1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соседски „мини“ пред првата посета на Мицкоски во Брисел

19 септември 2024

Од прес-службата на Радев порачаа дека допрва ќе се суди за „цивилизираноста“ на владата на РСМ, а бугарското МНР ги известило партнерите во ЕУ „за неиспровоцираните провокации“ од Скопје.

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска во Брисел треба да присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен,
Премиерот Христијан Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан денеска во Брисел треба да присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен,Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Првата посета на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на Брисел, се одвива во време на бура од реакции во Софија, по изјавата на вицепремиерот Александар Николоски дека отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска- Радев покажува дека домаќинот (Бугарија) ниту е цивилизиран, ниту има каква било почит.

Реакциите се совпаднаа со терминот кога во рамки на посетата, премиерот Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан во Брисел треба да присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен, да има средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како и со Генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување Герт Јан Компан.

„Оваа дипломатска средба на премиерот Мицкоски е со цел интензивирање на досегашната соработка и е важна за процесот за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ“, велат од Владата.

Вештачки наметнати пречки

На средбите на премиерот со неговите согворници ќе бидат опфатени прашања кои се однесуваат на регионалната стабилност, зголемена економска соработка, усогласување на реформите со европските стандарди, владеење на правото и борба на Владата против корупцијата и криминалот.

„Мицкоски ќе претстави план за економски раст и ќе истакне дека дипломатските компромиси мора да престанат, инсистирајќи на решавање на клучните прашања преку европските институции, наместо билатерални договори кои го блокираат пристапувањето. Македонија веќе долго чека на своето заслужено место во ЕУ, а премиерот Мицкоски ќе се сретне со европските лидери во Брисел, барајќи поддршка за забрзување на процесот на интеграција“, велат од Владата. 

Македонија веќе долго чека на своето заслужено место во ЕУ, порачаа од македонската ВладаФотографија: DW/F. Schmitz

Во однос на тоа прашање, премиерот вчера најави дека сака да ги претстави аргументите.

„Сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, по повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија и повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да ги почнеме преговорите, не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала“, изјави Мицкоски, кој во Брисел ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Софија ги известила партнерите во ЕУ

На Копенхашките критериуми се повикува и официјална Софија, во реакција по изјавата на вицепремиерот Николоски, за која вчера се огласи прес-службата на бугарскиот претседател Румен Радев.

„Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13-ти септември, очигледно силно обеспокои одредени кругови во Владата на Северна Македонија. Манипулацијата на фактите и хистеричните реакции на Владата на РСМ не будат оптимизам дека нашата југозападна сосетка сака односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и режираните скандали. За ‘цивилизираноста’ на новата влада на РСМ допрва ќе се суди според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување на јазик на омраза кон Бугарија или ќе им се спротивстави со нејзина способност да ги почитува меѓународните договори и со нејзино вистинско ангажирање со исполнување на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Припадноста кон Обединета Европа бара вистинска волја, системски напори и конкретни резултати“, се вели во реакцијата на прес службата на Румен Радев.

Бугарскиот претседател Румен Радев со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на спорната средба во Софија без истакнато македонско знамеФотографија: President RNM

Претходно, бугарското МНР во официјално соопштение посочи дека веќе ги известило нивните партнери за неиспровоцираните провокации од РСМ, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот.

„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од официјални лица од Република Северна Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив тон со доброто воспитување. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија“, соопшти бугарско МНР.

Борисов очекува оставка во Скопје

Додека бугарското МНР одбива „таков тон“, бугарските политичари не се воздржаа од коментари.

„За јазикот што го користат има само едно оправдување - оставка на тој министер“, изјави во Собранието лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов.

„Ако не го направат тоа, ниту претседател, ниту министри, ниту партии не треба да се гледаат и да разговараат со нив“, повика Борисов и најави дека ГЕРБ ќе направи сѐ што е неопходно ЕНП (EPP) „да дознае што зборувале (во РСМ - н.з.) Јавно, пријателски средби со овие луѓе, дури и поврзани со опера, не треба да се прават надвор од официјалното“, повика Борисов, оценувајќи дека властите во Скопје од неодамна се на функција и можеби не се запознаени со државниот протокол.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко БорисовФотографија: BGNES

Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Даниел Митов од редовите на ГЕРБ, изјави дека министер во влада на европска земја нема право да користи такви зборови, не само во однос на соседот, туку и кон која било друга европска земја или европски народ.

„За нас е важно да видиме каква ќе биде реакцијата на премиерот на Република Северна Македонија и на Владата. За ваква навредлива квалификација во една европска држава се ‘зема‘ главата на министерот веднаш, моментално фрчат оставки“, рече Митов.

Асен Василев од ПП-ДБ изјавата на Николоски ја оцени како навредлива и неодмерена.

„Има пишани договори меѓу Европската унија, Бугарија и Македонија кои ги штитат бугарските интереси и тие мора да го спроведат овој договор доколку сакаат да влезат во Европската унија“, рече Василев, со порака дека за изјавите на Николоски очекува и коментар од Европа.

Јорданов од ИТН: Тоа е територија!

Црвената линија ја помина претседателот на пратеничката група на ИТН Тошко Јорданов, кој РСМ ја нарече територија, а претседателката Сиљановска граѓанка.

"Посетата кај претседателот Радев на таа дама, која се води како амбасадор на територијата на Северна Македонија е неофицијална (нејасно е дали по грешка ја нарече Сиљановска „посланик“ (амбасадор) наместо „президент“ (претседател) - н.з). Таму нема потреба да се ставаат знамиња, бидејќи граѓанка од Северна Македонија се видела со претседателот Радев. Супер", изјави Јорданов пред бугарските новинари.

Потсетувајќи дека е историчар, рече дека „не постои заедничка историја со РСМ, од проста причина што тоа е бугарска историја".

„Тие (РСМ-н.з.) се дел од бугарската историја и може да се согласиме дека имаат нешто како историја од 1944 -45 година, кога ги создаваат по коминтерновска линија. Имаат историја како територија. Како народ немаат, затоа што се дел од бугарската историја (...) Тие ќе исчезнат. Бугарија е поголемата држава, вистината е на наша страна. Тие се минливи, ќе ги почекаме да исчезнат, не брзаме“, рече Јорданов.  

Претседателот на пратеничката група на ИТН, Тошко Јорданов (во преден план)Фотографија: BGNES

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски завчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека работа на домаќинот е да покаже минимум пристојност.

„Ама затоа што домаќинот очигледно ниту е цивилизиран - слободно нека пратат за ова протестна нота, ниту е пристоен, ниту има каква било почит, затоа работава е ваква каква што е. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, затоа што истите тие потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите коишто потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик. И истите што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и дека имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е мизерно, дно е тоа", рече вицепремиерот Николоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми