1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборот на Ислам Абази ставен на тест на јавноста

ДТЗ
9 ноември 2022

Антикорупционерите и министерот за правда, Никола Тупанчески имаат забелешки на изборот и бараат заострување на критериумите во иднина. Дел од фелата, пак, повикува да му се даде шанса да се покаже

Ислам Абази
Изборот на Ислам Абази ставен на тест на јавностаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Изборот на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција ги стави на текст критериумите по кои некој може напредува на оваа особено одговорна и значајна функција. Антикорупциската комисија изнесе низа забелешки за изборот на Ислам Абази за наследник на суспендираната шефица на организиран криминал, Вилма Русковска, а министерот за правда, Никола Тупанчески размислува за воведување цензус или потреба од втор круг и дополнителни критериуми за избор на оваа функција. 

Спорен модел на одлучување 

Моделот за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) покажа слабости, оценува министерот за правда, Никола Тупанчески, и најавува негови измени во однос на построги правила и критериуми. Подобрување на критериумите за избор бараат и од страна на Антикорупциската комисија. 

Обвинителите во понеделникот за првпат гласаа според моделот на новиот Закон за јавно обвинителство, на непосредни избори на кои најмногу гласови освои шефот на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, Ислам Абази. 

„Ова е трет модел каде во нашата држава се обидуваме да стигнеме до вистинскиот модел во кој ќе бидат исклучени надворешните влијанија во однос на изборот. Првпат јавните обвинители непосредно го бираат првиот човек, да не заборавиме Законот за Јавно обвинителство беше консензуално донесен, беше прифатен од сите и практично моделот кој го тестиравме пред некој ден, според мене покажа одредени слабости. Тој модел не е доизграден и доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот мислам дека би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор“, изјави Тупанчески. 

Тој слабостите ги лоцира во тоа што само еден глас разлика може да пресуди кој ќе биде победник на изборите, поради што се наметнува потребата и од втор круг гласање. Ќе мора тука да се додаде цензусот, дали ќе има потреба од втор круг на избори, од некој дополнителен критериум… Би сакал да подвлечам дека главниот проблем не е квалитетниот закон, туку се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот“, вели Тупанчески. 

На непосредни избори најмногу гласови освои шефот на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, Ислам Абази.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

И антикорупционерите со забелешки

И Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има забелешки за начинот на кој се избираше првиот човек во Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Спорно за првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, е тоа што во јавноста веднаш по изборот на Абази се појавија негови фотографии со челници на ДУИ, што остава простор да се верува дека „постоело некакво влијание“.

„Да се надеваме дека новиот шеф на Обвинителството ќе застане на патот на криминалот и корупцијата, меѓутоа секако имаме забелешки за начинот на кој се избираше. Отсекогаш се бараат некакви механизми за подобар избор, еве сега се даде шанса сите обвинители на демократски начин да гласаат и тоа е во ред. Од друга страна, по мене, се заборави на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа, а сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна“, изјави Ивановска.

Антикорупционерите не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат, меѓутоа „во отсуство на некои од критериумите се остава простор да помислат дека постоело некакво влијание“. 

Времето ќе покаже 

Министерот за правда вели дека времето ќе покаже дали обвинувањата за поврзаноста на Абази со ДУИ имаат реална основа или не. „Времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали навистина овие хипотези и претпоставки што се пласираат по неговиот избор имаат реална основа. Практично, комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е да не биде злоупотребена“, вели Тупанчески. 

Обвинителот Абази во  вторникот (8.11) на прес-конференција и тврдеше дека иако родум е од исто село со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нема лични контакти со него или со друг функционер од ДУИ. 

„Доколку е тој човек со интегритет може да се избори и да докаже дека е тој што ќе го среди Обвинителството. Всушност треба да му дадеме простор на човекот, но сликата до сега не е поволна. Тој треба да вложи многу повеќе енергија за да докаже дека има интегритет и има енергија да се избори со корупцијата“, децидна е Ивановска.

Претходно, претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски во Топ Тема на ТВ Телма изјави треба да му се даде простор на Абази да се докаже, особено затоа што неговите резултати како раководител на гостиварското обвинителство се неспорни. „Нашата фела е мала, и иако сите се изолирани едни од други, во смисла дека секој работи во својот регион, сепак многумина се познаваат“, рече Јолевски.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми