1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработник на АфД уапсен поради шпионажа за Кина

ЖА
23 април 2024

Полицијата во Дрезден уапсила лице за кое постои сомневање за шпионажа во корист на Кина. Станува збор за соработник на водечкиот кандидат на АфД за европските избори, Максимилијан Крах.

 АфД, Максимилијан Крах
Уапсен соработник на европскиот пратеник на АфД, Максимилијан КрахФотографија: Ronny Hartmann/AFP/Getty Images

Полицијата во Дрезден ноќеска го уапсила 43-годишниот Џиан Г., кого германскиот Сојузен обвинител го сомничи дека бил агент на тајна служба на странска држава, односно дека работел за кинеската тајна служба. Џиан Г. работи како асистент на европскиот пратеник  на АфД,  Максимилијан Крах и според информациите живее и во Брисел и во Дрезден. Истрагата претпоставува дека во оваа улога тој пренесувал информации од парламентарните активности во Европскиот парламент до кинеското Министерство за државна безбедност (МСС). Првенствено го обвинуваат дека ги шпионирал кинеските опозиционери во Германија.

Г. не им е непознат на германските безбедносни власти, според истражувањата, пред најмалку десет години им се понудил да работи како информант. Сепак, очигледно не дошло воопшто до никаква соработка. Во тоа време, тој се сметал за несигурен и можен двоен агент на Кина.

Г. е германски државјанин веќе неколку години, но има кинески корени. Тој дошол во Дрезден во 2002 година како студент и на крајот работел како бизнисмен. Привремено бил член на СПД. Со Максимилијан Кра, кој работел како адвокат во Дрезден, се запознал во врска со основањето компанија. Минатата година, информативниот порталот t-online беше првиот што објави за сомнителните односи на  пратеникот од АфД,  Крах со Кина, како и на неговиот помошник Г. и основачки компании и здруженија поврзани со Кина. Кога Крах влезе во Европскиот парламент  за АфД во 2019 година, како асистент го ангажирал Г. Во оваа улога тој имал пристап до информации од парламентарните активности, кои несомнено би биле од голема вредност за кинеската тајна служба.

Долги години Г. бил активен и во кинеското опозициско движење во странство. Се вели дека тој ја искористил оваа врска за да ги шпионира членовите на кинеската опозиција за кинеската тајна служба.

Вчера во германските покраини Хесен и Северна Рајна Вестфалија беа уапсени еден маж и еден брачен пар, за кои Сојузното обвинителство има сомнеж дека  биле во контакт со кинеската тајна служба на која и` обезбедувале информации за воени технологии. Според АРД, јавниот германски сервис, двата случаи не се поврзани.

Кинеската амбасада во Берлин вчера ги отфрли наводите за шпионирање од страна на трите уапсени лица. Кинеската новинска агенција Ксинхуа објави: „Ја повикуваме германската страна да престане да го користи обвинението за шпионажа за политичко манипулирање со имиџот на Кина и клеветење на Кина“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми