1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Соседите на Судан се многу загрижени

Мартина Швиковски
24 април 2023

Борбите во Судан им задаваат главоболки и на соседните држави. Економски, хуманитарно или безбедносно-политички - подобрување на ситуацијата е многу важно за Јужен Судан, Чад и Египет.

Картум Судан
Траги од борбите во продавница во КартумФотографија: Omer Erdem/AA/picture alliance

„Судан останува центар на долготрајни кризи, често е сцена на воени конфликти”, вели во интервју за ДВ Марина Петер, основач на Форумот за Судан и Јужен Судан. „Ако во една од овие земји, без оглед на тоа дали е Египет, Либија, Чад, Централноафриканската Република, Јужен Судан, Етиопија, Еритреја или со поглед на Црвеното Море - Саудиска Арабија, избие конфликт, секогаш е погодена и соседната држава”, посочува Петер.

Во со години политички нестабилниот Судан веќе една недела се водат битки за превласт меѓу двајцата најмоќни генерали и нивните единици. Од една страна е генералот Абдел Фатах Ал Бурхан, а од друга Мохамад Хамдан Дагло и неговата паравојска РСФ. Со избивањето на насилството во Судан, расте и опасност од дестабилизација на регионот, нагласува Петер.

Јужен Судан: Нафтата извор на приходи

Сите земји зависат од добри релации со Судан, оценува Петер, но тоа особено важи за Јужен Судан, кој во 2011 година декларираше независност од северот. Таму од самиот почеток за власт се борат различни групации. Кон крајот на 2013 година, во младата држава изби граѓанска војна со стотици илјади жртви. Од околу 11 милиони луѓе во Јужен Судан, неколку милиони пребегаа во соседните држави или во помирните делови од Јужен Судан. Од 2020 војната формално важи за завршена, но мирот е фрагилен. „До денес има борби со востаниците на различни места во Јужен Судан”, вели експертката Петер.

Заедничката историја силно ги поврзува луѓето во двете земји, вели и Герит Курц, експерт во истражувачката група Африка и Среден Исток при Фондацијата Наука и политика од Берлин. „Многу луѓе од двете земји живеат или престојуваат во другата земја, меѓу нив и бегалци, и секако дека постојат тесни политички и економски врски”, вели Курц во интервју за ДВ.

Сини шлемови на ОН во Јужен Судан (2018)Фотографија: Sam Mednick/AP Photo/picture alliance

Јужен Судан, според Курц, е зависен од девизите кои ги добива преку продажба на сурова нафта. Околу 95 проценти од јавните приходи се од нафта. За извозот е клучен Судан. Нафтоводот се протега низ територијата на Судан до Црвеното Море. Владата на Јужен Судан од тие причини е екстремно заинтересирана таквата врска да опстане, вели Курц.

Но, и самата тамошна влада е во интерен спор, во кој досега како посредник се јавувал лидерот на РСФ, Дагло. „Тоа сега отпаѓа, а страните во Јужен Судан се обидуваат и да се позиционираат во однос на конфликтот на северот, така што тоа би можело да доведе до експлозија на насилство во Јужен Судан”, вели Курц.

Хуманитарна криза во Чад

Војската на Чад соопшти дека разоружале 320 членови на паравојската од Судан, кои ја преминале границата. Но, пред сѐ доаѓаат цивили. Во Чад се дојдени бегалци од регионите на западот на Судан каде што се водат борби, потврди министерот за комуникации Азиз Махамат Салех во интервју за ДВ - и тоа иако границата долга 1500 километри, е затворена. Чад, земја на гостопримството, не може херметички да ги затвори премините, вели Салех. „Апелираме за поддршка од нашите меѓународни партнери во оваа хуманитарна криза во најава”, вели тој.

Чад веќе се грижи за повеќе од половина милион бегалци, посочува министерот Салех и додава дека долготраен конфликт може долгорочно да влијае на целиот регион, меѓу другото и на билатералната трговија со Судан. Меѓу двете соседни земји традиционално има многу движења во пограничните региони, дури и од овчари кои своите стада ги пасат од обете страни на границата. За време на конфликтот во Дарфур релациите се влошија, но во меѓувреме се стабилизираа.

Египет - сојузник

И Египет има долгогодишна заедничка историја со Судан, не само како трговски партнер. Судан во времето на фараоните бил дел од Египет и се викал Нубија. Кратко време Нубијците владееле со Египет, но потоа двете земји биле ставени под контрола на британските колонијални власти.

Двете земји имаат слични култури, релациите меѓу некои судански елити и Египет се блиски, вели Курц. „Многумина студирале во Египет, таму се обучувани војници или пак редовно апсолвирале вежби во Египет”, објаснува Курц.

Брана на Нил во Етиопија - спорот околу Нил е актуелен откако Етиопија прави брана за огромната хидроцентрала „Герд”Фотографија: Amanuel Sileshi/AFP/Getty Images

При избивањето на актуелниот конфликт, членови на египетското воено воздухопловство биле на вежби во Судан. Според податоци на суданските власти, 177 лица се евакуирани во Египет.

Воениот режим во Египет во воената влада во Судан повеќе гледа сојузник: „Релациите се блиски, пред сѐ меѓу безбедносните сили и војската", вели Курц.

Друг аспект е спорот околу Нил,кој е актуелен откако Етиопија прави брана за огромната хидроцентрала „Герд”. Египет во спорот сака „да го придобие Судан на своја страна”, оценува Курц. Околу прашањето се преговара со години, но готов трипартитен договор не постои.

Египет, заедно со Јужен Судан, уште во рана фаза се понуди како посредувач меѓу војската и РСФ. Стабилен Судан е во заеднички интерес на сите соседни држави.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми