исток. Фактичкиот владетел во Ријад неговата рехабилитација секако ја чувствува како правда по години меѓународна изолација и презир, откако американските и турските тајни служби му ја префрлија одговорноста за  убиството на реномираниот саудиски новинар Џамал Кашоги.

Но, со оглед на новата геополитичка реалност со војната во Украина, на престолонаследникот Бин Салман, кој е свесен за моќта и кој постапува авторитарно и безобѕирно, не му е важно само личното признание, туку и тоа Саудиска Арабија под негово водство да прерасне во водечка сила, која ќе диктира и која ќе биде сериозно сфатена во еден нов светски поредок.

Патем,  бројни посети на западни политичари во Ријад  потврдуваат дека принцот прерасна во баран државник на глобалната сцена. И  американскиот претседател Џо Бајден  и Борис Џонсон, во тоа време британски премиер, годинава го посетија срцето на исламот.  Францускиот претседател Емануел Макрон во јули го прими во посета на Елисејската палата. 

Затоа е важно што неодамнешното ракување меѓу принцот и Шолц го скрши леденото доба меѓу Германија и Саудиска Арабија. Германската влада во моментов зависи од солидна и функционална соработка со Ријад. Посочувањето дека се работи за тешки партнери со кои се среќаваат во Персискиот Залив нема тло, бидејќи автократии никогаш и не биле едноставни партнери. 

Потребна нова политика за Заливот

Несомнено е дека германската влада би сакала да ја развие  енергетската соработка  со Ријад, Абу Даби и Доха – колку побрзо, толку подобро. Целта е јасна – диверзификација, односно снабдување со енергенси од повеќе различни извори за да се спречи зависноста од само еден партнер во оваа област. Тоа е болна, но неопходна лекција од промашената политика кон Русија во последниве 20 години.

Лоај Мадхун, автор на коментарот

Сепак не е доволно само да се препознае оваа нужност за да се обезбедат убедливи и пред сѐ одржливи одговори на предизвиците од енергетската политика во блиска иднина. Наместо тоа, неопходно е да се формулира нова германска политика за Заливот. Магичниот збор е очигледен и гласи – диверзификација. На крајот, не само Германија туку и сите земји од Заливот, особено  „тешкашот“ Саудиска Арабија  се во потрага по партнери!

Токму на тоа треба да се темели новата германска политика во однос на монархиите од Заливот – на сите заливски земји им е потребен германскиот „ноу-хау“, не само во однос на диверзификацијата на нивните економски системи, туку тие се зависни од западните технологии и во однос на реализација на огромните проекти за модернизација. Јасната посветеност на сопствените економски интереси треба да се покаже како целисходна. Се разбира, тоа не мора да биде во спротивност со неопходното барање за заеднички интереси и со „меѓународниот поредок заснован на правила“ на кој инсистира Германија. Тоа само делува поверодостојно од вообичаените неделни „црковни проповеди“ за човекови права што се држат по европските метрополи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми