1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фотоволтаиците се само пуста желба за стариот дел на Охрид

ДТЗ
17 септември 2022

Да се заштити автентичното старо градско јадро или да се избегне струјниот шок со обновливи извори на енергија во услови на криза? Охрид е растргнат меѓу правилата на УНЕСКО и барањата на мештаните.

Старото градско јадро на Охрид
Старото градско јадро на ОхридФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Соларни колектори и фотоволтаици како печурки никнуваат на хотелите и приватните индустриски капацитети во Охридскиот регион, поради струјниот шок и стравувањата од енергетската криза. Обновливите извори на енергија, кои на голема врата влегуваат во земјата со над 280 сончеви денови, добредојдени се секаде, освен во стариот дел на Охрид. Популарниот Варош, но и другите маала во старото градско јадро, имаат само пуста желба, но не и дозвола да се модернизираат. Да се заштити автентичното старо градско јадро на балканскиот бисер или да се избегне струјниот шок со обновливи извори на енергија во услови на криза? Туристичкиот центар е растргнат меѓу ригорозните правила на УНЕСКО и барањата на мештаните. 

Ригорозни правила 

Варош е населба која се наоѓа во стариот дел на Охрид. Позната е по уникатната охридска архитектура и старите куќи, по зачувување на духот на старите занаетчии, филигранот и охридските бисери, по охридските сликари и вајари. Но, со години наназад е и најатрактивна дестинација за туристите ширум светот, кои бараат сместување и во приватните капацитети, но и во хотелите коишто никнуваат на секој чекор. Но, за варошани, важат поинакви правила на живот од останатите делови на градот. На покривите на нивните домови не смеат да се поставуваат фотоволтаици за производство на струја, тие не смеат да ги менуваат ќерамидните покриви на нивните домови со лим, поставувањето на соларни колектори, со бојлери кои високо се издигаат на покривот се „невиден грев“ за панорамскиот поглед на градот, а климатизерите кои висат надвор од куќите и можат да се забележат од тесните улици по кои шетаат туристите - се несакана и забранета глетка. 

Жителите на стариот град на Охрид се постојано дискриминирани од сопствената држава, вели Ерхан СуФотографија: privat

„Жителите на стариот град на Охрид се постојано дискриминирани од сопствената држава. Иако државата на секој чекор се фали со својот бисер на Балканот, особено со стариот дел на градот, ама баш со ништо не помага за луѓето кои живеат во тој дел од градот да бидат барем еднакви со своите сограѓани од цела Македонија. Државата едноставно заборава дека стариот дел на градот е жив град, во кој куќите се населени повеќе од 90 проценти. Луѓето кои живеат тука ги имаат истите потреби, истите проблеми како и нивните сограѓани во цела Македонија“, вели за ДВ, Ерхан Су, сопственик на барот Ликвид во стариот дел на градот. 

Стар град – ДА, мртов град - НЕ 

Но, кај жителите во стар град има мал милион забрани за секое дејствување или подобрување на нивниот живот. Во моментов најактуелна е забраната за поставување фотоволтаици на покривите на нивните домови или на угостителските објекти. „Во овој дел од градот егзистираат и околу стотина комерцијални објекти кај кои електричната енергија се зголеми од 300 до 500 проценти. Сите тие ја немаат можноста да постават фотоволтаици на нивните покриви, бидејќи со постојниот закон тоа е забрането“, вели Ерхан.

Ако не се пристапи кон решавање на овој проблем, голем дел од комерцијалните објекти во стариот дел на градот ќе стават клуч на својата врата, бидејќи немаат можност да го решат проблемот со електричната енергија. „Дури и оние кои сакаат да инвестираат во фотоволтаици и да преминат кон алтернативни еко-моменти за производство на електрична енергија, тоа им е оневозможено“, укажува нашиот соговорник. 

Соларни колектори може секаде, но не и во стариот дел на ОхридФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Цел список правила 

Соларните панели, сончевите колектори, клима уредите, па и сателитски антени поставени на куќите во стариот дел на Охрид, се најдоа во последниот извештај на УНЕСКО, во кој беа изнесени бројни забелешки во однос на сето она што го загрозува статусот на градот. Во Охрид нема и ниту една фотонапонска електрана, бидејќи, согласно овој план, може да се гради само на 40% од парцелата, што за инвеститорите е економски неисплатливо.

Рокот за исполнување на препораките истекува забрзано, но енергетската криза многумина ги натера молчешкум да поставуваат соларни бојлери и клими и да се надеваат дека инспекциите нема да ги казнат.

А, инспекторите кои се бројат на една рака, излегуваат на терен, ама по пријава на граѓани. Испраќаат известувања, бараат од жителите под Самуиловата тврдина да ги отстранат недоволено поставените инсталации, но ретко кој постапува по нивните укажувања. 

„Но, ќе дојде ден кога ќе мора да ги тргнат“, вели за ДВ Богдан Настески-Герман, раководител на секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште во Општина Охрид. 

Енергетската криза многумина ги натера молчешкум да поставуваат соларни бојлери и клими и да се надеваат дека инспекциите нема да ги казнатФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Ригорозни барања 

Забелешките на УНЕСКО за старото градско јадро се многу ригорозни потврдуваат и од Општина Охрид и од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид.  „Мора да се задржи автентичниот и амбиентален изглед на градот, сите жители на стариот дел на градот имаат обврска да имаат покриви на домовите со турска црвена ќерамида, лим не е дозволен. Надворешни клима единици исто така мора да се отстранат, особено ако се поставени од страна на улицата, вели Настески.

Од општината велат дека се свесни за загриженоста на мештаните, коишто живеат пред сѐ од туризам и се обидуваат да ги намалат трошоците за струја. „Тие мора да живеат и да функционираат во стариот дел на градот, поради што ќе мора да се изнајде најсоодветно решение за ниво субвенционирање и да им се помогне за да можат да ги заменат климите само со внатрешни единици“, вели шефот за урбанизам во општината.

Но, на терен е забележливо дека правилата постојат за да се прекршуваат - па додека некои се храбри и се модернизираат за да заштедат струја, други стравуваат да ги обноват домовите што им се распаѓаат, затоа што со планот на УНЕСКО во одредени зони и тоа не е дозволено.

Горан Патчев од Завод и Музеј Охрид за ДВ вели дека во изминатиов период имало неколку барања од граѓани за поставување на сончеви колектори во стариот дел на градот, но биле одбиени. „Овој проблем се провлекува одамна. Поради тоа се бараат излезни решенија како да им се излезе во пресрет на оние коишто сакаат да инвестираат во обновливи извори на енергија“, вели Патчев. 

Забелешките на УНЕСКО за старото градско јадро се многу ригорозниФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Солуции

Па, во игра, меѓу другото, е да се набавуваат соларни покриви, коишто наликуваат на ќерамида и се во црвена боја, но кои истовремено ќе имаат енергетска ефикасност. „Црвените кровови мора да преовладуваат во панорамскиот поглед на градот. Тоа е правило од кое нема отстапување. Доколку граѓаните постават фотоволтаици на покривите, потребно е да се постават панели на барем дваесетина квадрати од покривот за да биде исплатлива инвестицијата. А, со тоа веќе ќе се прекршат правилата за изгледот на старото јадро“, вели Патчев. 

Се бара решение и за спорните климатизери - едно од можните решенија е набавка на клима уреди само со внатрешна единица, или пак поставување на надворешниот уред на затскриено место, каде нема „да боде очи“. Слично решение се гледа и за соларните бојлери, кои би можеле да бидат поставувани во затскриен дел под покривот, место на високи држачи на кровот.

Слични решенија се во игра и за дуќаните во Старата чаршија во Охрид, кои треба да ги маскираат клима уредите со метални табли, кои не се флуоресцентни, или пак со реклами, со што ќе се зачува автентичниот изглед на овој дел на градот. 

Еснафот смета дека е недозволиво што важат вакви ригорозни правила за старото градско јадро во Охрид. Бараат ова прашање сериозно да се разгледа од домашните институции, но и да се упати барање до УНЕСКО, на кое ќе му се воочи дека во екот на енергетската криза треба да се олабават ригорозните барања за стариот дел на градот. 

„Особено што имајќи ја предвид улогата на искористувањето на сончевата енергија и заштитата на животната средина, небулозно е што не се дозволува поставување на фотоволтаици во најфреквентниот дел на градот, каде што се наоѓаат и најголемиот број на сместувачките капацитети за туристите“, велат од Охридскиот еснаф за ДВ. 

Ерхан Су излезот од оваа ситуација го гледа во две решенија: измена на законското решение и дозвола на објектите во стариот дел на градот да постават фотоволтаици или пак субвенционирање на сите објекти со адреса во стариот дел на градот со минимум 50% од нивните сметки за струја.

„Да најдеме решение и да не дозволиме стариот дел на градот Охрид од стар град да стане мртов град“, апелира тој. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми