1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Шоуто на Кимел симнато од програма поради изјавите за Кирк

ЕМФ | агенции
18 септември 2025

Американската телевизија Еј-Би-Си, која е дел од концернот Дизни, го откажа шоуто на Џими Кимел на неодредено време.

Маж со брада (шоу-водителот Џими Кимел) позира за фотографија со блага насмевка
Џими Кимел досега не реагираше на одлуката на Еј-Би-СиФотографија: Richard Shotwell/Invision/AP Photo/picture alliance

Шоуто на Џими Кимел е симнато од програмата на Еј-Би-Си поради неговите изјави во врска со убиството на ултрадесничарскиот активист Чарли Кирк. Шоуто се симнува од програмата „на неодредено време“, изјави портпарол на Еј-Би-Си.

Одлуката на Еј-Би-Си доаѓа кратко по изјавата на Ендру Алфорд, претседател на медиумската групација Некстар, која е еден од најголемите сопственици на партнерски станици на Еј-Би-Си, дека „изјавите на господин Кимел за смртта на господин Кирк во критична фаза на нашиот национален политички дискурс се навредливи и несензибилни“.

Американскиот медиумски регулатор ФЦЦ претходно се закани дека ќе им ги одземе лиценците на станиците што ја емитуваат емисијата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го изрази своето задоволство од откажувањето на шоуто на Кимел, кој е жесток критичар на десничарскиот популист.

Кимел, кој досега не реагираше на одлуката на Еј-Би-Си, во својата емисија го обвини движењето на Трамп, МАГА, за политичка инструментализација на убиството на Кирк. „Имавме некои нови падови во текот на викендот, бидејќи бандата МАГА очајно се обидуваше“ да го прикаже човекот што го уби Чарли Кирк „како сè друго освен еден од нив и направи сè што можеше за да извлече политички капитал од тоа“, рече тој.   

Ултрадесничарскиот активист Кирк беше застрелан пред една недела за време на настап на универзитетски кампус во американската сојузна држава Јута. Кирк се сметаше за еден од највлијателните десничарски активисти и глас на американскиот претседател Доналд Трамп со кој треба да се допре до младите. Според властите, Кирк бил застрелан од 22-годишниот Тајлер Робинсон. Тој е уапсен и обвинет за убиство.

Додека демократските политичари го критикуваа привременото откажување на емисијата на Кимел, Трамп ја прослави одлуката како „одлична вест за Америка“. На својата платформа Трут соушал, американскиот претседател напиша: „Шоуто на Џими Кимел, кое се бореше со квотите на гледаност, е откажано. Честитки до Еј-Би-Си што конечно имаше храброст да го направи она што мораше да се направи.“

Трамп долго време ги напаѓа шоу-водителите кои го исмејуваат. Меѓу нив е и Стивен Колберт, чие шоу ќе биде откажано следната година. Во средата (17.09), Трамп ја повика Ен-Би-Си да ги откаже и емисиите на Џими Фалон и Сет Мејерс. „Со тоа остануваат само уште Џими (Фалон) и Сет (Мејерс), двајца тотални губитници“, напиша Трамп. „Нивниот рејтинг е исто така ужасен. Направете го тоа, Ен-Би-Си!!!“

Во Лос Анџелес, каде што се снима емисијата на Кимел, фановите го изразија своето негодување од откажувањето на шоуто. „Секоја телевизиска емисија што зборува против Доналд Трамп, тој се обидува да ја затвори“, вели 51-годишниот Томи Вилијамс. „Ја губиме слободата на говорот. Ова се случува во Русија, Северна Кореја и Кина, на државната телевизија.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми