1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнежи за саботажа во касарна на Бундесверот во Келн

АРД
15 август 2024

Во Келн – Ван беше затворена касарна на германското воено воздухопловство поради сомнителни вредности на водата. Службата за државна безбедност истражува можна саботажа. Министерот Писториус бара зголемена будност.

Инцидент поврзан со водата во касарната Келн – Ван
Инцидент поврзан со водата во касарната Келн – Ван на германското воено воздухопловствоФотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

По инцидент поврзан со водата во касарната Келн – Ван на германското воено воздухопловство, отворена е истрага од страна на полицијата и државната безбедност. Се работи за сомнение за саботажа насочена против Бундесверот. Касарната е привремено затворена.

Портпарол на министерството за одбрана потврди дека се врши истрага „затоа што има сомневање за обид да се навлезе, или пак за веќе извршено, нелегално навлегување“ и додаде дека „постои и сомнеж за саботажа“. 

Што точно се случило?

Според портпарол на Бундесверот, во текот на ноќта кон средата се забележани „ненормални вредности“ при постојаната контрола на водата за пиење. Потоа е забележана дупка во оградата „низ која може да се протне едно лице". Водата потоа била исклучена, а касарната затворена. Со часови никој не смеел ниту да влезе, ниту да излезе. Портпаролот додаде дека потрагата по натрапник завршила безуспешно. Властите трагаат по еден или повеќе сторители. Сега се работи на анализа на видео снимките. Сѐ уште се истражува можна поврзаност на лошите параметри во водата и дупката во оградата. „Инцидентот го сфаќаме многу сериозно", рече портпаролот.

Како гласи конкретниот сомнеж?

Засега има непотврден сомнеж дека може да е саботирано снабдувањето со вода. За целите на истрагата се земени и примероци од водата. Непотврдени се наводи дека војниците се жалеле дека им се гади. Според портпарол на војската, не се забележани случаи на заболени. Сепак, според весникот „Шпигел“, на војниците и на цивилните вработени им било забрането да ја користат водата за пиење и да се тушираат.

Како се одвива истрагата?

Покрај полицијата и воената полиција, во истрагата се вклучени и военото разузнавање и државната безбедност. Полицијата засега истражува против непознато лице за навлегување на туѓ имот. За штети по здравјето, кои би можело да се настанати преку инцидентите, полицијата според сопствени наводи нема основи за сомневање. Касарната во меѓувреме е повторно отворена. Територијалната команда на Бундесвер на Х објави дека прибирањето докази е завршено.

Кој е стациониран во Келн?

Во касарната во Келн се наоѓа дел од флотата на Министерството за одбрана, како и повисоки  командни централи и 4300 војници, како и 1200 цивилни вработени.

Аеродромот на НАТО во Гајленкирхен, од каде стартуваат и каде слетуваат авиони во разузнавачки мисииФотографија: INA FASSBENDER/AFP

Инцидент и во Гајленкирехен?

Во севкупно тензичната ситуација, забележани се сомнителни појави и на маргините на  аеродромот на НАТО во Гајленкирхен,  од каде стартуваат и каде слетуваат авиони во разузнавачки мисии. Според ВДР, безбедноста потоа била подигната на повисоко ниво. Околу 22 часот сили на воената полиција откриле едно лице на оградата од воздушната база на НАТО. Земени се личните податоци, соопшти портпарол на НАТО, а лицето не е уапсено. Се отфрлаат наводите дека аеродромот бил затворен. Една од безбедносните служби сепак наредила и таму анализа на водата за пиење, при што не биле утврдени девијации.

Какви се последиците од случувањата?

Министерот Писториус по инцидентите повика на поголема будност. „На двете места брзо реагиравме, ги затворивме пристапите, ги заостривме контролите, ги вклучивме истражните органи и побаравме лабораториски анализи. Инцидентите покажуваат дека мора да останеме будни", изјави Писториус за „Шпигел“.

Политичарот нагласи дека „се подразбира оти по инцидентите ќе ги провериме плановите за безбедност и по потреба ќе ги адаптираме. Таков налог веќе е издаден“.

Има ли сознанија за позадината?

Кој стои зад можните дејствија е нејасно. На прашањата за политички контекст, Министерството за одбрана не даде детали. Претседателот на Комисијата за безбедност при Бундестагот, Маркус Фабер од СПД,  сомнежи искажа во правец на Русија.

„Врз основа на временската близина на двата инцидента во касарните може да се претпостави дека непријателски чинител сака да ги демонстрира и тука кај нас  своите способности за саботажа", оцени Фабер за весникот „Билд". „Чинителот кој моментално има најголем интерес за такво нешто е Путин", додаде тој.

Слична беше и изјавата на претседателот на Парламентарното контролно тело на Бундестагот, Константин фон Ноц од Зелените. „Секако дека во етерот лебди сомнежот дека може да се работи за  руски чин на саботажа", изјави тој за телевизијата Велт ТВ. Тоа за истрагата е „конкретна работна теза".

Но, конкретни околности во тој правец засега не се познати. Од почетокот на војната во Украина, безбедносната ситуација севкупно подлежи на нова оцена. Безбедносни експерти повеќекратно предупредуваат дека мета на шпионирање и  обиди за саботажа  може да биде и воената инфраструктура. Пунктот Келн – Ван според „Шпигел“ игра важна улога во поддршката на Украина. Украински војници обучувани во Германија, според извештајот на весникот, редовно од Келн – Ван патуваат преку Полска назад во Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми