Сомнеж за труење со храна во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. Инспекциите ја затворија кујната, земени мостри од храна и вода. Децата се стабилни
Инспекциите на терен по сомнеж за труење со храна во скопско училиштеФотографија: picture alliance/dpa/A. Warnecke
Реклама
Поради сомнеж за труење со храна, над 80 ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во средата (26.11) не се појавиле на настава. Деветмина пријавиле здравствени проблеми, а дел од нив биле примени на скопските клиники со стомачни тегоби и повраќање.
Инспекциските служби по целодневни проверки ја затворија училишната кујна во Карпош. „Земени се мостри и се вршат анализи. Првичните резултати се очекуваат утре“, изјави за ДВ директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Двајца ученици хоспитализирани – состојбата е стабилна
Двајца ученици се хоспитализирани на Детската клиника. Децата се во стабилна состојба, но биле примени со симптоми на труење – стомачни болки и повраќање.
Како што објави „360 степени“, меѓу учениците кои побарале помош бил и помалиот син на премиерот Христијан Мицкоски, кој два дена е на болничко лекување.
Инспекциите затворија кујната и земаа мостри
По пријавите за симптоми, инспекциските служби на ИЈЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) веднаш започнаа вонреден надзор.
Кујната е затворена како потенцијален извор на зараза.Наредено е вонредно чистење, дезинфекција и здравствени прегледи на вработените. Земени се мостри од храна, вода и работни површини, како и брисеви од раце, нос и грло на персоналот.
„Согласно надлежностите, ДСЗИ издаде решение за забрана и наложи мерки – вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација“, изјави директорот Кирил Лазов.
Очекување на резултати од анализите
Според ИЈЗ, досега се пријавени девет случаи на стомачни тегоби кај ученици. Резултатите од лабораториските анализи ќе покажат дали станува збор за труење со храна. Инспекциите најавуваат дека ќе продолжат со работа и во втора смена доколку е потребно.
Во време на пандемија на коронавирусот особено важна е хигиената, не само личната. Редовното и правилно миење раце е главната „заповед“ за личната хигиена но постојат и златни правила за хигиена во кујната.
Фотографија: Johanna Schmeller
Слушајте ја мајка ви!
Уште од мали научивме: рацете мора задолжително да се мијат пред јадење. Истото важи и за готвењето. Дури и повнимателно, затоа што кога готвиме, можеме да ја загадиме храната со бактерии, која потоа сите ќе ја јадат. Правилното миење на рацете трае најмалку 30 секунди. Насапунети треба да бидат ноктите како и наборите меѓу прстите.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Само еднаш не е доволно
Задолжително мијте ги рацете не само пред да започнете со готвењето, туку и во текот на целиот процес. Особено ако сте допреле сурово месо, риба, јајца или отпадоци. Бидејќи сите тие се носители на бактерии кои не треба да се шират на другите производи. Особено на суровата храна, како што се салатите или доматите.
Фотографија: dapd
Одделно месо, одделно зеленчук
За да се избегне контаминација меѓу различните производи, за животинските производи не треба да се користат исти алатки како за другите производи. Ова е особено важно за ножевите и за даските за сечење. Најдобро е да имате специјална даска и специјален нож само за сурово месо. Инаку, пред да ги користите за сечење на зеленчук, даската и ножот треба да се измијат со детергент и со топла вода.
Бактериите се минијатурни. Она што нам ни изгледа како гребаница е огромна шведска маса за салмонелата. Изгребаните кујнски даски многу тешко се мијат. Значи, ако даската е веќе премногу изгребана - подобро да купите нова.
За нас драскотина, за бактериите - вселена
Фотографија: picture-alliance/L. Halbauer
Менувајте ги почесто!
Кујнските крпи, сунѓери и четки се омилено засолниште за бактериитеи вирусите. Затоа, по секоја употреба, тие треба да се исплакнат со врела вода, а потоа да се исушат. Кујнски сунѓери и крпи не треба да се користат повеќе од неколку дена. Потоа треба да ги замените или да ги ставите во машината за перење на 70 степени.
За крпите истото важи како и за сунѓерите: по употребата тие треба да се исушат и да се заменат најмалку еднаш неделно. Со овие крпи, во никој случај не треба да сушите сурово месо или да ги бришете остатоците од протеини - за оваа намена користете хартиени крпи и потоа веднаш фрлете ги.
Фотографија: picture alliance/chromorange/B. Türk
Во ладно. И во кутии.
На температура под 7 Целзиусови степени, повеќето микроорганизми или не се репродуцираат или го прават тоа многу бавно. Затоа храната која брзо се расипува како месо, риба или јајца треба да се чуваат во најстудениот дел во фрижидерот - обично во кутиите на дното. Многу е важно редовно да се мие внатре фрижидерот, бидејќи во спротивно ќе се појават цели колонии бактерии.
Фотографија: Colourbox
Жешко!
Безбеден начин да се уништат вирусите и бактериите е високата температура. Затоа месото, рибата и јајцата секогаш треба да бидат добро термички обработени. Што значи дека внатрешноста на овие намирници треба да се загрева на најмалку 70 степени и најмалку 2 минути. Салатите, зеленчукот и овошјето кои се јадат свежи мораат да бидат добро измиени. И само тогаш можеме да посакаме: Добар апетит!